Во ера во која технологијата нè поврзува повеќе од кога било, а чувството на осаменост станува сè поизразено, сè почесто се отвора прашањето како повторно да воспоставиме вистински контакт, не само со другите, туку и со самите себе. Современиот човек живее меѓу бројни улоги, очекувања и постојана потреба да биде успешен, продуктивен и доволен, притоа сè потешко препознавајќи ги сопствените потреби, емоции и автентичен глас. Токму во тој простор помеѓу она што сме и она што се очекува да бидеме, психодрамата, психотерапевтскиот метод на Јаков Леви Морено, отвора можност за поинакво разбирање на човекот, не само преку анализа, туку преку искуство, спонтаност и живо доживување.
Со М-р Мила Радоњиќ, психолог, психотерапевт и претседателка на Здружението „Ј. Л. Морено“ – Асоцијација за психодрамско искуство и обука, разговаравме за тоа зошто автентичноста денес претставува чин на храброст, како неизговореното продолжува да живее во нас, зошто ранливоста не е спротивност на силата и на кој начин психодрамата му помага на човекот да го преиспита односот кон сопственото минато и повторно да стане автор на својот живот.
Основачот на психодрамата, Јаков Леви Морено, велел дека луѓето не треба само да ги анализираат своите соништа, туку повторно да научат да сонуваат. Што значи оваа мисла во контекст на современиот човек, кој сè почесто живее според очекувања, а сè поретко според сопствената автентичност?
Кога Морено зборува дека луѓето треба повторно да научат да сонуваат, сметам дека не мисли само на соништата што ги сонуваме навечер, туку на нашата способност да замислуваме, да создаваме и да живееме автентично. Да сонуваме значи да останеме во контакт со сопствените желби, вредности и потенцијали, наместо животот да го обликуваме исклучиво според туѓите очекувања. Современиот човек често живее во свет на улоги, успешен професионалец, совршен родител, партнер кој не смее да згреши и лесно може да го изгуби чувството за тоа кој е, навистина. Во психодрамата велиме дека проблемот не е во тоа што имаме многу улоги, туку кога тие ќе станат крути и ќе престанеме спонтано да одговараме на животот. Повторно да научиме да сонуваме значи да си дозволиме да бидеме креативни, љубопитни и живи. Тоа е храброст да се прашаме: Што навистина сакам јас?, а не само: Што се очекува од мене?. Верувам дека токму во тој простор помеѓу општествените очекувања и личната автентичност се раѓа можноста за вистинска промена и психолошки раст.
Психодрамата во Македонија не е новина; првата психодрамска група е формирана во 1993 година. Можете ли да ни кажете нешто повеќе за почетоците на психодрамата кај нас?
Психодрамата во Македонија има повеќе од три децении развој и континуитет. Првата психодрамска група е формирана во 1993 година од д-р Александар Марцикиќ и д-р Бранислав Манчевски. Групата започнува како едукативноискуствена, а од 1996 година прераснува во тренинг група за психодрама. Паралелно со ова, Марцикиќ и Манчевски се меѓу основачите на Македонската асоцијација за психодрама (МАП), преку која активно придонесуваат за развојот, промоцијата и професионализацијата на психодрамата во земјата. Во 2007 година групата официјално прераснува во Тренинг здружение „Ј. Л. Морено“, кое претставува првото формално здружение посветено на психодрамата во Македонија. Од своето формирање до денес, здружението ја продолжува својата едукативна, психотерапевтска и развојна дејност, следејќи ја мисијата поставена уште во почетоците: промоција, развој и зајакнување на психодрамата како пристап во психотерапијата, личниот развој и разрешувањето конфликти. Од 2011 година Тренинг здружението „Ј. Л. Морено“ станува членка на FEPTO (Европска федерација на тренинг организации по психодрама), со што се потврдува неговиот квалитет, професионален стандард и меѓународна релевантност.
Психодрамата се темели на акција, а не само на разговор. Зошто понекогаш телото и искуството можат да кажат повеќе за нашата внатрешна вистина отколку зборовите?
Зборовите се важни, но не секогаш можат да го опфатат она што навистина го чувствуваме. Често знаеме да објасниме што ни се случило, а сепак да не сме во контакт со сопствените емоции. Телото, пак, памети. Во него остануваат запишани стравот, тагата, радоста, но и начините на кои сме научиле да се заштитиме. Во психодрамата не се задоволуваме само со раскажување на приказната туку имаме можност и да ја оживееме. Кога човек ќе застане во одредена улога, ќе се соочи со значајна личност или ќе ја види својата ситуација од друга перспектива, често се појавуваат чувства, мисли и сознанија до кои разговорот сам по себе не успеал да допре.
Психодрамата како акциска метода не е театар. Таа е начин човекот да го искуси она што го знае со главата и да го почувствува со целото свое битие. Токму затоа психодрамата може да доведе до длабоки и трајни промени, затоа што не менува само начин на размислување, туку создава ново, корективно емоционално искуство. А искуствата, многу повеќе отколку советите, имаат моќ да нè променат.
Една од најмоќните техники во психодрамата е замената на улоги. Што најчесто открива човек кога за момент ќе се обиде да ја види сопствената приказна низ очите на некој друг?
Промената на улоги е една од најзначајните техники во психодрамата затоа што ни овозможува да излеземе од сопствената перспектива и, барем за момент, да го доживееме светот низ очите на другиот. Не станува збор за тоа да оправдаме нечие однесување, туку да го разбереме. Многу често, во таа промена на перспективата, човек открива нешто неочекувано, некогаш дека зад лутината можеби стои страв, зад критиката беспомошност, а зад тишината неискажана болка. Во исто време, почнува подобро да се гледа и себеси, како изгледа неговото однесување однадвор, што испраќа со своите зборови, а што со своето молчење. Токму затоа промената на улоги не ја развива само емпатијата кон другите, туку и самосвесноста. Таа нè потсетува дека секоја приказна има повеќе перспективи и дека вистинската промена најчесто започнува тогаш кога ќе престанеме да гледаме само низ сопствените очи. Тоа не значи дека ќе се согласиме со другиот, туку дека ќе го разбереме подобро, а разбирањето е првиот чекор кон поквалитетни односи и позрели избори.
Во психодрамата не се менува минатото, но се менува начинот на кој го носиме со себе. Колку ваквиот пристап може да влијае врз ослободувањето од стари емоционални обрасци?
Минатото не можеме да го избришеме, но можеме да го преработиме неговото влијание врз нашиот сегашен живот. Со помош на психодрамата неможеме да ја менуваме историјата, туку односот што го имаме кон неа. Често луѓето со години несвесно ги повторуваат истите емоционални обрасци во партнерските односи, родителството, работата, затоа што некогаш, во минатото, тие обрасци биле успешен начин да преживеат, да се заштитат или да избегнат конфликт.
Кога преку психодрамската акција, на психодрамската сцена повторно се среќаваме со значајни животни ситуации и личности, добиваме можност да го доживееме она што тогаш ни недостигало, да ги изразиме неискажаните чувства, да поставиме граници, да го слушнеме сопствениот глас или да направиме поинаков избор. Тоа не ја менува реалноста на настанот, но ја менува неговата емоционална тежина, и ни дава можност да направиме нов избор.
Верувам дека токму во тоа е силата на психодрамата. Таа не нуди заборав, туку интеграција. Минатото престанува да биде товар што нè управува и станува дел од нашата животна приказна од кој можеме да учиме, без постојано да го повторуваме. Тогаш човекот повеќе не реагира автоматски според старите рани, туку добива слобода да избере нов начин на живеење и поврзување со другите.
Современото општество често нè охрабрува да бидеме успешни, продуктивни и силни. Дали психодрамата, всушност, нè учи повторно да бидеме ранливи и токму затоа поавтентични?
Не би кажала дека учи да бидеме ранливи по секоја цена, туку ни помага да сфатиме дека ранливоста не е слабост, туку предуслов за автентичен контакт, и со себе и со другите. Во општество кое често ја вреднува продуктивноста повеќе од човечноста, лесно е да научиме да функционираме, а да престанеме вистински да чувствуваме. Човекот не мора и не може да биде совршен. Тој може да биде исплашен, лут, тажен, збунет или неодлучен. Токму кога ќе си дозволи да ги препознае и признае тие делови од себе, се создава простор за вистинска промена. Автентичноста не значи да ги покажуваме сите свои чувства пред секого, туку да не живееме во постојан страв од нив. Многу често токму кога ќе престанеме постојано да се докажуваме како силни, стануваме посилни. Затоа што вистинската психолошка сила не е во тоа никогаш да не паднеме, туку да можеме да се соочиме со сопствената ранливост без да бегаме од неа. Психодрамата како техника создава безбеден простор во кој човекот може да го направи токму тоа и од таму да излезе не послаб или појак, туку поцелосен и поавтентичен.
Во групната работа луѓето честопати откриваат дека нивната лична приказна не е толку единствена колку што мислеле. Како чувството дека не сме сами во сопствените борби влијае врз процесот на емоционално зацелување?
Едно од најлековитите искуства во групната психотерапија е токму тоа, сознанието: Не сум единствениот/единствената. Многу луѓе доаѓаат во група убедени дека нивните стравови, срам, загуби или дилеми ги прават поинакви од другите. Кога ќе слушнат дека некој друг поминува низ слични внатрешни борби, чувството на изолација почнува да се намалува. Во психодрамската група не се создава поврзаност затоа што сите имаат иста животна приказна, туку затоа што низ групната работа учесниците препознаваат исти човечки чувства. Токму во тие моменти се раѓа емпатијата не само кон другите, туку и кон себе. Она што до вчера изгледало како личен неуспех, почнува да се доживува како дел од човечкото искуство. Токму во групата, во присуството на другите, лежи моќта на психодрамската метода и групната психотерапија, бидејќи заздравувањето не се случува во изолација, се случува во поврзаост. Се случува во однос кога сме видени, слушнати и прифатени без осуда. Групата станува место каде што човекот може да експериментира со нови начини на поврзување, да добие искрена повратна информација и да доживее дека, иако неговата приказна е единствена, не мора сам да го носи нејзиниот товар. Токму тоа чувство на припадност често е почеток на длабока и трајна промена.

Морено зборувал за спонтаноста како предуслов за креативност и здрав развој. Дали денес сме ја изгубиле способноста спонтано да реагираме, заменувајќи ја со контрола и постојана самокритика?
Мислам дека многу луѓе денес живеат со силна потреба да го контролираат секој чекор што ќе кажат, како ќе изгледаат, како ќе бидат доживеани. Во свет во кој постојано сме изложени на проценки, споредби и очекувања, спонтаноста лесно се заменува со претпазливост, а љубопитноста со самокритика.
Спонтаноста не значи импулсивност или непромислено однесување. Таа е способност да дадеме нов и соодветен одговор на нова, но и на стара животна ситуација. Тоа е психолошка флексибилност, да не бидеме заробени во автоматските реакции што сме ги научиле од страв, туку да можеме свесно да избереме како ќе одговориме и како ќе живееме. Токму затоа психодрамата создава простор во кој човекот може повторно да ја открие својата спонтаност. Не затоа што животот станува полесен, туку затоа што престанува да биде однапред напишано сценарио. Кога ќе се ослободиме од потребата секогаш да бидеме совршени, точни или доволно добри, се отвора простор за креативност, за нови избори и за поавтентични односи.
Верувам дека една од најголемите задачи на современиот човек не е да научи уште повеќе да се контролира, туку повторно да си дозволи да биде жив, љубопитен и присутен во моментот. Токму таму започнуваат и личниот раст и вистинската промена.
Во психодрамата често се поставуваат на сцена разговори што никогаш не се случиле или не можеле да се случат. Каква психолошка вредност има тоа што човек конечно ќе го изговори неизговореното?
Понекогаш најтешките разговори во животот се токму оние што никогаш не се случиле. Некогаш затоа што другата личност не била подготвена да слушне, затоа што веќе не е жива или затоа што ние самите не сме имале сила да го кажеме она што сме го носеле во себе. Но, тоа што нешто останало некажано, не значи дека престанало да влијае врз нас. На психодрамската сцена добиваме можност симболично да го довршиме тој недовршен дијалог. Не затоа што очекуваме да го промениме минатото или другиот човек, туку затоа што сакаме да го ослободиме сопствениот внатрешен простор. Кога конечно ќе ги изговориме зборовите што со години сме ги задржувале, болката, лутината, љубовта, разочарувањето или простувањето, тие престануваат да бидат товар што нè обликува. Често велиме дека неискажаното не исчезнува, само наоѓа други начини да се изрази, преку симптоми, повторувачки односи или емоционални реакции. Затоа психодрамската сцена станува безбедно место каде што човекот може да го заврши она што во реалниот живот останало недовршено. Не секогаш добиваме одговор од другата страна, но многу често го пронаоѓаме сопствениот. А токму тоа е моментот кога човекот престанува да биде заробеник на минатото и станува автор на следното поглавје од својот живот.
Денес сè повеќе се зборува за анксиозност, осаменост и емоционална исцрпеност. Дали психодрамата нуди нешто што индивидуалната психотерапија не може секогаш да го понуди, токму преку моќта на групното искуство?
Индивидуалната и групната психотерапија не се конкуренти, туку различни патишта кон истата цел, психолошко заздравување. Секоја има свои предности и за многу луѓе тие се надополнуваат. Психодрамските техники имаат широка примена, се користат и во индивидуалата психотерапија, но она што психодрамската група го нуди е можноста човекот да се лекува не само преку односот со терапевтот, туку и преку односите со другите членови на групата. Бидејќи голем дел од нашите рани настануваат во односите со луѓето, сосема природно е токму во односите да се создаваат и нови, корективниискуства. Она што праксата го покажува е дека кога човек ќе види дека е прифатен и разбран од групата, кога ќе препознае делови од својата приказна во приказните на другите или кога ќе биде сведок на туѓа промена, се случува нешто многу моќно. Се намалува чувството на осаменост, се зајакнува надежта и се враќа довербата дека промената е можна. Психодрамата, преку групната акција, создава простор не само да зборуваме за односите, туку и да ги доживееме поинаку. Да поставиме граници, да побараме поддршка, да се соочиме со стравовите и да искусиме прифаќање таму каде што некогаш сме очекувале осуда. За луѓето кои се борат со анксиозност, осаменост или емоционална исцрпеност, токму ова искуство на вистинска човечка поврзаност често станува еден од најсилните двигатели на заздравувањето.
На надгробниот споменик на Морено стои: „Овде лежи човекот кој ја донесе смеата во психијатријата.“ Колку хуморот, играта и спонтаноста се сериозни терапевтски алатки и зошто токму тие понекогаш водат до најдлабоките лични промени?
Оваа реченица многу убаво ја отсликува филозофијата на Морено. Да се внесе смеа во психотерапијата не значи да се потценува човечкото страдање, туку да се потсети дека човекот не е само својата болка. Тој е и креативност, игра, надеж, однос и способност повторно да се радува.Хуморот и играта никогаш не се цел сами по себе. Тие се начин да се намали стравот, да се создаде чувство на сигурност и да се отвори простор за нешто ново. Многу често, токму кога човек ќе си дозволи да се насмее среде една тешка приказна, се случува промена на перспективата. Проблемот не исчезнува, но повеќе не изгледа како единствената вистина. Играта пак е особено моќна затоа што во неа човекот може да експериментира без страв од неуспех. Може да испроба нова улога, нов начин на комуникација или нов одговор на стара ситуација. Тоа е суштината на психодрамата, и нејзината најголема вредност, да се создаде простор каде што промената прво ќе се доживее, а потоа ќе се пренесе во реалниот живот. Сметам дека најдлабоките промени не се случуваат само кога ја разбираме својата болка, туку и кога повторно ќе си дозволиме да се насмееме, да се изненадиме, да бидеме спонтани и да почувствуваме радост, не како бегство од реалноста или одбранбен механизам, туку како враќање на делови од себе кои честопати биле потиснати од страв, траума или животни околности. Во таа смисла, хуморот, играта и спонтаноста не се спротивност на психотерапија. Тие се едни од нејзините најмоќни сојузници.
Како денес работи Здружението „Ј. Л. Морено“ и кои активности ги реализирате во рамките на едукацијата и психодрамската практика?
Здружението „Ј. Л. Морено“ е активно посветено на развојот, промоцијата и примената на психодрамата како современ психотерапевтски и едукативен пристап. Нашата работа опфаќа едукативни програми по психодрама, искуствени психодрамски групи, отворени работилници, супервизија и континуирана професионална поддршка за психотерапевти и професионалци од помагачките професии. Во групите за личен раст и развој може да се приклучи речиси секој што сака да работи на себе во групен психотерапевтски контекст. Повиците за формирање нови групи ги објавуваме редовно на нашите профили на социјалните медиуми. За едукативните програми има критериуми за упис. Групите за личен раст и развој ги водат Мила Радоњиќ, Елена Димушевска, Емилија Чабуковска и Фросина Ивановска.
Имаме достапни две едукативни програми по психодрама, а оваа година за прв пат воведовме и нова 30часовна интензивна програма посветена на психодрамски техники, наменета за психолози, психотерапевти и професионалци од помагачките професии кои сакаат да го продлабочат своето практично знаење и да стекнат конкретни психодрамски вештини применливи во терапевтска и едукативна работа. Програмата е планирана да започне на есен, во последната недела од септември, и ќе се одржи во интензивен викендформат, организиран во неколку последователни модули. Овој формат овозможува фокусирана работа, постепено градење на знаењето и доволно простор за практична примена на техниките. Обуката ја води Филип Бабамов, психолог, психотерапевт и сертифициран тренер по психодрама, заедно со тим од тренери во едукација – Мила Радоњиќ, Елена Димушевска, Емилија Чабуковска. Информациите за точните датуми, структурата на модулите и начинот на пријавување за 30часовната обука може да се најдат тука.
Сите останати информации за едукативните програми, искуствените групи и активностите на Здружението „Ј. Л. Морено“ се достапни на нашата
вебстрана psihodrama.mk.






