За себе сметам дека не сум оговарачка од најстрашен вид, да речеме на оговарачката скала од еден до пет сум три минус. Можеби имало периоди во кои сум котирала повисоко, но со текот на времето сум забележала дека немам нерви, време ни интерес за туѓи животи, зашто мојот станал доволно замрсен. Сѐ ова звучи вака кога го читаш фино, коректно и безопасно, но колку е ова точно?
Еден навидум обичен ден станав, пиев кафе и буквално еден час, јас и моите најблиски другарки во сите групи на Instagram и Viber само си препраќавме луѓе што ни се познаници, пријатели и сосема непознати луѓе. Ред невкусни коментари, доза на осуда, доза на потсмев сѐ тоа убаво спакувано со забавни ноти. Милина… Ама затоа кога ќе ме праша некој што мислам за себе на оваа тема, читајте погоре колку не сум свесна. Кога ми стана јасно дека имам проблем и колку е малограѓански и поразително оваа практика да ти е дел од секојдневието, премногу се засрамив. Решив дека морам да престанам иако дел од мене се бранеше дека буквално ништо не правам лошо. Првиот ден кога некој некого прати, поради некоја причина, премолчев. Не искоментирав, не го продолжив токсичниот круг, но не реков ништо за да го прекинам. Во текот на денот кога ќе наидев на некоја објава што обично ќе сум ја препратела, ја игнорирав. Ова било премногу тешко, си мислев премногу сме навлезени. Ама штом го помислувам, зашто да не го споделам ме копаше злобниот дел од мене. Па и мене ме коментираат, споделуваат, оговараат, се бореше оговарачот во мене.
Вториот или третиот ден од кога искоментирав нешто за некого, ми текна на договорот што го имав сама со себе. Упс… Барав одговор во психологија, барав одговор на Google, ама и таму не испаѓав виновна јас што ме храбреше уште повеќе. Ги кривеа социјалните мрежи, како ни ја смениле целата перцепција за реалност, како ни е полесно ако видиме несовршеност кај други луѓе. Не ми помагаше ништо од тоа што читав. Кога бев на пат да се вратам на старите лоши навики, една случка од моето секојдневие ми го даде бараниот мир.
Мојот среден син постојано сакаше да игра една игра што ја имаше на телефонот на најголемиот. Го молеше често и во зависност од расположението неговиот брат некогаш му дозволуваше, некогаш не, но секогаш беше премногу возбуден и му беше многу голема желба. Па така еден ден кога брат му го заборави телефонот дома, јас кога открив дека телефонот нема пин, веднаш добив желба за мала извидничка тура по неговите Вибер групи, секако од безбедносни причини. Но се искарав себеси и за да не мислам на тоа, му го понудив телефонот на средниот син да ја игра играта што ја обожава. Тој толку зачудено ме погледна и најсмирено ми одговори: „Ама не сакам, он не ми дозволил, тоа си е негов телефон, не сакам да му фаќам ништо.“ И тогаш сфатив дека едно девет годишно дете има поголема самоконтрола од мене за почитување туѓа приватност.
Нека оваа моја, мала срамна приказна ни биде поука секогаш кога сакаме да искоментираме нешто што не нѐ засега, дека можеме многу подобро од тоа. Ако ние немаме почит за туѓите избори, одлуки, животи зашто несебично бараме некој да не разбере, заштити, да не нѐ осуди. Не постои наивно оговарање, ниту пак безопасно коментирање, бар за почеток да бидеме доблесни и да си го признаеме тоа. А потоа кој колку може, патент на уста…