Со нашата успешна концертна пијанистка Ема Попивода разговаравме за чувството и одговорноста како е да се биде на сцената со пијано и пред огромна публика, но и за улогата на професорка која ја исполнува на сосема друго ниво. Нејзините авторски проекти во кои прави вистинска магична фузија помеѓу електронската и класичната музика се автентични и со современ звук, а со нас искрено сподели и за своите најубави животни мигови, креативноста, како и особините што најмногу ги почитува кај еден човек.
Вие сте една од најуспешните концертни пијанистки со голем број проекти и настапи зад вас, но исто така сте и професорка по пијано. Како се чувствувате кога сте зад пијаното на сцената на некоја од големите филхармонии низ светот, како и кај нас, а како кога сте професорка пред ученици, која е посветена на развојот на млади пијанисти/ки во Македонија?
Пијано изведувач и пијано педагог се всушност две различни професии, кои се меѓусебно поврзани. Кога настапувам на сцената фокусот е кон рафинирана изведба, предавање музика и споделување емоции. Секогаш се трудам добро да се подготвам за на сцена, да го дадам својот максимум и да уживам во настапот. Да се настапува пред публика е навистина одговорност, но и предизвик секој пат на сцената да се донесе најдоброто. Тоа носи навистина долги подготовки пред настапот, повеќечасовно секојдневно вежбање, физичка и емоционална подготвеност. Публиката во моментот ужива во изведбата, не прашувајќи се колку всушност време е потребно еден пијанист да се подготви за на сцена и со какви приватни и професионални предизвици се соочува изведувачот. Во изминатиов период бев на концертна турнеја во Јапонија, каде што настапував заедно со мојата колешка пијанистка Асами Сате. Гледајќи го распоредот, сфатив дека уште во првиот ден имам настап на концертно матине, што пресметано во нашата временска зона значеше дека треба да свирам во три часот по полноќ. ☺ Понатаму следуваа и патувања во повеќе градови во Јапонија, а турнејата заврши со концерт во една од најпрестижните концертни сали во Токио – Сантори Хол. Сите патувања, средби, подготовки и проби се составен дел од работата на пијанистот, а како круна доаѓа задоволството од секој успешно реализиран концерт.
Сметам дека е важно за еден пијанист педагог и самиот активно да концертира, за да може своето искуство од сцената да го пренесе на студентите. Работата како професор бара многу трпение и посветеност, бидејќи секој студент е различна индивидуа на пијаното. Со моите студенти имам пријателски однос, комуницираме речиси секојдневно, работиме на часови, подготовки, проби и надвор од предвидената програма, зборуваме и за многу други теми поврзани со уметноста. Среќна сум дека веќе неколку студенти од мојата класа се успешни пијанисти и работат како наставници по пијано во музичките школи.
Часовник – Omega Constellation
Со оглед на неколку ваши концертни проекти во кои правите фузија на електронската и класичната музика, каде ја наоѓате инспирацијата за тие проекти, на пример, како во најновиот „Опера електроника – магична фреквенција“, и што ви значат лично вас ваквите проекти?
Особено се гордеам со концертите во кои и самата ја пишувам музиката. Посебно ме радува што добивам многу позитивни коментари и токму тие се поттик да продолжам да работам во таа насока. Затоа што долго време ја следам електронската сцена, беше логично моето размислување како композитор да оди во насока на искористување делови во електронската музика во спој со класичната. Како експериментална музика доживеа своја премиера и на концертот „Акустик електроникс“ и „Пијано и диџеј“. „Опера електроника“ вклучува и оперски гласови, хор, танчари и визуелни ефекти и набрзо ќе може да го види и македонската публика. Овие проекти за мене се од големо значење како авторски концерти за кои сметам дека со својата оригиналност и современ звук, нова свежина допираат до пошироката публика и кај нас и во светот.
Која е главната карактерна особина што ја пренесувате од генерација на генерација во вашето семејство и за која сте сигурна дека има безвременска вредност?
Креативноста е особина што може да се одбележи како карактерна особина во моето семејство и тоа не само во музичката професија туку и во професиите од друг профил што ги работат членовите на моето семејство. Исто така, и упорност, доследност, решителност и храброст.
Имате пет секунди да ја раскажете својата животна приказна. Како ќе звучи таа во својата најкратка форма?
Семејството за мене е број еден со кое заедно патувам низ животни предизвици исполнети со многу авантури, неочекувани пресврти, смеа и забава, многу музика, потрага по инспирација… секако ми се потребни повеќе од пет секунди. ☺
Часовник – Omega Constellation
Накит од бело злато, смарагд и дијаманти – Damiani Mimosa
Омилен момент од животот кога сфативте дека времето е релативно?
Аристотел сметал дека времето не постои и дека тоа е само број што се менува, постои само моментот во светот во кој суштествата имаат капацитет да бројат. Според Ајнштајн, времето е релативно, според Тесла – фреквенцијата е бесконечна. А јас времето го сфаќам како дел од музиката, која е само еден момент од вечноста. Музиката може бесконечно да патува. Момент од мојот живот во кој сфатив дека времето е релативно и вечно е раѓањето на мојата ќерка Вивиен Лола Попивода. Музичките моменти се секако бесконечни.
Според вас, која е разликата од тоа кога времето го броите во секунди и минути и кога го броите во моменти?
Како музичар, можам да кажам дека времето на сцената е само момент. Честопати мислам дека поминале неколку минути, а всушност поминала целата изведба. Истото важи и за публиката, која може само во еден момент да ја впие музиката што ја слуша. Честопати, во подготовката на концертот се мери времетраењето на композициите со цел концертот да не биде премногу долг или краток и да има форма што ќе можат слушателите да ја следат со внимание. Но, на крајот, излегува дека доколку тоа што се изведува е квалитетно и добро може и бесконечно да трае без да се замори и изведувачот и слушателот. Моментот е оној што не може да се измери точно во секунди, но се памети како убаво доживување што не се заборава. Животот го одбележуваат убавите моменти.
Пенкало и футрола за пенкало – Montblanc
Стилистка: Бојана Максимовска
Шминка и Фризура: Sashions
Облека: Mango
Локација: Чифте Амам