Соња Исмаил е магистерка по политичка филозофија и родови студии, долгогодишна новинарка и активно вклучена во граѓанскиот сектор и неформални граѓански иницијативи повеќе од 15 години. Веќе неколку години е дел од тимот на МКЦ. Таа е и диџејка, која активно пушта музика од 2007 година па наваму.
Како почна вашата приказна со музиката и диџејството?
Приказната за моите почетоци со пуштање музика оди вака: Почнав од шега, на инсистирање на мојот пријател Срѓан Јаниќиевиќ, за првоаприлски маскенбал во неговиот локал „Лудница“, далечната 2007 година. И никогаш не престанав. Ниту планирам да престанам.
Со оглед на тоа што сте активна поборничка за човекови права и родова еднаквост, колку сметате дека во нашата земја еднакво се посветува внимание и се поддржуваат жените во уметноста и музиката?
За да ја забележите дискрепанцијата и нееднаквиот третман што го имаат жените во Македонија во секоја сфера, па и во уметноста и музиката, не треба да сте поборник за човекови права и родова еднаквост. Доволно е убаво да погледнете околу себе.
Како треба да изгледаат промените, во која насока треба да се движат за поголема поддршка?
Промените треба да бидат коренити и тектонски. Да не заборавиме дека оваа почва во континуитет се наводнуваше и се хранеше со омраза кон сѐ различно, вклучително и жените. Па, така, треба да ги размрдаме плочите што ја носат оваа земја на плеќи и да тргнеме од почеток. Или, поедноставно – промената да почне таму каде што се иницира оформувањето на една личност – во детските градинки. И да продолжиме понатаму.
Што најмногу ве води низ еден диџејски сет, како изгледа процесот на одбирање музика за одреден настан или одредена журка?
Музиката што ја пуштам не би сакала да ја сместувам во сериозни, уштиркани рамки или жанрови. Во една ноќ може да се случи да пуштам музика на која ќе се „искршите“ од играње, но и од плачење. 🙂 Очекувајте го неочекуваното е можеби најдобар опис за моите сетови. Знаете, мошне долго го правам ова за да си дозволам да упаднам во некаков конформизам. Сакам изненадувања, а покрај публиката на подиумот, сакам и јас самата да се изненадам. Да ми извинат дежурните „музички критичари“.
Кои жанрови ви се „омилени“ и кои наши и странски музичари и диџеи/диџејки ги слушате во слободно време?
Навистина немам најомилен музички жанр. Пред некој ден тотално „откачив“ на песна од Слаткаристика, а потоа слушав Idles.
Според вас, што можат да донесат на сцената свежите алтернативни бендови и нови диџеи кај нас и колку е потребна нивна промоција?
Можат да донесат нови убави ветришта, можат да нѐ направат пољубопитни за нови нешта, можат да придонесат да се променат некои утврдени наративи што се присутни и во уметничкиот свет, за жал.
Според вас, колку може да влијае музиката и да поттикне одредени општествени промени, да сигнализира некој проблем или, едноставно, да исполни нечија душа?
Сето ова што одлично сте го запазиле се дел од многуте магични моќи на музика.
Што значи МКЦ за Скопје, но и лично за вас?
МКЦ е Скопје, МКЦ е од Скопје, но МКЦ е и цела Македонија, па и повеќе.
МКЦ е вентил за слобода, МКЦ е за младите, за децата, но и за големите.
МКЦ може и треба да биде многу повеќе од мегдан за евтини партиско-бандитски поткусурувања. МКЦ е ДОМА. А домот се чува.
Што најмногу ве радува?
Радоста на ќерка ми.