Од студиото Warner Bros официјално е потврдено дека ќе се снима серија „Хари Потер“, која според прогнозите, би траела една декада.
Секоја сезона од серијата, ќе биде базирана на една од книгите, што се дел од франшизата, а познатиот актерски тим ќе биде целосно заменет со нов. Серијата ќе се прикажува на ребрендираната HBO MAX која ќе се нарекува само MAX. Новиот стриминг сервис е спој помеѓу HBO MAX и Discovery+.
Писателката Џ.К. Роулинг, ќе биде извршен продуцент, заедно со Нил Блер и Рут Кенли-Летс.
Авторката беше силно критикувана поради нејзиниот став и коментари кон трансродовата заедница, што предизвика контроверзија и бојкот од некои фанови на франшизата. Но, неодамна објавената видеоигра „Хогвартс Легаси“ (Hogwarts Legacy) продаде неверојатни 12 милиони примероци само во текот на првите две недели по лансирањето.
Оригиналните филмови кои произлегоа во периодот помеѓу 2001 и 2011 година, пак, и понатаму ќе бидат достапни за гледање на глобално ниво, и покрај новата серија во развој.
Покрај книгите, кои што беа бестселери без исклучок, се снимија и осум Хари Потер филмови, кои што заедно заработија повеќе од 7,7 милијарди долари.
Популарноста на франшизата придонесе за тематски паркови, разни играчки, видео игри, па дури и за бродвејското шоу Harry Potter and the Cursed Child.