„Првиот чекор кон рамноправност и самостојност на жените е креирањето на нејзината независност, меѓу кои и финансиската, и тоа е целта која секоја од нас треба да си ја постави пред себе и да помогне во нејзината реализација“, вели Маја Наумовска Савеска, директорка на корпоративни и маркетинг комуникации во Халкбанк АД Скопје, банка која креираше интегрирана платформа за поддршка на жените во земјата. Со Маја зборуваме за креативната кампања „Фустани со џебови“ и Пакетот за жени кои се дел од платформата, но и за родовата еднаквост и за положбата на жените во економијата и бизнисот во земјата.
Креативната кампања „Фустани со џебови“ посветена на рамноправност и поддршка на жените, заврши со успешна аукција на која се собраа 155.000 денари. Како сте задоволни од текот и реализирањето на кампањата?
Кампањата „Фустани со џебови“ е дел од нашата интегрирана платформа за поддршка на жените во земјата, односно дел од поголемата кампања за поттикнување и финансирање на женското претптиемништво, но и за подигнување на свеста за потребата од родова еднаквост, особено во економијата каде жените сè уште се нерамноправни. Нејзина цел е во суштина промоција на финансиската слобода, финансиската независност и храброст на жените што е предуслов за слобода во секој поглед. Затоа што жената што остварува приходи, што има сопствени средства, многу полесно се чувствува вистински слободна. За жал, во глобални рамки, жената ја нема оваа слобода. Еве, во најновиот извештај на Светската банка за глобален Findex се вели дека повеќе од 1 милијарда жени во светот сè уште не користат или немаат пристап до финансискиот систем. Или поинаку кажано, немаат сметка во некоја банка и не користат ниту една од погодностите кои ги носи финансискиот систем. Да не зборуваме и за тоа дека широко распространето е и економското насилство што е облик на психичко насилство и подразбира контрола над можностите на жените да стекнуваат, користат и ги задржат економските ресурси, пред сѐ парите. Значи, првиот чекор кон рамноправност и самостојност на жените е финансиската независност, и тоа е цел која секоја од нас треба да си ја постави пред себе и треба да помогне во нејзината реализација. Со оваа кампања Халкбанк делува и помага кон остварување на овие цели на жените. До сега успеавме да отвориме теми на размислување, да поттикнеме јавна дискусија, но и да направиме иновативно и креативно лансирање на самата платформа која покрај промоција на финансиските понуди, имаше и хуманитарен карактер. Нашата модна ревија со „Фустаните со џебови“ заврши со хуманитарна аукција преку која се собраа 155.000 денари наменети за Националната мрежа против насилство врз жените и семејно насилство.
Која е симболиката на џебот за финансиска слобода?
Доколку погледнеме назад низ историјата, женските џебови – или каков било простор каде што жените складирале секакви предмети потребни за грижа за себе и за своето семејство – недвосмислено биле тесно поврзувани со просторот за грижа и слобода. Историски гледано, недостигот на џебови е симбол за одземање на финансиската или каква било слобода на жените. Историјата на „жените нема потреба да носат ништо, и онака парите се кај мажите“ продолжи низ вековите. Иако денес работите се менуваат, сепак тоа оди доста споро. Извештајот за глобалниот родов јаз за 2022 на Светскиот економски форум кажува дека глобалниот јаз меѓу половите е затворен на 68,1%. Притоа, како параметри се земаат економските можности, образованието, пристапот до здравството и политичкото раководство. Според овој извештај во Македонија родовиот јаз е затворен на 71,3%. Интересно е дека јазот е минимален во делот на образованието (97,7%) и здравството (97%), што се потврдува и со фактот дека во Македонија има повеќе жени отколку мажи со вишо и високо образование. Но и покрај ова, родовиот јаз во делот на економските можности е 60,8%. За политиката и да не зборуваме, таму јазот е затворен на 26,7%. Ова го потврдуваат и статистичките податоци во земјата. Публикацијата Жените и мажите во Македонија на Државниот завод за статистика покажува дека во Македонија стапката на вработеност на жените во 2021 година изнесувала 38.3%, а на мажите 56.2%. Разликите во стапките на учество на жените и мажите на пазарот на труд доведуваат до родов јаз во стапката на вработеност што во 2021 година изнесува 20.3%. Истовремено, од вкупниот број работодавачи во Северна Македонија во 2021 година, само 19% се жени. Слично на тоа, само 22% од вработените за сопствена сметка се жени, а 78% се мажи.
Македонските модни дизајнери успешно го завршија својот дел од кампањата. Какви беа реакциите на јавноста за креативниот дел од кампањата, имаше ли интерес за фустаните?
Самата кампања ја најавивме со моќно и впечатливо – “teaser” видео. Потоа ги презентиравме нашите дизајнери и отворивме една јавна дискусија на социјалните мрежи. А модната ревија на уникатните парчиња – фустани со џебови, беше навистина успешна. На истата продефилираа креациите на модните дизајнерки Јована Филиповиќ, Аида Зекир (М Couture), Татјана Кокев, Моника Коцарева и дизајнерот Марјан Бебекоски. Сите креации беа во посебен, препознатлив стил на дизајнерите, но секоја од нив овој пат во функција на финансиската слобода на жените. Ревијата помина со големи аплаузи, но и со успешно реализирано хуманитарно наддавање за собирање на средствата за жените на кои тие многу ќе им значат.
Кампањата посочува еден многу значаен сегмент од општеството, за кој недоволно се зборува: финансиски невидливите жени. Каква е моменталната состојба кај нас, постојат ли иницијативи за вклучување на жените од социјално, ранливи категории?
Постигнување финансиска слобода на жените не е едноставен процес. Потребно е системски поддржано решение, што истовремено ќе биде на страната на оние што се во активна потрага и битка за финансиска независност. Овде особено внимание треба да се посвети на најранливата категорија, онаа што ја нарекуваме финансиски невидливи жени – жени кои не го користат финансискиот систем. Тие жени поради тоа не можат да користат ниту помош од државата. Еве на пример, во време на пандемијата кога државата доделуваше помош за невработените и ранливите категории, овие жени не можеа таквата помош да ја искористат, бидејќи ги нема во системот, тие се невидливи. Според Платформата за родова еднаквост, финансиски невидливите жени се најмногу изразени кај одредени етнички заедници, но и во руралните средини. Во руралните средини само 38% од жените се економски активни, а работат дури и по 11 часа на ден и придонесуваат во домаќинството. Запрепастувачки е и тоа што само 5% имаат било каков имот на свое име. Тоа што немаат приходи, немаат имот, и не се регистрирани по ниту еден основ, ги прави жените дел од неформалната економија, односно целосно невидливи за системот. Иницијативи за вклучување на жени од социјално ранливи категории постојат. Дел од нив се во рамките на активностите на ресорните министерства, пред сè Министерството за труд и социјална политика и Министерството за економија. Но, сведоци сме дека и многу организации и институции посветуваат внимание на вработување и ангажирање на жени од овие категории. Секој придонес е значаен бидејќи претставува чекор кон менување на работите во насока на поголема родова еднаквост.
Кампањата покрај успешната порака за финансиска независност, имаше и цел да го најави бизнис пакетот на Халкбанк, што нуди поголеми можности и олеснети услови за жените претприемачи. Која е стратешката намена на овој пакет и кои поволности ги нуди?
Како дел од нашата интегрирана платформа за поддршка на жените во земјата е бизнис-пакетот што нуди поголеми можности и олеснети услови за жените претприемачи. Новиот производ го нарековме Пакет за жени, а е наменет за микро, мали и средни претпријатија каде доминантни основачи или сопственици се жени, односно, кога основачи се правни лица, крајниот доминантен сопственик да е жена или повеќе жени. Овој пакет нуди низа погодности како можност за добивање кредитни средства за основни и обртни средства во висина до 30.000 евра со рок на отплата до 60 месеци, со најповолна фиксна каматна стапка за кредитите до 12 месеци. Истовремено како подарок се добива и годишна полиса за патничко осигурување со покриеност до 30 дена издадена од Халк осигурување. Пакетот истовремено носи и низа други бенефиции како бесплатно водење на сметката, пониски провизии за денарски платен промет и за плаќање налози преку е-банк, без месечен трошок за електронско банкарство и бесплатна изработка на ЛИБ за активација, деловна Мастеркард дебитна картичка без надоместок за издавање и намален трошок за 50% на годишна членарина, потоа 30% зголемени каматни стапки за депозити за правни лица, како и еднократен попуст од 15% за каско, домаќинско и патничко осигурување. Тука се и едноставната и брза процедура при одобрување на кредитна изложеност, но и промотивни услови за целокупната банкарска палета на производи и услуги. Наскоро ќе овозможиме и старт-ап пакет за сите жени што сонуваат да започнат свој бизнис. Се надеваме дека многу жени кои имаат идеи ќе се охрабрат и ќе го искористат овој пакет за започнување сопствен бизнис.
Халкбанк преку поддршка на женското претприемаштво, уште еднаш покажа дека се залага за родова рамноправност. Што сметате дека е најважно за финансиски простор кој е безбеден и достапен за сите жени? Потребно е пред сè поголемо внимание, на сите нивоа, на финансиската писменост. Финансиската писменост на жените е на дневен ред со години, но истражувањата кажуваат дека во светот една на од четири жени сè уште и е потребна основна финансиска писменост. Ефектот на доброто финансиско образование ќе биде зголемување на богатството, што би било добро за целото општество. Не треба да се заборави и потребата од поттикнување деловни практики кои ги зајакнуваат жените, вклучувајќи еднакви можности за вработување, еднакви плати, еднакви можности за напредување во кариерата, платено родителско отсуство и нулта толеранција за сексуално вознемирување на работното место. Неопходно е особено внимание на женското претприемништво. Многу истражувања укажуваат на тоа дека главна пречка за жените во бизнисот е пристапот до финансии. Во многу земји, жените не можат да ги соберат средствата потребни за да започнат бизнис или да привлечат инвеститори со иста леснотија како нивните машки колеги. Овој тренд е толку драматичен и очигледен што многу меѓународни институции се обидоа да развијат програми и проекти за справување со оваа празнина. Халкбанк смета дека женското претприемништво во Македонија е клучот за развој и просперитет на општеството и локалната економија. Затоа стоиме зад силната порака за поддршка на бизнисите развиени од страна на жените. Истовремено се надеваме дека на овој начин ќе придонесеме и за подигнување на свеста и вклучување други чинители во борбата за родова еднаквост. Со рушење на финансиските бариери за жените може да се дојде до реални промени со кои не само што ќе се намали родовиот јаз туку ќе значи и поттик за економијата и економски просперитет на земјата. Работејќи заедно, можеме да го водиме и обликуваме патот кон свет кој е праведен според половите.