Бисквит колачите го добиваат своето име од стариот француски збор biscuit кој потекнува од латинските зборови bis (двапати) и coquere, coctus (готвење, зготвено). Ваквиот назив буквално го опишува начинот на подготовка на оригиналните бисквити кои прво се печеле, а потоа се сушеле на тивок оган во печка. Понатаму терминот се шири и во другите јазици и кулутури за да ги именува тврдите двојно печени суви колачи.
На почетокот се правеле со користење на топлината на печката во која претходно се печел леб. Не содржеле засладувач и служеле како ефтина форма на храна за сиромашните. Денес, бисквитите се дел од секојдневната исхрана најчесто како ужина или дел од ритуалот на пиење кафе или чај. Најзастапени се во слатка варијанта, а нивната основна состојка е брашно. Вообичаено не содржат средство за нараснување (прашак за пециво, квасец, сода бикарбона и сл.) и можат да имаат разни додатоци како овошје, јатки, преработени целозрнени житарки, чоколадо и сл.
Овој едноставен и брз рецепт за бисквит колачи е базиран на бадеми кои се присутни во три форми: брашно, путер и сурови бадеми.
За 20 бисквити ќе ви бидат потребни следните состојки:
- 80 гр брашно по избор (може и безглутенско)
- 50 гр брашно од бадеми* или мелени бадеми
- ½ лажичка прашак за пециво
- ¼ лажичка сол
- 60 гр путер од бадеми
- 60 мл јаворов сируп или друг течен засладувач
- 100 гр чоколадо
- 1 лажица кокосово масло
- 20 гр сурови бадеми
- Крупна сол
Подготовка:
- Брашното, бадемовото брашно, прашакот за пециво и солта се мешаат во сад со жица за подеднакво да се распоредат низ целата смеса.
- Се додаваат јаворовиот сируп и путерот во садот со сувите состојки и се мешаат со лажица или со раце додека не се изедначат и не се добие смеса како пластелин. Потоа се додаваат суровите бадеми кои претходно кратко се потопуваат во врела вода за да омекнат и 20 гр од чоколадото исецкано на ситни парчиња.
- Од смесата се обликува ролна во вид на салама со должина од околу 15 см и дијаметар од колу 5 см, се витка во пластична кујнска фолија и се остава во фрижидер околу 1 час за да се стегне
- Од изладената ролна се сечат кришки со дебелина 3-4мм, се редат во тавче претходно обложено со хартија за печење и се печат во загреана рерна на 180°C, 10-12 минути.
- Колачите се оставаат да се оладат целосно, а за тоа време се топи останатото чоколадо (80гр) со кокосовото масло во сад поставен врз тенџере со вода што врие при што водата не смее да го допира садот во кој што е чоколадото што се топи.
- Оладените колачи се потопуваат делумно или целосно во растопеното чоколадо, се редат на хартија и се попрскуваат со крупна сол и сецкани бадеми. Се оставаат во фрижидер 30 минути за да се стегне чоколадото, а потоа се спремни за послужување.
*Бадемово брашно може да направите сами во домашни услови. Потопете сурови бадеми во жешка вода 1-2 минути, а потоа исперете ги со ладна вода. Ваквата топло-ладна бања ќе ги одлепи лушпите. Отстранете ги лушпите, оставете ги бадемите да се исушат на сува кујнска хартија, најдобро преку ноќ или најмалку 3 часа и сомелете ги во блендер. За посакуваната количина на брашно ќе ви биде потребно околу 10% поголема грамажа сурови бадеми.
Испечете бисквит колачи, подгответе си кафе или чај и уживајте со книга или вашиот омилен магазин 😉