Како автор на овие преслатки и автентични кукли стои Ана Ристоски која по професија е дипломиран инженер по проектирање и технологија на мебел, но последниве години решила да го следи својот сон и да ја изрази креативноста преку изработка на овие кукли.
Таа вели дека љубовта кон шиењето ѝ ја има пренесно баба и од која и ја наследила машината за шиење.
„Јас сега шијам на таа иста машина од 1908 година. Убаво е чувството да користиш механичка машина 😊 како да го оживеав духот на некое минато време, и се потсетив на детските и тинејџерските денови кога си шиев некои парчиња за себе, сакајќи да имам нешто уникатно. И денес со куклите е исто, сакав да направам и понудам нешто уникатно и безбедно за нашите најмили, бидејќи живееме во време кога сме преплавени од пластични играчки. За изработка на една Бабу кукла потребно е повеќе од 7 часа време и нерационално големо количество љубов“, вели Ана.
„Најголем предизвик во изработката на куклите ми беше моделирањето. Откако ќе го дефинирав ликот, инспирацијата за облеката доаѓа сама. Куклите се изработени од квалитетни мебел штоф материјали, може рачно да се перат. Истото важи и за облеката која може да се менува и да се комбинираат повеќе аутфити. Големината на куклите е 48-52 цм. Да бидам искрена најголемата поддршка за целава оваа работа ја имам од сопругот, кој е и автор на фотографиите бидејќи воопшто не е лесно во ова време да се остави ‘сигурната’ работа и да се следи сонот. Куклите моментално ги продаваме преку Instagram и Facebook, а во план е изработка и на веб страна и Еtsy продавница“, додава Ана.