Bûche de Noël (познат и како Yule Log) е божиќен колач најчесто оформен како ролат, кој традиционално се служи на крајот од божиќната вечера во Франција, Белгија, Швајцарија, како и во други земји од француско говорно подрачје. Ролатот е декориран така да личи на парче дрво и има за цел да се поврзе со паганските обичаи на ритуално горење на трупци при празнувањето на зимскиот солстициј и верувањето дека исходот од чинот ќе ја предодреди среќата на луѓето во следната година.
Овој рецепт е едноставен за подготовка, не бара некои посебни вештини, особено не во декорирањето (колку понеуредно – толку поавтентично), а на крај остава впечаток дека навистина сте се потрудиле. Лесниот и неоптоварен вкус само ќе го заокружи задоволството и ќе ве мотивира на овој десерт да му дадете нова форма за да го уживате и без повод во текот на целата година.
Потребни состојки (за стандарден плеx за печење со димензии 26см х 38см):
- 1 лажици масло за премачкување
- 1 лажица какао
- 1 лажица шеќер во прав
КОРА:
- 15гр какао во прав
- 20гр брашно
- 75гр темно чоколадо
- 1.5 лажици кокосово масло или растопен путер
- 1/2 лажичка екстракт од ванила
- 4 јајца (поделени жолчки и белки)
- 1/4 лажичка сол
- 100гр шеќер
ШЕРБЕТ
- 2 лажички екстракт од рум или рум/коњак/бренди
- 2 лажички шеќер
- 2 лажички жешка вода
ФИЛ
- 300мл слатка павлака
ЧОКОЛАДЕН ГАНАШ
- 60гр млечно чоколадо
- 60гр темно чоколадо
- 60мл жешка вода што врие
- Прстофат сол
ДЕКОРАЦИЈА:
- Замрзнати вишни
- Гранчиња рузмарин
- Шеќер во прав
Подготовка:
- Се подготвува плехот за печење така што ќе се обложи со масло, а потоа и со хартија за печење која исто така се премачкува со масло.
- На кујнска крпа која е со димензии поголеми од плехот се наросува со сито или цедалка 1 лажица какао и 1 лажица шеќер во прав (претходно измешани на страна во мал сад). Вака подготвената крпа ќе послужи за виткање на ролатот.
- Се подготвува кората: какаото и брашното се мешаат со жица во мал сад за подеднакво да се распоредат. Чоколадото се топи на пареа (или во микробранова) со кокосовото масло (или путерот) и екстрактот од ванила додека не се добие течна изедначена смеса и се остава да се олади. За тоа време се матат белките со миксер заедно со солта додека не се формира пенаста структура, а потоа постепено се додава 50гр шеќер додека не се добие цврста сјајна бела пена.
- Се матат жолчките со останатиот шеќер (50гр) додека не се добие бледа и густа смеса, потоа се додава изладената растопена чоколадна смеса и се мати додека не се изедначат сите состојки. Со силиконска шпатула се додаваат изматените белки на 3 пати и со предиплување се комбинираат двете смеси. На крај се додаваат и сувите состојки и лесно се мешаат. Не треба да се претера со мешање за да не се изгуби воздушестата структура која потекнува од изматените белки.
- Смесата се распоредува во подготвениот плех, убаво се израмнува со слаткарски нож и се пече 10-ина минути во претходно загреана рерна на 180°C. Додека кората се пече, се прави подготовка на филот, односно, се мати слатката павлака.
- Испечената кора се превртува на наросената крпа со какао и шеќер во прав, се одлепува хартијата и се витка во ролат заедно со крпата и тоа додека самата коре е сè уште топла. Се поставува со работ надолу и се остава да отстои.
- Се подготвува шербетот. Сите состојки се мешаат со лажичка во мал сад или чаша. Кората се одвиткува и се премачкува со шербетот, а потоа со филот (не се мачка до крај, се остава појас со ширина од 2см).
- Премачканата кора се витка во ролат, се поставува со работ надолу и се остава во фрижидер да се стегне околу 30 минути.
- Додека ролатот се лади се подготвува чоколадниот ганаш. Чоколадото се крши на ситни парчиња, се попрскува со солта и се полева со жешката вода. Се меша убаво додека не се растопат сите парчиња и не се добие хомогена смеса. Се остава на собна температура 30 мин. до 1 час.
- Изладениот ролат се мачка со ганашот и со вилушка или лажица се гребе по површината за да се направат рабови кои ќе потсетуваат на лушпи од кора од дрво.
- Пред послужување се наросува со шеќер во прав (како асоцијација за снежна покривка) и се декорира со гранчиња рузмарин и замрзнати вишни.
По желба за побогат вкус, во филот, кората или при декорирањето можат да се додадат јатки, парчиња замрзнато или суво овошје.
Среќни празнични мигови и добар апетит.