Во соработка со Тиииит! Инк. објавуваме текст по повод десетгодишнината на фестивалот ПРВО ПА ЖЕНСКО. Прочитајте повеќе за јубилејот на фестивалот за феминистичка култура и акција.
Под слоганот „Години будни“ оваa година ги одбележуваме нашите долгогодишни соработки и остваруваме нови вмрежувања. Тоа е суштинската практика и значење на ПРВО ПА ЖЕНСКО зашто само на тој начин заеднички дејствуваме за градење на заедници кои придвижуваат.
Слоганот на ППЖ оваа година освен што го отсликува нашето десетгодишно активно дејствување во културата и активизмот, исто така гради паралела и со феминистичкото и женско движење на овие простори години наназад. Колку што претставува одбележување на еден ретроспективен преглед во минатото, толку е и повик за нови борби, нови начини на отпор и борба против патријархалните норми, практики и тесниот светоглед – најчесто оправдани како „природниот ред на нештата“. Оваа година ПРВО ПА ЖЕНСКО потсетува на истрајноста на феминистичкото движење и ја потврдува неговата феминистичка визија за слобода и трансформирачка моќ за оние на маргините.
Јубилејното издание го поделивме на два дела: пролетно будење со богата говорна програма и на есен нудиме визуелна програма за сечии будни очи. Фокусот на првиот дел од фестивалот се хуморот и сатирата. Меги Хенефилд – универзитетска професорка (University of Minnesota), го крепи овогодинешниот фестивалски предзнак. „Не постои пожестоко политичко оружје од смеата“ вели таа во нејзиниот текст за клучната улога на комедијата во феминистичкото движење. Субјективната природа на хуморот и неговата зависност од општествениот контекст во којшто се случува, го прават исклучителна алатка за оние коишто сакаат да коментираат, интервенираат или укажат на извесна ситуација или состојба. Сета среќа(!), историски, како главни коментатори се јавуваат мажите. Ова главно произлегува од нивната општествена доминантност, за разлика од жените и останатите малцинства, кои се историски маргинализирани и во областа на комедијата. Ваквата несразмерна алокација на моќ подразбира и веќе утврдена јавна перцепција за тоа што е смешно, со кои ситуации се подбиваме и кои се исмеаните, а најчесто тоа се маргинализираните заедници.
Дискусијата околу хуморот во рамките на феминистичката борба не е ништо ново. Напротив, веќе со години наназад се зборува неспорната субверзивна моќ која се раѓа од феминистичката комедија. Настрана класичните концепти и модели на комедија, социјалните мрежи, особено ТикТок, пласираат нови и свежи начини на кои се исмева мизогината чума во кибер просторот. Оттука, потребата за да се прошири ваквата дебата на овој тип феминистичка критика се чини како логичен следен чекор во приказната за ПРВО ПА ЖЕНСКО.
Заради ова, фестивалот оваа година ја отвора темата хумор како феминистичко средство кое се испречува пред колоната мизогини и штетни стереотипизирања со патријархалниот хумор. Се потрудивме годинешната програма да ја отсликува ваквата заложба за окупирање на овој „машки клуб” и да ја преиспитаме функцијата на хуморот во општествени рамки, од гледиште на исмеаните.
Хуморот преку призмата на феминистичкиот отпор го разгледувавме преку дел од предавањата на школата за феминистичко пишување што ја организиравме заедно со феминистичката платформа Медуза, ФЕМ 101.02. Целта на школата беше да ги подготви учесничките и учесниците за успешно читање на феминистички наративи, аргументирано пишување и застапување преку креативен израз. Низ блок предавања и работилници, учесничките се запознаа со клучни концепти од феминизмот и родовите студии.
Школата беше составена од 5 предавања и 7 работилници, распределени низ скоро три месеци, почнувајќи од 15 март 2022 година.
Познавањето на феминистичката историја, стратегии на отпор и методи на креативен феминистички израз можат да нè зајакнат во борбата против родовата нееднаквост, да ни помогнат во критичкото преиспитување на односите на моќ, родовите релации и нашите сопствени позиции. За таа цел, обуките ги водеа реномирани теоретичарки, професорки, феминистки со обемно искуство и знаење во полињата во фокус на школата: Ирена Цветковиќ, Ана Мартиновска, Елизабета Шелева, Адријана Захаријевиќ, Јени Сунден, Емилија Петреска-Камењарова, Румена Бужаровска, Сузана Милевска, Јана Јакимовска и Кумјана Новакова.
За времетрањето на школата, учесничките имаа можност за практична работа, како и вклучување во тимот на Медуза преку креација и објавување на содржини и по завршување на школата. Како резултат на нивната креативна работа, ќе имаме и фанзин со текстовите на учесничките, којшто дополнително ќе го промовираме.
Сезоната на јавни настани за ПРВО ПА ЖЕНСКО #10 ја стартувавме со Гала вечерта на раскажување женски приказни, овојпат на тема „Цепки“, на иницијативата ПичПрич дуото – Ана Василева и Румена Бужаровска. Настанот се одржа на 13.05.2022 со почеток од 20 часот, во Филхармонија на Република Северна Македонија.
Во склоп на овогодинешниот фестивалски фокус на субверзивната моќ на хуморот, свои интерпретации на темата раскажаа петмина локални раскажувачи кои со своите настапи веќе оставиле голем впечаток на публиката на ПичПрич – уметницата Јана Јакимовска, планинарката и уметница Илина Арсова, писателот Петар Андоновски, радио водителката Маја Казакова, како и режисерката Софија Ристевска. Како и на сите други гала настани на ПичПрич, како гостинка имаме и една регионална раскажувачка, а овојпат тоа беше хрватската книжевничка и активистка Мима Симиќ. После настанот продолживме во Филхармонија кафе бар каде уживавме во диџеј сетот на Илина Ангеловска.
Она коешто со нетрпение го очекувавме е првото феминистичко стендап шоу коешто се одржа на 26.05 во МКЦ Клуб. Во линија со овогодинешниот фестивалски фокус и генерално големиот бран на дискусии за субверзивнта моќ на хуморот и комедијата глобално, на стендап ги гледавме Ангела Стојановска, Софија Ристевска и дрег кралот Борис Геј.
Заземањето на овој (неретко) ексклузивно хетеронормативен простор е всушност од суштинско значење за да се наметне гледиштето на оние кои се најчесто мета на подбив. Затоа решивме да овозможиме простор за наративите коишто им се смеат на исмејувачите и отскокнуваат од рамките на „хехе“ хуморот.
Посетеноста на стендапот беше огромна и се бараше карта плус! Се надеваме дека ваквите настани ќе зачестат не само во фестивалската програма, туку и низ настаните на Тиииит! Инк. низ целата година, затоа што очигледно дека публиката препознава дека на стендап сцената ѝ е потреба феминистичка енергија.
Заедно со Хелсиншкиот граѓански парламент од Бања Лука, ППЖ #10 се приклучи кон кампањата #AŠtoNeBiMogla (на македонски #АЗоштоНеБиМожела) и работилниците за деца и млади кои се одржаа со реномираната босанска уметница Селма Селман, на 5 јуни во Музејот на современа уметност во Скопје.
Целта на едукативните работилници „За еднаквост во работата со уметницата Селма Селман“ е да се поттикнат и мотивираат децата и младите да разговараат за родовата различност и преку тоа да се поттикне намалувањето на родовите разлики при запишување, напредување и задржување во училиштата, како и фокус на образованието и доживотното учење за сите девојчиња и момчиња, жени и мажи. На едукативните работилници учествуваа деца од 7 до 14 години во едната група и млади од 14 до 18 години во другата. Се зборуваше за родовата рамноправност во професиите, родовата нормираност во општеството и училиштето, како и булингот.
СРАМОТА – Вечер на раскажување квир приказни и забава со Зоки Бејбе, иницијатива на ПичПрич дуото, годинава е дел од Скопскиот викенд на гордоста и сме пресреќни што се одржува после двегодишна пауза. Петмина раскажувач(к)и од јавната културна, политичка и општествена сфера раскажуваат кратки приказни за телесниот, родовиот и сексуалниот срам кој ја обележал нивната општествена ненормативност – оттаму, „квир“ како она што излегува од рамките на прифатливиот општествен код. Годинава ќе се одржи во Театар Комедија и ќе ги слушаме приказните на Биљана Гинова, Ѓорѓе Јовановиќ, Јелена Вишњиќ, Лила Милиќ, Ана Аврамоска и Славчо Димитров. Настанот почнува од 20 часот.
Со овие јавно изговорени приказни, срамот се превртува и се трансформира, исмеаниот станува исмевачот – срамот се враќа назад кон оние што занесени во својата арогантност и привилегија, претпоставуваат дека го имаат правото да бидат родова, сексуална и морална полиција и да понижуваат. По настанот се придвижуваме кон Бистро Комедија на журка со диџеј сет на Зоки Бејбе.
Билетите можат да се купат директно во Театар Комедија или онлајн на страницата на Театар Комедија.
(Про)летното издание на фестивалот го затвораме со перформансот „Гол живот“ на Оља Грубиќ и Виа Негатива од Љубљана. Настанот ќе се случува во Дансинг салата на Младинскиот културен центар, со почеток од 19 часот.
„Гол живот“ нѐ повикува да размислиме што значи да се биде вид на живо суштество во светот, да се има тело, услови за постоење, можност за живот? Идеологијата не е решение. Животот е надвор од тоа. Преку поетскиот јазик, „Гол живот“ ја визуелизира интимноста на животното присуство на човечкото тело и динамиката помеѓу неговото физичко, ментално и емоционално постоење.
Идејата и концептот се на Оља Грубиќ а продукцијата е на платформата Виа Негатива. Перформансот го изведуваат Анита Вах, Кристина Алексова, Нина Горопечник, Барбара Куковец, Ена Курталиќ и Оља Грубиќ. Музиката е на Едуардо Раон и содржи фрагменти од делата на Густав Малер -“Das Lied Von Der Were – Der Abschied“ и “C. P. E. Bach: Solfeggietto“. Визуелниот дизајн е на Оља Грубиќ, уметничките насоки од Бојан Јаблановец. Продуцент е Шпела Трошт.
***
// Програма //
Пролетно будење // Говорна и перформативна програма //
- март – мај 2022
Школа за феминизам: ФЕМ 101, во соработка со Медуза (доделување на сертификати на учесничките на 26 мај во клуб МКЦ)
- 13.05.2022 | Филхармонија | 20ч.
ПичПрич на тема „Цепки“ – концепт на Румена Бужаровска и Ана Василева. Учесници: Катерина Попова, Маја Казакова, Петар Андоновски, Софија Ристевска, Мима Симиќ, Илина Арсова и Јана Јакимовска
- 26.05.2022 | МКЦ клуб и ресторан | 20ч.
Stand-up комедија – со Софија Ристевска, Ангела Стојановска и Борис Геј – дрег крал (Глазгов)
- 05.06.2022 | Музеј на современа уметност | 11ч.
„За родова еднаквост потребни се двајца“ – работилница за деца со уметницата Селма Селман
- 11.06.2022 | Театар Комедија | 20ч.
Срамота! и забава со Зоки Бејбе (во рамки на Скопски викенд на гордоста)
- 18.06.2022 | Младински културен центар – Дансинг сала | 19ч.
„Гол живот“ – перформанс на Оља Грубиќ (ВиаНегатива, Љубљана)