Утре, сексуалните работници здружени во СТАР- Прв колектив на сексуални работници на Балканот, и ХОПС – Опции за здрав живот Скопје и Коалиција Маргини по 13-ти пат се приклучуваат кон глобалното одбележување на 17-ти декември, Меѓународниот ден за СТОП на насилството врз сексуалните работници. Овогодинешната кампања насловена “НИЕ” ја посветуваат на борбата против насилството и дискриминацијата со кои се соочува оваа заедница, особено во кризни ситуации како што е актуелната состојба со КОВИД-19 пандемијата. “НИЕ” е кампања со која се испраќаат пораки до општата јавност и институциите за проблемите и потешкотиите со кои се соочуват за време на КОВИД-19 пандемијата. Сериозно погодени од кризата, од здравствен, економски и социјален аспект и оваа година имаат барања од институциите.
Нивните клучни барања од институциите за заштита и поддршка на сексуалните работници се:
Да ги препознаат како особено ранлива популација на КОВИД-19 и последиците од КОВИД-19.
Да се формулира пакет социо-економски мерки со цел поддршка за нивната заедница.
Да се обезбеди непречено функционирање на услугите и програмите за ХИВ, намалување на штети од употреба на дроги, превенција и поддршка на жртви на насилство за време на пандемијата.
Да им се овозможи континуиран пристап до квалитетни здравствени услуги, помеѓу кои и олеснет пристап до хормонска терапија на трансродовите лица.
Да бидат вклучени во процесите на креирање национални протоколи и политики како одговор за време на пандемијата.
Оваа година, грижејќи се за сопственото и јавното здравје, нема да се организира традиционалниот Марш на црвениот чадор, меѓутоа ќе се одржи прес конференција на 17.12.2020 со почеток во 12 часот пред фонтаната „Воин на коњ“ на плоштадот „Македонија“. Прес конференцијата ќе се одржи во согласност со сите важечки протоколи и мерки за организирање на јавни настани од овој тип, со строго почитување на мерките за заштита од ширење на КОВИД-19 вирусот.
Меѓународниот ден за СТОП на насилството врз сексуалните работници за прв пат беше одбележан во 2003 година, како спомен и бдеење за жртвите на убиецот од Грин Ривер во Сиетл, Вашингтон. Оттогаш, со одбележување на овој ден им се овозможува на сексуалните работници ширум светот да се здружуваат и со заеднички сили да се борат против дискриминацијата и насилството.
Фотографии: Ванчо Џамбаски