Ромеско сос (salsa romesco) е типичен каталонски сос кој традиционално се користи како прелив за печен зеленчук, салати, риба и морски плодови.
Значењето на сосот за каталонската култура е поголемо од обичен додаток во чинијата. Меѓу ноември и април во Каталонија се одржуваат гастрономски собири наречени calçotada кога се конзумираат големи количини од зеленчук сличен на млад кромид (калсот/calçot) специфичен за тоа географско подрачје. Се печат на скара, а потоа се потопуваат токму во ромеско сос.
Ромеско е исто така неопходна состојка и во други специфични каталонски оброци како што е салатата xató со ендивија, маслинки и риба.
Состојки
Главниот удел во составот на ромеско сос го имаат доматите, но една од поспецифичните состојки се еден вид на мали топчести пиперки кои се одгледуваат во Шпанија (ñoras), свежи или конзервирани (сушени на сонце и зачувани во масло). Во овој рецепт ги заменуваме со нашата добро позната блага црвена пиперка.
За една голема тегла од 700 – 720 мл потребни се следните состојки:
- 1 кг домати
- 2 црвени пиперки
- 2 големи главици лук
- 120 гр бадеми
- 1 кришка потпечен леб или 20 гр лебни трошки
- 120 мл маслиново масло
- 40 мл јаболков оцет (или друг овошен или сладок оцет)
- 1 лажичка слатка димена пиперка во прав
- Сол по желба
Постапка
- Рерната се загрева на 180°C.
- Во тавче за печење се реди зеленчукот: доматите пресечени на половина и исчистени од зелени гранчиња, поставени со пресечената страна надолу; пиперките исчистени од семките и дршките и исечени на парчиња; главиците лук пресечени на половина и сосе лушпи. Зеленчукот не се зачинува, а се пече 30 минути.
- Во друго тавче се распоредуваат бадемите во еден слој и се печат 10 минути (може и во исто време со зеленчукот на друга полица од рерната).
- Испечените бадеми и потпечениот леб се блендираат додека не се добие смеса налик на брашно.
- Се лупи испечениот зеленчук и се блендира заедно со зачините, маслиновото масло и оцетот.
- Со лажица се соединуваат во еден сад мелените бадеми и лебот со зеленчукот. Сосот е готов и се подготвува за послужување или се складира, во фрижидер во тегла или во замрзнувач во повеќе помали порции.
Испечете го омилениот зеленчук, подгответе тестенини, риба или салата, сервирајте ги со ромеско сос и уживајте во малку поинаков доматен вкус инфузиран со печена бадемова текстура и акцент на димена пиперка.
¡Buen provecho!
Добар апетит.