Изложбата „Цртање приказни“, зад која стојат авторите Иванка Апостолова, Гаја Смилевска, Матеј Богдановски, Вук Митевски, Иван Ивановски и Ѓорѓе Јовановиќ, ќе биде отворена денеска во 20 часот во МКЦ и ќе трае до 16 јуни.
Изложбата прикажува стрипови на автори од повеќе генерации, со особен фокус на нивните стрип-дела работени по мотивите на современи македонски писатели или во комплетно авторство (цртеж и текст) на авторите.
„Набљудувајќи го стрипот, не само како визуелен туку и како општествен факт, преку оваа изложба настојуваме да го прошириме погледот на можните начини на презентирање и промовирање на стриповите притоа отворајќи простор за дискусија за продукцијата, пред сè, на некомерцијалните авторски стрипови. Токму авторскиот стрип се позиционира како составен дел на визуелната култура и воопшто на културната продукција, па затоа треба да продолжи да се афирмира и да се подига неговата свест не само за уметничките туку и за комуникациските и едукативните потенцијали. Освен неоспорниот формален уметнички квалитет на цртежот, колажот или фотографијата, стрипот се гледа првенствено како исклучително убедлив збир на визуелни и вербални знаци, кои својата магична привлечност ја должат на начинот на кој ја раскажуваат приказната“, велат организаторите на настанот.