Ева Нединковска е основачка и генерална менаџерка на Центар за обука ЕВА, еден од водечките центри за неформално образование во Македонија со 12+ години успешно постоење и преку 10.500 едуцирани лица на над 50 едукативни програми. Таа постојано несебично го споделува своето искуство и знаење преку различни обуки, предавања и совети.
Повеќе од 12 години сте раководител на Центарот за обука ЕВА (Едукативна вокациска асистенција) низ кој поминале голем број на изучувачи на различни вештини и обуки и веќе се вршители на професионални услуги. Кои клучни моменти би ги издвоиле како значајни за развојот на овој центар?
Кога бев претприемач во зародиш, прво појдов од она што мене ме возбудувало да го изучувам, јазиците, музиката, уметноста, фотографијата, убавината, а потоа и од она што мене ми фалеше и додека растев и додека зреев, а го немаше. Таков широкоспектарен центар за едукација. Тргнав да развивам нешто што јас лично би го посетувала и во кое целосно верувам. Прв клучен момент за основањето на Центарот за обука ЕВА беше страста за знаење, создавање и едуцирање други. Секогаш без исклучок страста и жарот на кој било претпримач кој почнува нешто без да брои саати, ресурси и е целосно посветен е првиот клучен фактор за дали таа идеја ќе издржи да се претвори во конкретен бизнис или не. Претпримачот е оној кој со своите вредности, својата начин на размислување, животен стил, верувања и култура ги поставува темелите на компаниските вредности, верувања и култура. Втор клучен момент е да дознаете дали она што вие го создавате некому му треба и дали му решава одреден проблем или потреба и кои се оние на кои им треба и како до нив и со нив. За пионерите и оние со оригинален концепт е тоа ризично зашто го разгазуваат патот, а за имитаторите е лесно, само го копираат вашиот концепт откако ќе видат дека е успешен. Значајно за успехот на ЕВА во раните фази беше дека направивме правилна проценка на пазарот која покажа дека има голема празнина во делот на неформалното образование на возрасни. Во 2011 кога се основаше ЕВА имаше доста школи за деца, но речиси и да немаше школи за возрасни како што има, за среќа, денес. Иновиравме во концептот на повеќесмерен јазичен, уметнички и креативен образовен центар со школи за странски јазици, музика, цртање и сликање, фотографија и убавина каде и деца и родители паралелно може да посетуваат различни програми. Исто, со воведувањето на Школата за убавина го актуелизиравме изучувањето занаети како фризер, шминкер и тие професии ги направивме повторно кул денес, а поради економските прилики се разви тренд кај луѓето на барање дополнителна, втора професија или преквалификување, што ние успешно го адресиравме. Трет клучен момент за успех беше концептот на предавачи-ѕвезди. Од самиот старт сме посветени да ги имаме најистакнатите во областа и професионалци сами по себе реализирани и профилирани. Потоа почнавме ние да ги создаваме, прво да ги градиме па да ги ангажираме. Но најклучен и она што не’ одржа успешни низ годините е тоа што нашата вредност е и отсекогаш била impact before profit. А тоа значи дека отсекогаш ни било поважно позитивното влијание кое го имаме врз животите на луѓето преку едукација и трансформациите кои сакаме да ги видиме кај нив отколку квантитетот и голите бројки. Тоа клиентите го чувствуваат и затоа успешно траеме.
Со различните школи и курсеви кои ги нудите, покрај врвна обука од стручни обучувачи, сертификат, обезбедена пракса, вашите студенти добиваат и препорака за работа. Кои се другите предности на едукациите што се дел од Центарот за обука ЕВА?
Една од најголемите предности покрај се’ што споменавте е практичната работа во мали, ефикасни групи и што секој наш студент добива посебno внимание од едукаторите, менторство и по завршувањето, а од неодамна и додатна едукација за бизнис како стекнатото знаење да го претворат во профитабилна професија. Школата за убавина во ЕВА има целосна апликативни програми насочени кон релативно брзи но одржливи резултати. Самодовербата им се зголемува, а со тоа се менува нивниот однос кон самите себе и предизвиците. Луѓе што мислеле дека не можат сега знаат дека можат. После реалните проекти и едиторијали за убавина во кои ги вклучуваме студентите од програмите за професионална шминка, фризери, нокти итн, сфаќаат со кое знаење располагаат, потоа ги вмрежуваме со потенцијални работодавци, со брендови и добавувачи на материјали, ги поддржуваме да ја развијат сопствена бизнис приказна, која потоа со задоволство и ние ја раскажуваме.
На 30 март ќе бидете организатори на обуката „Како да почнеш сопствен бизнис?“ каде пријавените учесници ќе имаат можност да научат многу корисни работи и стартап стратегии. За што точно станува збор и кој сé може да се пријави?
На 30-ти март имаме обука за претприемништво со опсежна но концизна, апликативна и синтетизирана програма за почеток и развој на мал бизнис. Учесниците низ примери и интерактивни модули ќе научат каде да ги бараат профитабилните бизнис идеи, како од од идеја да реализираат лансирање на бизнис, како да препознаат и искористат можност, како да го истражат пазарот и да ги проценат потребите на купувачите, ќе научат преку докажани стратегии да се позиционираат на пазарот и да го пораснат својот бизнис, да изградат конкурентна предност, да го менаџираат ризикот, да го финансирање во рана фаза итн. Ќе имаме вежби за идентификација на ресурсите и силните страни кај секој еден, вежби за одлучување и решавање на деловни проблеми, а во завршниот дел успешни сопственици на бизниси ќе ги споделат своите бизнис приказни и методи. Меѓу пријавените се лица кои сакаат да почнат свој бизнис и лица кои веќе имаат свој бизнис но сакаат да го идигнат на повисоко ниво. Може да се пријави секој кој сака да дознае каков е претприемничкиот процеси и што сака применливи бизнис техники што ќе му користат понатаму.
Неколку години работите како менаџмент консултант, бизнис тренер, како и на различни програми за жени претприемачки. Зошто е важно жените да бидат охрабрувани да стекнат своја финансиска независност?
Важно е секој човек, без разлика жена или маж, да стреми да биде независен, зашто само независен човек може да биде слободен човек, а само слободен човек може да го достигне својот целосен потенцијал па дури и да го растегне, а со тоа да биде креативен и да создава добро и за себе и за другите околу него. Тука ја вклучувам и финансиската независност и финансиската слобода. А слободата подразбира и одговорност. Многу луѓе несвесно избираат да се зависни зашто не се спремни да понесат одговорност за својот живот. Но, и тоа е процес на менување на матрицата на размислување и делување и тоа се тренира и учи. Имено, многу жени немаат доволно модели или пример околу себе од кој можат директно да учат и не знаат како до таа независност и што со неа. Други пак се плашат бидејќи го имаат менталитетот на жрвта зашто, за жал и денес во 2024 многу жени трпат физичко и психичко насилство дома, без разлика на нивното образование, способности, интелигенција и сл. Други жени, професионалки во својата област, пак се соочуваат со дискриминација на работа, пример, платени се помалку од својот колега за ист труд и со исти квалификациии и знаење. Од моето искуство со работа со жени, тврдам дека честопати тие се супериорни, а не се свесни за тоа колку можат, баш поради искривената слика на инфериорност и недоволност која ја имаат за самите себе. Затоа е важно да бидат охрабрувани да се едуцираат, менуваат и растат личносно и кариерно и да градат квалитетен живот за себе зашто тие носат живот, даваат живот и значат живот за луѓето околу нив.
Како ги приспособувате програмите на желбите и интересите на вашите клиенти?
Комуницираме со нив постојано. Не’ интересираат нивните потреби, нивните предизвици, грижи и проблеми, нивните желби, нивниот животен стил, нивните очекувања, нивните амбиции, нивните вкусови и се трудиме тоа да го адресираме. Тоа е и предноста на микро и малите компании. Мобилноста, флексибилноста и способноста за брзи промени, иновирање во однос на некоја
карактеристика на услугите или продуктите, потоа понепосреден однос со клиентите, поразвиен слух и интерес за нивните потреби и поголема брзина во воведување промени, за разлика од поголемите компании кои се потромави во однос на ова. Затоа многу компании и едуцирани претприемачи одлучуваат бизнисите кои ги градат да останат мали (под 50 вработени) но будни и агилни, ефикасни и здрави.
Повеќе од 10 000 обучени студенти веќе испишуваат успешни бизнис приказни. Може ли да ни посочите некоја инспиративна, успешна приказна што започнала во ЕВА центар?
Скоро 11.000 студенти на разни програми имаат завршено во ЕВА на наша голема радост и има илјадници успешни приказни што ги знаеме и следиме. Неблагодарно е да се истакне кој било еден пред друг, сите имаат уникатни приказни. Имаме наши студенти кои посетувале англиски јазик за меѓународно признат сертификат, а завршиле студии надвор и сега се професори на факултети во странство или не менаџерски позиции во компании, имаме од поранешната школа за музика лица кои ни се познати и се занимаваат со тоа професионално и успешно, имаме од школата за фотографија познати и интернационално наградувани фотографи, дел се модни фотографи, дел на настани, дел се репортажни, некои се во странство некои работат тука итн, од школата за цртање и сликање имаме дипломирани сликари со самостојни изложби, а од кариерната школа за убавина имаме огромен број поранешни студенти кои отвориле свои бизниси, салони за убавина низ цела Македонија, а многу кои мигрирале го работат естетскиот занает професионално во други земји зашто знаењето и вештините се универзални, а моментално секаде барани. За среќа мануелните естетски занаети а и дел од уметностите се нешто кое AI не може да го замени. Многу ми е драго што последниве години гледам храбри луѓе кои прават огромни трансформации во нивниот живот преку носење одлука за едукација или преквалификација. Пример, мајка на 3 деца која цел живот го посветила на семејството и домот решава да се едуцира и отвори свој бизнис, адвокатка која сака да ја напушти стресната работа и цели кон животен баланс решава да научи занает и да работи по 5 часа дневно во време кога таа ќе одлучи, дечко со одредена физичка попреченост, но со вешти раце и храброст за бизнис, одлучува дека сака да стане фризер за мажи и да работи за себе итн.
Што според вас е важно за лидерите, претприемачите и менаџерите на бизниси? Како вие се носите со стресот од секодјневните обврски и се поголемите барања и очекување од сите страни?
Таквите луѓе се двигатели и важно е да бидат пример на она што тие го бараат од другите, пример преку начинот на своето размислување, делување, говорење и однесување. А тоа не е секогаш лесно и бара самоконтрола и дисциплина. Според мене важно е тие луѓе денес храбро да ги редефинираат старите концепти на успешност кои се вртеа генерално околу профитот и бројките и да стават акцент на холистичка благосостојба на бизнисите и луѓето во нив: финансиска, ментална, тимска, етичка, општествена, семејна итн. Исто, вистинските лидери не се плашат и не избегнуваат да ги прават тешките муабети со себе и со луѓето кои ги водат, не се сфаќаат пресериозно себеси и не се плашат да пробуваат начини и да грешат, а притоа секогаш преземаат одговорност за грешките, а заслугата од успехот ја делат со другите. Со тоа ги учат индиректно и другите како да се однесуваат. Јас лично се менаџирам на начин што практикувам одредени духовни и телесни дициплини и контролирам што внесувам како храна, информации, со што се опкружувам и што изнесувам како мисли, зборови, постапки и сл. Веќе 2 ипол години се занимавам и со полумаротонско трчање кое ми го смирува поривот за бизнис и друг материјален успех и ме држи балансирана и приземјена. За мене успехот сега значи мир и квалитет, а не квантитет во достигнувањата, значи време за радости со мојата ќерка и време за учење и личен раст.
Шминка: Јована Коциќ
Фризура: Анџела Видојевиќ