Not all heroes wear caps – Некои прават коктели, ги пакуваат во преслатко дизајнерско стаклено шише за ти да можеш да си ги уживаш дома! Фасцинирани од тоа што ова за прв пат го гледаме кај нас, но и како големи љубители на коктели (ок, на секаков вид пијачки), решивме да поразговараме со момците од Котур и да ни кажат нешто повеќе на оваа тема.
Котур: Во овие времиња на ковид криза, потребни се креативни решенија за еден мал бренд да опстане. Поради тоа одлучивме да најдеме поинаков пристап за да им станеме достапни на нашите гости. Нашите коктели ги спакувавме во стаклена и реупотреблива дизајнерска амбалажа, за да може да си ги понесат со себе насекаде. Станува збор за ограничен број на коктели кои според нивниот состав и начин на припрема овозможуваат да бидат флаширани и конзумирани во домашна атмосфера без дополнителна припрема или употреба на барски алатки.
Целта на графичкиот дизајн на пакувањето беше да се истакне самото стаклено шише, како и бојата на коктелот. Стиховите се од локални автори и авторки и ја доловуваат вечерната атмосфера во Котур и потсетуваат на духот на улиците на Скопје. Дизајнот на амбалажата е на Игор Делов, а стиховите кои се користени се: „Без С“ од младата поетеса Ива Дамјановски, „Танго револуционер“ од скопскиот бенд ХаХаХа (Васко Атанасоски) и „Зборувај ми за Скопје“ од Нина Спирова.
Видео и фотографија: Марјан Петковски