Нашата најдобра атлетичарка Дрита Ислами, учествуваше во кампањата на „Халкбанк“, „Иднината е светла“ како пример за сите кои сакаат да постигнат големи резултатите во спортот. Ние со неа поразговаравме за тоа што значи да се биде најдобра атлетичарка, какви се шансите за успех во овој спорт и колкава желба и упорност е потребна да се постигне голем резултат.
Во видеосеријалот „Иднината е светла“ со кој се обележа 10-годишнината од работата на „Халкбанк“ на македонскиот пазар, велите дека за десет години од сега себеси се гледате како пример за сите млади девојки што сакаат да спортуваат. Што ве инспирира вас да продолжите со спортските предизвици?
Со атлетика почнав да се занимавам од мали нозе, повеќе од половина живот ми е атлетика и мислам дека нема да бидам „јас“ ако не спортувам, зашто тоа ме прави среќна. Секоја година си поставувам мои цели и работам многу за да го постигнам тоа што сакам, секоја година нешто ново ме инспирира, што поголема цел толку поголема мотивација, така продолжувам да се мотивирам самата себе.
Имате учествувано на голем број спортски натпреварувања, европски првенства, Олимписки игри и слично. Како се подготвувате за едно големо натпреварување, имате ли посебен режим на тренирање, исхрана и слично?
Големите натпревари бараат многу голема посветеност, треба да си многу подготвен не само физички туку и психички зошто на големите натпревари и притисокот е многу поголем. За еден натпревар се подготвувам скоро цела година, нормално поминувам низ многу тешка тренинг програма, режим на исхрана, на спиење, масажи/терапии и слично. За да се постигне еден голем резултат треба да се вложува многу, да се обрнува внимание и на најмалиот детал.
Колку е важно големите, реномирани компании да вложуваат средства во македонскиот спорт и да ги подобруваат условите на македонските спортисти?
Спортистите се амбасадори и можат да презентират било што на најдобар можен начин низ светот, затоа и треба да се вложува во нив. Не значи дека со пари ќе купуваш резултат, но ќе стигнеш многу побрзо до посакуваниот резултат зашто ќе имаш подобри услови, можности за поголем број на натпревари, подобра опрема и што е нјаважно ќе знаеш дека некој искрено верува во тебе и те поддржува. За жал во нашата земја компаниите немат таква пракса но се надевам тоа да се смени во иднина.
Иако цела година имавте проблеми со повредата на ахиловата тетива, успеавте да го урнете рекордот на 400 метри и станавте прва Македонка што оваа делница ја трча под 58 секунди. Каде наоѓате сила за уште понапорна работа кога ви е најтешко?
Кога сум повредена ми се случува да трчам лични резултати, а во случајот лани трчав државен рекорд. Можеби тоа што сум повредена ме плаши „дали ќе успеам“. Не сакам да заостанувам да излезам од форма и тренирам 200 проценти за да ја постигнам мојата цел, имам страв, влегувам во психичка војна со самата себе и се трудам да трчам максимално како да сè да е во ред и да не мисам на повредата за една минута колку што трае трката.
Изјавивте дека најголема цел ви е да фатите норма за Летните олимписки игри Париз 2024. Како се подготвувате моментално и кои се следни ваши чекори?
Да најголема цел ми е нормата за ОИ Парис 2024, кое ќе биде најголем успех во мојата кариера но и за Атлетиката во нашата земја. Моментално сум позитивна на ковид-19 и не можам да тренирам, за жал треба да ја пропуштам зимската сезона, но штом се враќам ќе давам 200 проценти за да го надополнам тоа што го пропуштив и да стигнам побрзо до посакуваната форма за да го продолжам патот со подготовки кон мојата цел.
Вие сте спортистка која постојано сака да е подобра и поуспешна во својата професија. Како сте задоволни од изминатава година и вашиот напредок и што си посакувате во следната?
Минатата година беше најуспешна во мојата кариера, многу сум задоволна од постигнатите резултати, планирав да трчам 58.00 секунди, а успеав со 57.53 секунди, си ги надминав очекувањата. Се надевам и 2022 ќе биде таква, секој резултат под 57 секунди ќе биде голем успех за мене, можеби звучи малку половина секунда, но во атлетиката тоа е многу.