Кускус е вид на тестенина која потекнува од Мароко и е застапена во традиционалната медитеранска и магребска кујна. Се прави така што се обликуваат ситни топчиња од гриз од дурум (тврда) пченица со големина од неколку милиметри кои потоа се подготвуваат на пареа. Кускусот практично претставува полуготов производ и еден од најстарите видови на процесирана храна, кој за да може да се конзумира потребно е само да се потопи во врела вода.
Овој рецепт е обединување на вкусовите на Мароко и Северна Африка на едно место. Идеален е за доручек или вечера или како прилог кон главното јадење. Одлично оди со печено јагнешко месо или друго месо подготвено на скара.
Потребни состојки:
КУСКУС
- 200гр кускус
- 1 лажица маслиново масло
- 1 лажица мешан зачин од сув зеленчук
- 350мл врела вода
ПРИЛОЗИ
- ½ путер тиква (butternut squash)
- 1 црвена пиперка бабура
- 2 мали главици црвен кромид
- 1 тиквичка
- Сол, бибер и малсиново масло по желба
- 1 конзерва (400мл, 240гр) наут
- 10 суви кајсии
- 30гр бадеми
- 1 калинка
- 1 китка свеж магодонос
ПРЕЛИВ
- 50мл сок од цеден лимон
- 30мл маслиново масло
- 1 лажичка кумин
- 1/2 лажичка цимет
- Сол и бибер
Подготовка:
- Се подготвува зеленчукот за печење и се сецка на парчиња со приближно еднаква големина. Тиквата, кромидот и пиперката се поставуваат во тавче обложено со хартија, се попрскуваат со маслиново масло, сол и бибер, убаво се размешуваат за да се обложат сите парчиња рамномерно и се печат во загреана рерна на 200°C околу 20 минути.
- После 20 минути зеленчукот се промешува и се додава тиквичката. Се враќа назад во рерна да се пече уште 10-15 минути.
- Додека се пече зеленчукот, се подготвува кускусот. Во длабок сад се става кускусот, се додава маслиново масло и зачин од сув зеленчук и се промешува со лажица. Така сите зрна ќе се обложат и нема да се лепат едни со други. Се додава жешката вода, садот се покрива со капак или фолија и се остава 5-10 минути за да набабри. Потоа се промешува со вилушка и се остава да се олади.
- Се сецкаат кајсиите и бадемите, се чисти калинката, наутот се измива од течноста. Исецканите бадеми се потпекуваат кратко во тавче на рингла на средна температура додека не пуштат мирис.
- Се подготвува преливот, сите состојки се ставаат во мала тегличка со капак и се протресуваат.
- Во готовиот кускус прво се додава наутот и преливот, потоа се додава испечениот зеленчук и исецканите суви кајсии. Се промешува. Се додава магдоносот и повторно се промешува.
- Се сервира со зрнцата од калинка и бадемите.
Ова јадење може да биде одличен избор на храна за носење или храна која се подготвува однапред. Притоа, преливот, кускусот и зачинетиот испечен зеленчук се складираат во посебни садови во фрижидер и се мешаат пред конзумирање. Може да се јаде и ладен, но подобро е претходно да се затопли кратко во тавче на рингла или во микробранова печка.
За повозбудлив оброк, слободно може да се зголеми количината на зачините или да се додаде малку чили или кајен пиперка во прав.
Добар апетит!