Гоце Илиевски е еминентно име во светот на илустрациите и анимациите. Овој ликовен уметник зад себе има голем број локални и светски проекти и изложби, а со својот систематски пристап кон работата и желбата за творење е вистински пример за успех.
Да си дел од проекти на светски продукции како „Нетфликс“, „Брејк тру продакшнс“ и др. значи… Работата на поголеми проекти за мене е обично предизвик, но и можност да ги покажам своите креативни капацитети. Со некои од овие компании сум работел на анимации за документарни филмови, музички видеа или долгометражни анимирани филмови. Обично, секој проект си носи своја проблематика за решавање, но и свој креативен предизвик што го прави процесот многу позабавен за мене. Од секој проект се обидувам да извлечам искуство повеќе и на некој начин да се надградам додека работам.
Проектот „Со љубов, Винсент“ ми донесе… „Со љубов, Винсент“ e долгометражен филм што беше номиниран за „Оскар“ во 2018 година. Филмот е комплетно насликан со маслени бои, односно анимиран во традиционална техника на анимација, каде што секој фрејм, односно мал дел од секундата е рачно насликан и анимиран. Процесот на работа е исклучително комплексен и тежок, бидејќи секој потег се нанесува рачно и треба да биде поместен за многу мал дел во следниот фрејм, а притоа да ги задржи потполно истата нијанса на боја и манирот на кој е нанесен – односно, во стилот на Винсент ван Гог. Се работеше во Вроцлав, во Полска, и таму имав можност да работам со голем тим на врвни уметници и аниматори од целиот свет и да се запознам со големи имиња од филмскиот свет. Искуството многу ми помогна да научам повеќе за традиционална анимација.
Мојата љубов кон илустрацијата и анимацијата по првпат ја забележав… Имам подолга заднина како уметник кој се занимавал со традиционални сликарски техники. Отсекогаш сум имал интерес за анимација и илустрација, но со нив активно се занимавам последнава деценија.
Современите дигитални форми на уметност нудат… Дигиталната уметност нуди неограничени можности, исто како и традиционалната, на платно или хартија. Колку што подлабоко ќе навлезе човек во проблематиката, толку сè појасно станува дека алатката на работа не е најважна, бидејќи сепак основните ликовни закони и проблеми важат секаде, на пример бојата, линијата, формата и нејзиниот меѓусебен однос и големина итн. Мојот пристап е таков што и кога работам дигитално, сепак цртам со рака, користејќи се со пен таблет, а предноста кај дигиталниот пристап е тоа што нуди повеќе можност за промени, особено во делот на боите, бидејќи во тој посветувам посебно внимание. За анимацијата, дигиталните програми нудат огромна можност за цело студио во компјутер и лесно придвижување на фрејмовите, во споредба со традиционален пристап на анимација.
Подготовките за еден проект почнуваат со… Вообичаено, секој проект почнува со некои брзи скици, каде што се оформува главната креативна идеја. Понекогаш тој дел знае да биде и најтежок, бидејќи тука се поставува скелетот на идејата и композицијата.
Најголем предизвик кај ликовите кои ги анимирам ми е… Нивното движење и времетраењето на акцијата е секогаш голем предизвик во анимацијата. Но, тоа ги прави работите поинтересни.
Најкомплексната човечка емоција според мене е… Би рекол љубовта, но мислам дека таа доаѓа од посебно место и е многу тешко да се опише со зборови. Тесно поврзана со неа е емпатијата, бидејќи мислам дека за неа е потребен посебен капацитет и таа е одлика на висок еволутивен развој кај човекот и висока интелигенција. Да се сочувствува со некого или со нешто, значи капацитет човек да се стави во нечија друга позиција и да го разбере другиот. Но, ова не го ограничувам само на сочувство кон други луѓе, иако е тоа можеби најкомплексно туку и сочувство воопшто кон сè во светот. Емпатија не значи само разбирање на нечија тага туку и искрена радост на нечии туѓи успеси. Сочувството во сè во животот е нешто што многу му недостига на нашето општество.
Месечината е често инспирација за моите дела затоа што… Месечината е светлина во ноќта и во моите дела има повеќеслојно значење и влијание, метафизичко, астролошко, емотивно и астрономско. Месечината сум ја среќавал често во мојот пат кон себеспознавањето, но исто така сум воодушевен и едноставно од тоа како визуелно изгледа на ноќното небо. Затоа што не ги земам работите здраво за готово, туку размислувам за светот околу мене, за мене месечината е посебно интересна како блиско небесно тело, голема топка на небото, каде што јасно и со голо око се гледа формата. Размислувајќи за други планети и космички тела, кои не се гледаат непосредно така едноставно со голо око, месечината е непосреден, најблизок пример за тоа што сè има во универзумот.
Најголем професионален предизвик ми е… Немам точно определени предизвици затоа што постојано учам и се развивам. Во секој проект гледам да дадам најдобро од себе. Можеби работа на некој долгометражен анимиран филм во иднина би бил интересен проект што би сакал да го водам.
Анимиран лик кој е најблизок до мојот карактер е… Не сум сигурен за тоа колку е близок до мојот карактер, но на некој начин се чувствувам близок со карактерот на Ашитака од анимираниот филм „Принцезата Мононоке“ (Princess Mononoke). Го препорачувам филмот, бидејќи е ремек-дело на студиото „Гибли“, т.е. на режисерот Хајао Мијазаки.
Кампањата ,,Вистински слободна – Заедно со Халкбанк” која беше носечка во последното издание на Портрет магазин имаше цел , да ги охрабри и инспирира жените да дојдат до сопствени финансиски средства и до посакуваната финансиска слобода.Токму поради тоа остваривме соработката со Халкбанк, кои креираа интегрирана платформа за поддршка на жените во земјава, за која сметаме дека е многу важна за подигнување на финансиската писменост и женското претприемништво. Нивното настојување да се зборува за овој проблем, производите и големиот број олеснителни услуги што ги нудат за женските сопственици на микро, мали и средни претпријатија, поттикнувањето и помошта на голем број женски стартап-бизниси, ја прави оваа компанија главен сојузник на женскиот економски просперитет. Нашата заедничката борба за финансиски независност, родова рамноправност ја крунисавме со уште една наша омилена, заедничка љубов, а тоа е љубовта кон македонската уметност и врвните креативци. Па, затоа ги поканивме и им ја отстапивме нашата насловна страница на петмина графички дизајнери и илустратори, од нашата земја, преку своите дела да ја испратат својата порака, својот став на оваа многу значајна тема. Голема благодарност до: Ертунч Сали, Ирина Атанаскова, Гоце Илиевски, Руки Чуки и Ѓорѓи Десподов, кои со големо задоволство прифатија да бидат дел од овој проект. Тие ја визуализираа состојбата, ги обоија надежите, ги нацртаа очекувањата за подобра иднина и ја доловија жената која е вистински слобода.