Прицкеровата награда, најпрестижната награда во архитектурата, оваа година е доделена на архитектот роден во Буркина Фасо, Диебедо Френсис Кере, првиот африкански архитект што ја добива оваа награда.
Кере е награден за „пионерските“ дизајни кои се „одржливи за земјата и нејзините жители — во земји со екстремен недостиг“, истакна во соопштението Том Прицкер, претседател на фондацијата Хајат која ја спонзорира наградата.
Тој е познат по изградбата на училишта, здравствени установи, станови, граѓански згради и јавни простори во многу земји во Африка, вклучувајќи ги Бенин, Буркина Фасо, Мали, Того, Кенија, Мозамбик, Того и Судан.
Како што објави Том Прицкер, Френсис Кар е 51-от добитник на наградата основана во 1979 година, наследувајќи ги Ен Лакатон и Жан-Филип Васал. Архитектот Кензо Танге, кој направил план за обнова на Скопје по земјотресот во 1963 година, ја добил ова награда во 1987 година.
Пофален „за подароците што ги создал со својата работа, подароци што ги надминуваат рамките на архитектонската дисциплина“, признатиот архитект е подеднакво присутен во Буркина Фасо и во Германија, како професионално така и лично.
Роден во Гандо, Буркина Фасо, во 1965 година и живее во Берлин, Германија, Френсис Кере работи на „подобрување на животите и искуствата на безброј граѓани во регион во светот кој понекогаш е заборавен“, објаснува Прицкер.
Кере е најстариот син на селскиот поглавар и прв во неговата заедница што посетувал училиште, а чувството за архитектура му потекнувало од училишната училница во детството во која немало вентилација и светлина, од една страна, и од слабо осветлени, но безбедни простори каде неговата баба седела и раскажувала од друга страна.
Во својата младост, Кере ветил дека еден ден ќе ги подобри училиштата во екстремни климатски услови овозможувајќи „вистинско учење и возбуда“, а во 1998 година ја основал фондацијата Кере за да собере средства и да се залага за правото на детето на удобна училница.
Неговата прва зграда, основно училиште во Гандо, била изградена во 2001 година со помош на локалното население кое рачно го изработило секој дел од објектот, водени од архитектонски „инвентивни форми на автохтони материјали и модерно инженерство“.
Во соопштението се истакнува дека Кере „ги овластува и ги трансформира заедниците преку процесот на архитектура“, дизајнирајќи згради „каде ресурсите се кревки и дружењето е од витално значење“.
„Преку неговата посветеност на социјална правда и ангажман, и интелигентна употреба на локални материјали за поврзување и одговор на природната клима, тој работи во маргинализирани земји оптоварени со ограничувања и неволји, каде архитектурата и инфраструктурата се отсутни“, велат организаторите.
Кере претходно доби пофалби за неговиот проект за основно училиште во Буркина Фасо и има одржано самостојни музејски изложби во Минхен и Филаделфија.
Во 2017 година, Кере стана првиот африкански архитект кој дизајнирал привремен павилјон во лондонскиот Хајд Парк, престижна задача која му се доделува на светски познат архитект секоја година.