Генц Халими основното и средното образование ги завршил во Скопје, додека студиите ги продолжл во Истанбул на Универзитетот „Mimar Sinan Fine Arts University“ од областа на кинематографијата. Од 2012 година е дел од маркетинг агенцијата Sallta.net, Скопје, прво како графички дизајнер, а потоа и како фотограф. За време на студентските денови во Истанбул работел како графички дизајнер во различни маркетинг агенции. Учествувал како директор на фотографија во 10 кратки филмови и 1 игран филм. Генц Халими има и 2 филма како режисер. Во моментов продолжува да работи на Sallta.net како фотограф и режисер во ТВ реклами и видео клипови.
За фотографирање се заинтересирав… некаде на почетокот на средното училиште, ако не се лажам во 2010 година почнав да креирам фотографии од нула на фотошоп. Исеков одредени предмети од многу различни слики кои ги преземав од интернет за да создадам една „оригинална“ композиција. Таму за прв пат почувстував потреба да излезам со смартфон или фотоапарат и да се соочам со реалниот свет, надвор од фотошоп.
Прва фотографија ми беше… Скопското Кале на есенска ноќ која се обидов да ја фотографирам помеѓу ќебапчилниците на Старата Чаршија.
Инспирација за фотки добивам од… културолошкиот контраст што е присутен во големите градови. Од потребата да се каже друга вистина или од желбата да се пренесе енергијата на одредена ситуација. Се обидувам да најдам емоции при креирањето на композицијата. Се случува неколку недели да немам инспирација, честопати недели стануваат месеци. Во овој период се наоѓам себеси во папките на стари фотографии што ги имам направено пред многу години и интересно е што фотографиите што не ми се допаѓаа пред 6-7 години ми се допаѓаат сега. Можеби од причината што ги гледам тие слики за прв пат како странец.
Фотографијата има моќ да… да нè однесе на патувања низ времето, фотографијата е најважниот документ во историјата, таа нè воведува во непознат свет, фотографијата нè предизвикува да гледаме подалеку од една единствена перспектива, нè учи на победа и загуба, љубов и конфликт. Фотографијата не се гледа, фотографијата треба да се почувствува.
Најмногу сакам да фотографирам… луѓето во нивните најзначајни моменти. Без разлика дали се во нивните среќни денови или во нивните тажни денови, важно е емоциите да бидат документирани.
Фотографи кои редовно ги следам и ја почитувам нивната работа… Henri Cartier – Bresson, Robert Capa, Ara Guler, Helmut Newton, Annie Leibovitz, Alex Webb, Peter Lindbergh, Jan Scholz, Platon…
Неостварена желба ми е… да реализирам изложба.
Социјалните мрежи се соодветно место за промовирање на младите фотографи… Социјалните мрежи во моментов се наши виртуелни изложби до кои секој има пристап. Тие се мост помеѓу многу проекти и уметници. Ова интервју, исто така, беше спроведено преку социјалните мрежи.
Места/градови/ликови/настани кои ме поттикнуваат да сликам се… Места како Истанбул, каде што живеев 6 години. Мешавина од исток и запад, мешавина од византиска, османлиска и модерна архитектура. Места каде што има најдобри настапи на улиците и животот се одвива по сокаците. Со еден збор во места со културен хаос.
Проект/фотограф со кој би сакала да работам е… Magnum Photos
За еден фотограф најдобро да се изрази себеси е важно… да се истражуваат различни стилови, да се зачува оригиналноста и да се откаже од перфекционизамот.