Ирина Крстевска е родена и живее во Скопје. Љубовта кон фотографијата и го одредува и животниот пат. Дипломира на Интернационалниот универзитет „Еуропа Прима“ на Катедрата по фотографија. Фотографиите и се дел од повеќе заеднички изложби во земјата и надвор, а работи и како фотограф на реномирани филмски фестивали во Македонија.
За фотографирање се заинтересирав… Можеби ќе звучи како некое клише, но мојот интерес кон фотографијата се јавува уште од мали години. Тоа, нормално, водеше кон купување на мојот прв апарат и така започна моето уметничко истражување.
Во неколку зборови би се опишалa себе како... Најтешкото прашање за мене како фотограф е кога некој ќе ме замоли да се опишам себеси, бидејќи јас зборувам преку фотографиите. Секоја моја фотографија носи мал дел од мене и начинот на кој го гледам светот околу мене. Токму затоа можам да кажам дека моите фотографии и најмногу ме опишуваат. Ако треба да употребам зборови, сепак би рекла дека сум по малку срамежлива, но љубопитна личност која сака да патува и да истражува, да се дружи и која се труди да ги оствари своите цели.
Инспирација за фотки добивам од… Инспирација има насекаде… целиот свет околу мене е неисцрпен извор на инспирација. Почнувајќи од непознатите ликови на улица, старите и заборавени куќи, природата, пораките испишани по ѕидовите, па сè до моите пријатели кои се секогаш расположени да застанат пред мојот објектив.
Фотографијата има моќ да… Фотографијата, како и секоја друга уметност, не познава граници. Таа е безвременска и му ја носи на фотографот бесмртноста. Таа може да ти врати спомени, да те насмее или натажи, да испрати гласна порака или да предупреди. Фотографијата, едноставно, е момент на кој можеш секогаш да му се вратиш.
Фотографи кои редовно ги следам и ја почитувам нивната работа… Има многу фотографи кои ги следам и го почитувам нивното работење, но бидејќи ми се допаѓаат различни стилови не би можела некого посебно да издвојам.
Неостварена желба ми е… да патувам и откривам нови места, да запознавам нови луѓе и нови култури и од сето тоа да направам нова фотографска приказна.
Социјалните мрежи се соодветно место за промовирање на фотографите… Развојот на технологијата ги донесе и социјалните мрежи како нешто што е нормално само по себе. Иако не сум нивен многу голем љубител, факт е дека таму е присутен голем број на луѓе и со самото тоа е многу поголема веројатноста да бидеш забележан.
Проект/фотограф со кој би сакала да работам е… Би сакала да работам на некој проект кој би комбинирал сликарство со фотографија. Кога би нашла некој сликар кој би бил расположен за соработка, секако би дошла во предвид некоја таква комбинација. Кога се работи за фотограф, би ја издвоила себепортретистот Cristina Otero со која имав прилика да се запознам и со која би соработувала бидејќи ми остави голем впечаток.
Искуството низ годините ме научи… дека за фотографирањето како уметност најважна е слободата. Ако на фотографот му ја земеш слободата, го ограничиш со норми и правила, тогаш едноставно нема ниту фотографија, ниту уметност.
Најмногу сакам да фотографирам… Иако сакам да фотографирам многу работи, сепак тоа што доминира во моите фотографии е портретот. Преку него може да покажете нечија љубов или омраза, нечија среќа или несреќа, радост или болка. Едноставно, портретот, како огледало е рефлексија на моменталното чувство на ликот пред објективот, а тоа е нешто што фасцинира и инспирира.
Омилен дел од Скопје/Македонија ми е… Би го издвоила Охрид како едно од омилените места без кое ни едно мое лето не поминува.
Најчесто на Инстаграм пребарувам… Сè што е поврзано со уметноста.
За еден фотограф најдобро да се изрази себеси е важно… Да биде храбар! Фотографот никогаш не треба да се плаши да ги следи и да ги остварува своите замисли, без разлика на сè што општеството наметнува. Само тогаш фотографијата ќе ја постигне својата цел: Да се гледа светот со очите на уметноста.