DJ Nikifor повеќе од 25 години ја воодушевува публиката ширум светот и неговото влијание врз електронската сцена е многу значајно и силно. Со него разговаравме за креативниот процес, за иднината на техното како жанр и за сите предизвици во неговата богата кариера.
Минатата година прославивте 25 години успешна работа и веќе сте култно име од светската техно сцена. Какви чувства се будат кај вас кога мислите на самите почетоци но и целиот ваш кариерен пат?Искрено кога и да помислам на минатото можеби најреално би било ако кажам дека ме фаќа носталгија. Ова што му го направија смартфоните на ноќниот живот, не можев да го предвидам ни на сон.
Како вашата музика ја отсликува или предизвикува културната и социјалната средина од која произлегува?
Togetherness е песната што го одсликува целиот наш живот, од кога памтам за себе, за нашата држава нашиот народ. Многу емотивно сум врзан за оваа песна зашто ме потсеќа на сите убави моменти. Исто драга ми е и Frka, но таа е само за определени месеци во годината. Togetherness е за три децении и уште 2-3 следни сигурно. ,,Love the life” со Mr. Mike е сингл што ќе го сфатат за некоја година, малку пред времето ја извадивме.
Техното е глобален феномен, кој е значаен дел од животите на милиони луѓе ширум светот. Како ја гледате еволуцијата на техно музиката и каде мислите дека таа се движи?
Еволуцијата е веќе започната на места како Ibiza, фестивали како Burning Man како и во поважните клубови во светот. Да се бориме против глобалното зло, односно банирање на влијанието на телефоните врз секој аспект од модерното живеење.
Вашиот сингл Togetherness кој го лансиравте во 2021 година, доживеа светски успех. Како се создаде овој хит и сметате ли дека неговото објавување донесе пресврт во вашата кариера?
Овој сингл се создаде во најтешките денови од пандемијата, не ми се веруваше дека пандемијата ми ја излечи носталгијата. Го создадов во март 2021, во мај потпишав за Tom Novy и некако целата пандемија ми беше многу продуктивна и професионално успешна. На 4-ти јуни 2021 излезе Togetherness и беше хит на летото во многу држави, но тогаш ги затворија сите клубови на Ibiza и Mykonos но и секаде. Да не се случеше тоа можеби ќе донесеше некој поголем пресврт во мојата кариера. Инаку се си оди плански по ред, си го поставувам прашањето кај се гледаш за 5 години и како ќе стигнеш таму и гледам да не доцнам повеќе од еден месец на овој пат.
Кои филозофски идеи или културни движења влијаеа на вашиот пристап кон создавање музика?
Не можам да кажам дека нешто посебно сум по филозофиите, а движењата диктираа дека повеќе не можеш да добиваш настапи ако си само диџеј, односно моравме да станеме и продуценти. Јас за моја среќа или несреќа тој пресврт го имав во 2013 година во Dubspot во New York и чинеше илјадници евра, а сега денешниве ,,деца “ можат да го научат тоа и уште многу повеќе на Youtube и тоа бесплатно.
Вие сте биле резидент диџеј на многу познати светски диџеи како Solumon, Black Coffee, Echonomist. Кој е најголемит предизвик со кој сте се сретнале во досегашната ваша кариера?
Дефинитвно тоа е Carl Cox, со ниеден од другите големи диџеи немав трема, ни страв а со Carl Cox пуштав дваесетина минути во Охрид, ми изгледаа како два дена, уште се тресам кога ќе се сетам. Со другите ми беше полесно. Со Nathi(black coffe) и Mladen(Solomun) настапував како opening или closing act насекаде во Југоисточна Европа цели три години и можам да кажам дека научив многу од нив за бизнис делот, научив многу корисни работи, но и согледав некои што не ми се допаѓаа.
Како ги балансирате иновациите и традицијата во вашата работа? Дали има некои посебни технологии или техники кои го револуционизираа вашиот пристап кон музичката продукција?
До пред некоја година се фалевме кој има поголем стак на саунди на компјутер, сега ние истите имаме Splice профили кои ги користиме толку многу, што од ,,клаимови” не можеме да издадеме песна по три недели. Една песна како на пример ,,Mwaki” ја имаат издадено преку 20 артисти. Мислам дека кај и да е ќе се забрани тоа како и AI вокалите. Мојот начин на работа се базира на моментална инспирација, повеќе не експериментирам и не седам на една трака со недели, месеци. Ми се покажало дека кога сака- сака. Сите мои најдобри песни сум ги направил за 15-20 минути. Значи потребно е само добра инспирација и два пати да се направи mastering во период од 10-14 дена.
Која порака сакате да ја праќа вашата музика, надвор од подиумот?
Да се сакаат луѓето повеќе. Да наоѓаат повеќе среќа во малите нешта, да не озборуваат, да спортуваат и подиумот да го гледаат како терапија на која ќе направат 9.000-12.000 чекори во една вечер, ќе одморат во недела и од понеделник ќе се подготвени за најдобра своја верзија..
На што моментално е насочен вашиот работен фокус, што можеме да очекуваме во блиска иднина?
Викендов правевме summer closing во клуб Rebel во Охрид, имавме гости од Франција, Erik Hagleton настапуваше во петокот со мене, Kiki Botonaki од Грција во саботата со домашната поддршка од Битолскиот MiiLO, а младите надежи Пано и Јован беа opening act.
Со Just RB го привршуваме новиот албум African Queen кој ќе го чуете во целост наредниов месец, а некој од сингловите веќе се на Youtube. Во октомври треба да излезе мој ремикс на EL Sol за легендарната Map Dance records. На почеток на октомври го подготвуваме 4MUSIC Stage na Vinyl Convention каде ќе даваме диџеј часови и ќе бараме нови таленти. Секако во ноември и оваа година ќе ја обележиме мојата професионална годишнина Никифор since 1998, потсетник на работата што ја обожавам.
Уживајте во овој продолжен, празничен викенд во сетовите на DJ Nikifor и не заборавајте дека добрата музика е храна за душата.