Маркетингот е професија што има многу различни сфери, а со експанзија на дигиталниот маркетинг кај нас се отворија и многу прашања за тоа што нудат на пазарот различните компании. LeanSEM нуди поинаков концепт и голема слобода, но и големи предизвици за дигиталните маркетeри, кои растат и се надградуваат на поинаков начин, со акцент на важноста на секој вработен и можноста да се создадат трајни вредности во развојот на клиентите.
Во последниве години се појавија голем број дигитални маркетинг-агенции. Што ја прави оваа професија толку интересна и барана, а истовремено што ја разликува LeanSEM од другите маркетинг-агенции?
Ирма В. Дигиталниот маркетинг ти овозможува да навлезеш и подобро да ја разбереш публиката, а тоа е она што како креативци и маркетери треба да нè насочува и инспирира. Интересно е тоа што можеш за многу кратко време да дојдеш до значителни информации. Дигиталниот маркетинг е толку „директен“, што само треба да ги поставиш прашањата за да го најдеш одговорот.
Најголемата разлика е тоа што во LeanSEM работиме маркетинг заснован врз перформанси детална анализа на сите податоци што ги нудат платформите и преку кои континуирано ги подобруваме нашите реклами и резултати. Клиенти ни се стартапи и брендови од Америка и Европа, кои трошат и до три милиони долари месечно.
Илина С. Тоа што можеш со својата работа да влијаеш на компании, пазари и купувачи каде било во светот. Нашето позиционирање и нашата понуда е вредност што ја заменува потребата за интерен дигитален тим во компанијата. Главната водилка од почетокот на компанијата ни е давање на премиум резултати и креирање вредност. Од тие причини, во првите две години работевме со само двајца клиенти, за да се осигуриме дека стоиме зад нашето ветување. Стекнувањето профит никогаш не ни било примарна цел, но кога работиш со срце, успесите сами си доаѓаат. Затоа имаме клиенти кои чекаат да ни се отвори капацитет за да можеме да почнеме соработка.
Какви услуги нудите за вашите клиенти и кој е најголемиот предизвик досега со кој сте се соочиле? Како се одвива менаџирањето?
Ивана М. LeanSEM нуди целосна пеј-пер-клик стратегија – почнувајќи од првата интеракција на корисникот, па сè до моментот кога конвертираат. Поконкретно, ова опфаќа стратешко планирање и водење кампањи на „Гугл“ и социјалните мрежи како Фејсбук/Инстаграм вклучувајќи анализа на пазарот, предлог за креативни решенија, како и целосна егзекуција.
Ирма В. Континуиран предизвик е како да стигнеме до подобри резултати секоја недела, па постојано сме во фаза на иновирање, преиспитувајќи ги првичните идеи и што е следно што ќе направи навистина разлика.
Илина С. Постојано работиме на нови експерименти и нови начини како да донесеме вредност. Компаниите на нашите клиенти ги гледаме како свои, ние сме дел од нивниот тим, затоа главна карактеристика во менаџирањето е тоа што луѓето ја имаат слободата за градење и растење на клиентот, но со тоа доаѓа и поголема одговорност.
Ивана Митевска, партнер и директор за клиенти (Account Director)
Како почна вашата приказна во LeanSEM и како изгледаше патот до станување партнер?
Мојата приказна во LeanSEM почнa со „Гугл адс мастерклас“. Ја видов оваа програма точно во периодот кога работев активно на наградување на моето знаење за дигитален маркетинг, особено во делот за „Гугл адс“ реклами. Првично, се пријавив на програмата само за да научам повеќе и мојата крајна цел не беше да се вработам во LeanSEM. Меѓутоа, ова мислење се промени по само неколку часа од програмата.
Покрај тоа што бев импресионирана од сето знаење, начинот на којшто предаваа и пасијата со која размислуваа за сите големи маркетинг-предизвици е она што ме натера да сакам да бидам дел од овој тим. По овој мастерклас, поминав низ неколку интервјуа и најпосле се вработив како специјалист за ППК(PPC Specialist). Уште од првата недела имав јасна слика за тоа кои се моите цели за да стигнам до следното ниво, како и поддршка од менаџерите со редовни состаноци за евалуација и фидбек за мојот прогрес. Поради ова, за само два месеца успеав да стигнам до менаџер за ППК (PPC Manager), титула со која се потврди дека веќе можам беспрекорно да ги завршувам техничките работи, а за шест месеци потоа успеав да станам сениор менаџер за ППК (Senior PPC Manager), што значи дека веќе можев самостојно да барам можности и да го растам клиентот. Најголем предизвик за мене беше следното нивo, директор за клиенти (PPC Account Director) – каде што веќе комуницираш со своите клиенти и, на некој начин, си консултант и за поголеми бизнис и маркетинг-прашања.
Но, успеав да го поминам и тој предизвик и еве, денес, по неполни две години во Lean, веќе сум партнер во компанијата. Би рекла дека партнер во LeanSEM е подлабоко од титула и не се базира на тоа дали си на врвот на хиерархијата. Признанието партнер значи дека тимот верува дека даваш сè од себе за клиентите и гледаш на Lean како на сопствена фирма, бидејќи само со такви луѓе може да се изгради бизнис што ќе нè надживее.
Кој дел од работата особено ви се допаѓа во LeanSEM?
Ми се допаѓа тоа што ниту еден ден не е ист и речиси секој ден имаш нов предизвик. Работиме со клиенти од Силициумската долина за кои знаеме дека го имаат тој „експериментален мајндсет“ и се отворени да тестираат нови работи. Интересно е што секој експеримент е приказна сама по себе – многу ретко можеш да најдеш еден тренд што работи или не кај сите клиенти, па дури ни за клиенти во слична индустрија, бидејќи има премногу варијабли. Ова е највозбудливиот дел од сè.
Постојано ја анализираш психологијата на таргет-персоната, ја дефинираш понудата на клиентот, како таа се споредува со сите конкуренти на каналот, каква порака пренесуваш со рекламата, која е акцијата што сакаш да ја преземат на интернет-страницата итн. Сите овие варијабли постојано мораш да ги набљудуваш, бидејќи често се менуваат. Само еден нов конкурент на пазарот или само еден нова порака од ист конкурент може да смени сè.
Набљудуваш, тестираш, учиш нови работи, менуваш и се трудиш да ја најдеш оптималната стратегија за успех на клиентот. Тогаш, гледаш како еден бизнис расте со твоја помош, знаеш дека си направил нешто вредно, нешто што има големо влијание врз нечиј бизнис – чувството е неверојатно.
Што е потребно за да се успее во дигиталниот маркетинг-свет?
Ќе звучи клише, а сепак прво морам да споменам дека треба да го сакаш тој свет и да уживаш да бидеш во поле помеѓу психологија и анализа на податоци.
Оттука, мислам дека другите работи си доаѓаат природно – треба да бидеш доволно љубопитен за да навлезеш длабоко во двете полиња и, со критичко размислување и поврзување на различни варијабли, лесно ќе дојдеш до „вистината“ зад секој експеримент. Потоа, треба да си доволно храбар за да ја следиш таа „вистина“, дури и да се коси со големи трендови и најдобри практики – треба да си спремен да експериментираш и да си отворен за промени. И за крај, многу важен дел од успехот е да не се плашиш од големите предизвици и проблеми, туку да ги гледаш како можност за иновација и растеж.
Ирма Велковска, лидер на креативниот тим (Creative Team Lead)
Како изгледаше вашиот пат во LeanSEM?
Ја добив вистинската порака во вистинско време. 🙂 Веќе работев како копирајтер во друга маркетинг-агенција, но дигиталниот маркетинг ми беше најмалку познат, а знаев дека крие некои „gems“. Сакав навистина да разберам какво влијание имаат кампањите што ги креирав, сакав да знам дали носат навистина вредност – и за клиентот и за потенцијалниот купувач. Во LeanSEM го добив токму тоа и многу повеќе.
На почетокот ми беше тешко да се приспособам на динамиката и на платформите, особено на „Гугл“, бидејќи ми беше нов неоткриен свет. Предизвик е да кажеш сè во 30 карактери (дозволен број карактери во еден наслов). Но, бидејќи имав супер посветени ментори кои ми помагаа и ме насочуваа во целиот процес, за брзо време успеав да ги совладам сите „непознати“ и напредував од копирајтер во лидер на креативниот тим за една година.
Што е тоа што особено го цените во работата во LeanSEM?
Луѓето и слободата да бидеш целосно одговорен за влијанието што го правиш. Кога работиш со тим што ја дели истата цел, тогаш нема нешто што не би можеле да го „решиме“ или да го оствариме.
Како изгледа работата со клиенти, кои се најголемите барања, како изгледа креативниот процес на осмислување на кампањите/концептите?
Најчесто, ние сме тие што проактивно им пристапуваме на клиентите со нови предлози за концепти, нови канали и можности уште пред самите да помислат на тоа. Овој процес се повторува секоја недела, постојано бараме начини да донесеме пораст и резултати.
Нашата работа е да го разбереме клиентот, неговите купувачи, конкуренцијата и, генерално, индустријата и бизнисот. Методот по кој функционираме се одвива околу истражување и анализирање на овие четири точки. Креативниот процес секогаш е базиран на хипотези и резултати. Силна страна ни е што имаме „увид“ од различните платформи и различните клиенти. Фидбекот што го имаме меѓу тимовите за што функционира кај одредени клиенти, а што не, ни помага побрзо да стигнеме до посакуваните резултати.
Илина Стојановски, човечки ресурси (People Officer)
Имате искуство во неколку индустрии и различни компании – од стартапи до големи корпорации, што е она што ве привлече да се одлучите да се приклучите на LeanSEM?
Низ мојот кариерен пат променив неколку компании од различни индустрии и се здобив со непроценливо искуство. Благодарна сум што имав можност да запознам многу луѓе кои ме инспирираа да бидам уште подобра верзија од себеси. Во секоја компанија влегував со срце и визија да направам разлика за да стане уште подобро место. Но, често чувствував дека нешто ми недостига и дека не припаѓам таму. Колегите со кои сум работела ме познаваат како бунтовник што се бори против статус кво, идеалист што се залага за промени што би помогнале на компанијата и луѓето, некој што не се задоволува со тоа дека работите се такви и така функционираат, човек што сака да креира вредност.
Мојата лична визија е луѓето да се исполнети во срцето и преку тоа што се чувствуваат убаво да ја шират таа позитивна енергија кон семејството, блиските и околината. Земајќи предвид дека голем период од времето поминуваме на работа, сакам да влијаам на тоа поле.
Кога дознав за LeanSEM и ја истражив компанијата, почувствував како да ми зборуваат токму на мене. Ме привлекоа вредностите во кои се пронајдов целосно, понатаму, делот со давање на еднакви можности за развој, како и успешноста на компанијата на интернационално ниво со локално дејствување. Кога дојдов, од првиот ден се почувствував како конечно да сум дома, дека тука припаѓам и луѓето со кои сум опкружена, иако различни од мене, се водени од сличните размислувања и вредности. Постојано наоѓаме начини како подобро да работиме, како да сме подобри како личности, како на крајот на денот да направиме влијание за нашите клиенти, луѓето и околината. Тешко е да се опише со зборови сето ова и често си помислувам дека имав среќа. Среќна сум што не се откажав од тоа уверување дека може поинаку, дека постои поинаков тип компанија каде што секој се чувствува како партнер од првиот ден, каде што енергијата е насочена кон позитивни промени и каде што секој се грижи да направи подобро и да биде подобар.
Што значи стапка на влез во LeanSEM од 3 проценти и кој може да биде дел од LeanSEM, какви карактеристики и услови се бараат, што е најважно за еден кандидат?
Поради начинот на којшто работиме, би рекла дека секој не би се пронашол и не би бил успешен тука. Најпрвин, секој, без разлика на искуството, добива одговорност да води свој клиент. Понатаму, клиентите за кои работиме се со нас со години во индустрија каде што во просек остануваат само неколку месеци. На крајот, и поради културата и вредностите што веќе ги напоменав. Оттука и произлегува таа стапка на влез во LeanSEM од три проценти (3 % turn rate), што значи дека од оние кандидати со кои сме стапиле во контакт само одреден број сакале и сме сакале да бидат дел од нашата компанија. И тоа е сосем во ред, од една страна може и не било вистинското време, а од друга страна, како што веќе споменав, секој треба да си ја пронајде кариерата и компанијата што навистина го исполнува во душата.
За да си успешен во оваа област на дигитален маркетинг сметаме дека не ти е потребен специфичен тип факултет, искуство, академии и слично, туку да ги поседуваш вредностите и желбата да ги разбереш луѓето кои се потенцијални клиенти и да го чувствуваш клиентот како своја компанија што сакаш да биде успешна. Од нашето искуство досега, би набројала неколку карактеристики на успешните маркетeри: љубопитни се, размислуваат критично, проблемите не им предизвикуваат стрес, туку им се интересни, сакаат да наоѓаат решенија, спремни се да експериментираат, отворени се за промени, спремни да ги менуваат своите ставови на база на нови информации, ги разбираат купувачите и нивните однесувања во различни моменти и пригоди, сакаат слобода затоа што се одговорни како луѓе и имаат претприемачки дух во себе. Доколку некој смета дека низ сето ова се чувствува дека се пронаоѓа, го охрабрувам да стапи во контакт со нас и да се запознаеме.
А оние што стануваат дел од LeanSEM и прават влијание, имаат можност да растат, ценети се, се дел од одлуките што влијаат на нашата визија, па би сакала да споменам и дека секој од нас има можност да стане партнер во компанијата. Веруваме дека бизнисот е тимска игра и секој заслужува еднакви можности.
Како ја гледате иднината на LeanSEM, која е вашата визија?
Сакаме да сме компанија што ќе овозможи на вистинските маркетeри да пораснат во маркетинг-експерти од светски размери за тие да го продолжат патот на носење премиум резултати и вредности.
Главното прашање коe континуирано си го поставуваме е: како да пораснеме и се дуплираме со подобри луѓе од нас за да може компанијата да продолжи и да биде успешна сто години нанапред. Свесни сме дека светот околу нас постојано се менува и секако дека тие луѓе во иднина можеби и ќе решаваат друг тип проблеми, можеби и надвор од областа на дигитален маркетинг, но знаеме дека луѓето кои сакаат да креираат вредност ќе откријат каде и како треба да дејствуваат.
Ако зборуваме погенерално, луѓето кои ги опишав често се чувствуваат дека се различни, сметаат дека нешто кај себе треба да променат и дека не припаѓаат тука. Ние сакаме да ја поттикнеме критичната мисла во општеството и да им дадеме шанси на тие луѓе да направат промена дејствувајќи од тука, локално. Сметаме дека луѓето на кои главна водилка им е креирањето на вредност можат да влијаат на подобрување на нашето општество. Во иднина, би сакале да ги поддржиме тие луѓе на различни начини дури и ако не се дел од нашата индустрија.