Скопје, 6 јули 2026 – По четири години активни настапи, регионални гостувања и континуирано градење на својот авторски израз, Дина Јашари ова лето тргнува на својата прва поголема турнеја низ Македонија. Во периодот од јули до септември, таа заедно со својот бенд ќе одржи концерти во седум градови низ земјата.
Турнејата започна на 2 јули во Скопје, каде што Дина Јашари настапи како предгрупа на Duran Duran во арената „Борис Трајковски“, а продолжува со концертна програма низ повеќе македонски градови.
Во рамки на турнејата ќе настапи на:
• 11 јули, Кочани, Парк на Револуцијата, по повод празникот Петровден
• 23 јули, Виница, КУЛ96, по повод 20 години од постоењето на просторот
• 25 јули, Кичево, Китино Кале, во рамки на манифестацијата „Град на културата“
• 5 август, Струга, фестивалот „Дрим Шорт“, Парк на поезијата
• 20 август, Битола, платото на Офицерскиот дом, во рамки на програмата на БитФест
• 4 септември, Вртешка, Планинарски дом Вртешка, во рамки на фестивалот „Интердисциплинарни активности – Вртешка“
• 17 септември, Штип, Дом на млади
Концертите во Битола и Штип се реализираат со поддршка од Министерството за култура и туризам.
Во изминатите години, Дина Јашари и нејзиниот бенд континуирано настапуваа низ Македонија и регионот, градејќи препознатлив концертен израз и силно присуство на сцените низ просторот на поранешна Југославија. Со оваа турнеја, за првпат во поконцентриран формат, својот актуелен концертен репертоар ќе го претстават пред публиката во повеќе македонски градови.
Дина Јашари е една од највпечатливите авторски појави на современата македонска музичка сцена. Нејзиниот албум „Растенија без корен“ беше одлично прифатен и во Македонија и во регионот, а со својата музичка зрелост, сензибилитет и силен авторски печат дополнително ја зацврсти својата позиција како еден од најавтентичните гласови на новата домашна музичка сцена.
Со оваа турнеја, Дина Јашари отвора ново концертно поглавје, ставајќи го фокусот на македонската публика и градовите низ земјата, по неколку години интензивни настапи и градење на своето име на домашната и регионалната музичка сцена.




