Евгенија Арсова од „Гледај.мк“, нашите соработници за филмски рецензии, ја обработува тематa за британското кралско семејство низ призмата на The Crown, серијата на „Нетфликс“.
Сите барем еднаш, ако не и повеќепати имаат слушнато некоја верзија на приказната за животот на членовите од британското кралско семејство. Но, главниот извор на информациите секогаш биле најразличните медиуми, преку кои не може да се очекува да се осознае нешто вистинско за нив, токму поради шоуто, кое тие го изведуваат сокриени зад маската на беспрекорот, додека камерите се вперени кон нив.
Како и да е, неодамна на телевизиската сцена беше разоткриено она кое се случува зад портите на Бакингамската палата, кога маските се извадени, а камерите исклучени прикажувајќи го кралското семејство во сосема ново светло, преку ТВ – серијалот „Круната“. За оваа историско – политичка драма е заслужен британскиот сценарист и продуцент Петар Морган, кој е најпознат по вешто напишаните сценарија за филмовите: „Фрост/Никстон“, „Последниот крал на Шкотска“ како и „Кралицата“, на кои наскоро ќе им се придружи и серијалот „Круната“. Во неговите проекти јасно се гледа дека тој е голем фанатик на историјата, политиката, додека најмногу од сè на кралските семејства, кои сака да ги доближи повеќе до светот, докажувајќи дека на крајот на денот тие не се ништо повеќе од само обични човечки суштества како и сите останати.
Во „Круната“ е раскажана приказната за животот на семејството Винсдор, од гледиштето на моменталниот владетел на Велика Британија кралицата Елизабета II, која е позната по најдолгото владеење во историјата на Британското кралство. Започнувајќи со своето владеење на возраст од 25 години, кралицата (Клер Фој) нема простор за тагување по својот скоро починат татко, поранешниот крал Џорџ VI (Џеред Харис), бидејќи со круната си доаѓаат соодветните должности како и притисокот од високите очекувања. Од друга страна пак ја имаме принцезата Маргарет (Венеса Кирби), помладата сестра на кралицата. Во неа се забележува слободен дух и очајна желба за власт. Маргарет е свесна дека не може да седне на престолот, но тоа не ја спречува да се обидува на секој можен начин да се издигне над кралицата, покажувајќи ѝ на јавноста дека таа е најзаслужна за таа позиција. Скандалот не го избегнува ниту пак Филип, војводата од Единбург (Мат Смит), чие минато полека излегува на површината и станува објаснување за голем дел од неговите постапки, како татко на своите деца и сопруг на кралицата.
Комплексноста на улогите не претставува пречка за членовите на актерската екипа, кои без никаков проблем се трансформираат во личности кои буквално живеат во друга димензија. И во моментот кога ќе се помисли дека глумата не би можела да се искачи на повисоко ниво, во третата сезона со обновувањето на екипата во главната улога ја имаме Оливија Колмен, која сите добро ја запомнивме по ланскиот триумф на оскарите. А покрај неа и Хелена Бонам Картер заедно со Тобијас Мензиес, кој одамна немало шанса да се погледне во вакво издание.
Бидејќи поголемиот дел од дејството се случува во Лондон, користена е сива палета на бои, со што се зголемуваат автентичноста и естетиката на самата кинематографија (Адриано Голдмен). На страна од палетата на бои, впечатливоста и атмосферата се темелат и врз костимографијата, која пак е од голем придонес за истакнувањето на временските периоди во кои се одвива дејството. Преку костимографијата се забележува постепена промена во модата, со која се дава одраз на карактеристиките на ликовите преку начинот на облекување. Со стиловите на облекување на обичните граѓани е одразена скромноста и немаштијата, додека пак модата која ја следат членовите на кралското семејство е огледало на раскошот, парите и луксузот кои тие го уживаат.
Сепак без разлика на материјалните богатства и власта која тие ја поседуваат, не е возможно да се промени вистината дека човекот гол дошол и гол ќе си замине од земјата, богатствата нема да бидат со него засекогаш и тој не може со нив да си купи чиста душа и добро срце. Но, кога ќе има шанса да се соочи со тоа ќе биде предоцна, а животот нема да чека.
Оценка: 10/10