Претходните години есента значеше Halloween хорор филмови, најава за добитници на награди, празнични изданија и блокбастери, но оваа година иако повеќето жанрови на филмови се исто застапени, сепак недостасува големата фама околу премиерите, која да признаеме ни фали повеќе од вообичаено. Но по најавата и отворањето на кино салите низ европските градови, може да се надеваме дека и кај нас наскоро ќе се отворат, па сепак ќе успееме да гледаме некој филм во кино, секако со почитување на мерки и протоколи. Одбравме неколку филмови што треба да излезат есенва (или веќе излегоа), а ни го привлекоа вниманието.
I’m Thinking of Ending Things
Во филмот се работи за млада девојка (Џеси Бакли) која за првпат ги запознава родителите на своето момче. Иако не звучи особено интересно, режисер е Чарли Кауфман, заслужен за Synecdoche, Being John Malkovich и Eternal Sunshine of the Spotless Mind. Достапен е за гледање на Нетфлик, премиерата беше на 4 септември.
Enola Holmes
Презимето е познато, но овојпат не е Шерлок туку неговата помала сестра Енола е во центарот на вниманието. Откако мајка и ќе исчезне таа оди во детективска потрага по неа. Мили Боби Браун според нас е совршена за улогата, а премиерата е на 23 септември исто така на Нетфликс.
Wonder Woman 1984
Продолжението беше најавувано за летово, но го одложија поради пандемијата. Wonder Woman се враќа назад во 1984 година каде се бори со непријателите и повторно се поврзува со изгубената љубов што некако нè потсетува дека „само љубовта може да го спаси светот“. Премиерата на филмот е на 2 октомври.
The Forty-Year-Old Version
Режисерката Рада Бланк се глуми себеси како некоја која ветувала многу во нејзините млади години за подоцна во средните години од својот живот да се најде себе како кариерата и стои во место. Затоа таа повторно почнува да се пронаоѓа, да ги менува изборите и да ја гради својата креативност. Промената на Бланк е и во снимањето на овој филм, а со оглед на добрите критики од Санденс, ја става повторно на мапата на надежна режисерка. Премиерата е на 9 октомври на Нетфликс.
The Trial of the Chicago 7
Филмот го следи судењето на Седуммината од Чикаго – група која протестирала против војната во Виетнам, а во 1969 била обвинета дека подготвувале немири и побуни за Демократската конвенција во 1968 година. Режисер е Ерон Соркин, а актерската екипа има навистина интересни имиња како Саша Барон Коен, Еди Редмејн, Џереми Стронг…Изгледа дека ќе биде една од најинтересните и најозборуваните историски драми на сезонава, а премиерата е на Нетфликс на 16 октомври.
Candyman
Иако годинава во живо и онака е малку страшна, сепак не е на одмет еден добар хорор филм да се престрашиме целосно. Урбаната легенда оживува додека уметникот кој го глуми Јахја Абдул Матеен II ја открива вистината и хоророт што се кријат зад митот на Кендимен. Премиерата во кината е на 16 октомври.
Shithouse
Името и не е баш привлечно но се работи за инди-романса за две деца во колеџ, кои поминуваат магична вечер заедно запознавајќи се и разговарајќи цела ноќ, само за да откријат дека нештата не се исти наутро. И на овој филм премиерата му е на 16 октомври.
The LEGO Star Wars Holiday Special
Еве го и првиот празничен филм за сезонава. Анимираниот филм со омилените Star Wars оваа сезона нека биде утеха за сите пропуштени филмски премиери. Ги собира на едно место сите наши омилени ликови, а Реј и ББ-8 тргнуваат на авантура за да го научат вистинското значење на Life Day. Премирата ќе ја има на 17 ноември на Дизни Плус.
Soul
Фамилијарниот анимиран филм што ги допира сите важни животни прашања доаѓа од Пиксар оваа есен. Учителот по музика кој се вика Џо (чиј глас го позајмува Џејми Фокс) е испратен во метафизичката реалност. Очаен да се врати во вистинската реалност, Џо доживува патување што го тера да се прашува што го прави животот вреден за живеење. Премиерата е на 20 ноември.
Happiest Season
Главната улога во филмот ја има Кирстен Стјуарт која само што не ја запросила својата девојка за време на празнична забава, а дознава дека девојка ѝ сè уште не кажала за својата сексуална ориентација на своите родители. Романтична комедија чија премиера е на 25 ноември.
Nomadland
Базирана на книгата од Џесика Брудер, приказната ја следи Ферн (Френсис Мекдорманд) од аголот на американското општество кое ретко го гледаме на екраните: растечката заедница на мигрантски работници кои живеат во приколки и комбиња и работат само ниско платени работи. Премиерата на овој филм од режисерката Клои Зао e нa 4 декември.
Dune
Трејлерот излезе пред неколку дена, а нас ни беше доволно што го видовме Тимоти Шаламеј во неколку минути, за да знаеме дека нема да го пропуштиме овој филм. Сепак останува да видиме како режисерот Денис Вилнев го претставил класичниот роман од Френк Херберт со постава од актери која многу ветува.