Со десетина кози и желба за промена на начинот на живот, започнала приказната на Давид Неделковски кој одлучил да се пресели заедно со семејството во куќа во Раштак, и да научи како се работи и живее на фарма иако почетокот бил полн со предизвици.
Познат сте по фармата „Кози, млеко, планина“ и по тоа што пред десет години одлучивте да се преселите од Скопје во селото Раштак и да почнете со семејството да одгледувате кози. Зошто ваква транзиција, како дојдовте до оваа одлука?
Во тоа време студирав и работев, константно се обидував да ги балансирам овие две работи, бев свесен дека е неодржливо на долг рок но не знаев какво финале ме очекува. Моите родители исто така работеа но недостасуваше акција, недостасуваше предизвик, ни здодеа да егзистираме без колективен прогрес. Селото Раштак беше нашиот излез од сивилото, на земјата од нашите предци. Идејата беше да ја ставиме во функција земјата и да се грижиме за баба ми и дедо ми. Свесни за тоа дека храната е основен столб на сите цивилизации и цивилизациски придобивки, купивме 10 кози и почнавме да учиме, дали е храброст или лудост повеќе не е ни важно.
Како изгледа еден ваш типичен ден со оглед на тоа што работата на фарма е доста напорна и бара да се вложи многу енергија?
Верувајте дека е покомплексно и понапорно од вашите очекувања, тука цело време нешто се случува, дали е тоа породување или обработка на млекото или пак подготовки за зима, динамиката на обврските е навистина обемна, можеби сезонските промени во работата ја прават да не биде монотона. Без оглед дали сега собираме зимница за козите или пак за време на зимата обезбедуваме вода за нив, нема бегање од дневната рутина: козите мора да добијат доручек додека ги молзиме, па потоа вода, прошетка и повторно молзење и секако обработка на млекото. Овој период мораме да обезбедиме храна, не смееме да заборавиме дека оваа година средината на април имавме врнежи од снег, не знаеме каква ќе биде оваа зима и мораме да бидеме подготвени на сè .
Како изгледаа почетоците, како се прилагодивте, дали постоеја предизвици на почетокот?
Промената и адаптацијата одат под рака заедно и навистина не е лесно, особено ако сте градско дете со нежни рачиња. Човекот е најприлагодливо суштество на планетава, идејата, визијата и волјата е тоа што е пресудно. Ние бевме ептен градски, прво купивме машина за молзење па кози и првата лекција со козите беше циркузи. Козите немаат предни горни заби (горна вилица имаат само катници) по што мислевме дека сме изиграни но потоа осознавме, а со стариот сопственик сè уште живееме и се смееме на овој момент.
Денес имате и место за дегустација, имате посети од заинтересирани граѓани и правите и продавате локални производи од козјо млеко. На што сте особено горд денес во однос на целата промена и одлуката да се занимавате со одгледување кози?
Околу дегустацијата и посетите категорички можам да кажам дека работиме на случајот и сè уште не сме почнати официјално, се работи во адаптирање на просторот но и програма на повеќе нивоа, да биде забавно и за дете и за големо дете. Во овој поглед предизвикот е голем бидејќи не смееме да измрдаме во рутината, а тоа е пред сè благосостојбата на козите и производството. Се надевам дека ќе имаме спокојна есен и дека ќе бидеме во можност да оствариме уште еден „отворен ден на фармата“. Благодарен сум им бескрајно на моите родители без кои сево ова ќе беше невозможно, буквално сме подготвени до последниот здив да се бориме еден за друг, бескрајно сум благодарен што имам вакви сопатници. Од гордоста не гледам некаква полза, радосен сум што се појавуваат сè повеќе млади и храбри производители, зрели да се носат со предизвиците, ваквите поврзувања создаваат трајни и искрени пријателства и единство во уживање на храната и почитување на трудот.
Имате студирано археологија, но не сте тргнале во тој правец на кариера. Која беше причината да скршнете од патот на археологијата?
Вистината е дека не ги завршив студиите, чесно е да кажам од почит кон колегите и професорите од кои научив животни лекции, јас всушност трагам по одговори. Се чувствувам среќен затоа што имав прилика барем малку да ги доживеам и замислам предизвиците на првите сточари, нашите предци кои неосновано ги доживуваме како примитивни. Напротив примитивност треба да бараме во епохите на комфорт, каде што се рушат вредностите од аздис на неконтролирана и неправилно распределена моќ. Благодарение на предзнаењето од катедрата по археологија и животот со козите, во потрага сум по стапките на козата во минатото, процесот на припитомувањето, значењето на развојот на сточарството и улогата во првите општества, значењето на млекото и магичната трансформација во сирење.
Што е најубаво од животот во природа, што најмногу ве восхитува, која храна вие ја препорачувате на посетителите на фармата?
Секој дел од годината има свој сјај, фасцинантна е совршеноста на природата и односот на козите кон неа, сè е складно и промислено. Лично ми одговара поголемиот дел од денот да го поминам на отворено со козите. Околу храната приоритет давам на сезонското и локалното затоа што тоа е природно, навистина е уживање кога дегустирате некој млечен производ на ливада од каде што козите го прават млекото. И покрај дневните обврски на крајот од денот мирниот сон е најубавата награда.
Дали сметате дека локалните производители и фарми во Македонија можат да почнат да привлекуваат домашни и странски туристи и полека да заживеат и руралните подрачја во Македонија со оглед на природните убавини?
Мислам дека имаме многу работа во развојот на селото како двигател на локалната економија на база на земјоделството и сточарството како основа на селата. Тука е неопходно да се вклучат сите и да дадеме поддршка, мислам дека треба да се насочиме кон реалните проблеми и елементарни предуслови за развој на селата, а потоа да ги моделираме работите согласно природата на реалните потреби. Релацијата помеѓу човекот и производството на храна нè следи уште од длабока праисторија до ден денес, а притоа мораме да водиме сметка и да се стремиме кон создавање подобри услови за идните генерации.