Неодамна почна третата сезона на поткасти на радиошоуто „Пандамониум“, каде што разговарате за музиката и за културата, се обработуваат нови албуми и хип-хоп класици. Што претставува ова шоу за вас и како го подготвувате?
Хеј хеј хеј! „Пандамониум“ е проект што се обидува да ја доближи и да ја развие (хип-хоп) културата до луѓето заинтересирани за неа, да спои истомисленици кои можеби не се познаваат или се познаваат, ама не се свесни дека ја делат истата љубов и пасија за музиката. Се обидуваме да го постигнеме тоа преку користење на различни виртуелни формати и платформи достапни денес, на пример серверот „Дискорд“, кој функционира како модерен форум, плејлистите на „Спотифај“, преку кои споделуваме квалитетни локални и интернационални изданија и, се разбира, поткастот кој е централниот дел што го спојува сето ова.
Пред неколку недели ја почнавме третата сезона, сменивме локација на снимање и со уште поголем ентузијазам од претходно се среќаваме еднаш неделно да ги дискутираме новите изданија, да известуваме за настаните што ги организираме или ги посетуваме или, пак, да разговараме со гости. Нема посебни подготовки, нашите навики на преслушување музика, следење новости и акумулирано познавање по толку години активно следење на сцената прави муабетите да течат сами, иако, секако, претходно имаме одредено точки по кои се водиме.
Ако ве заинтересира ова, ѕирнете го поткастот на „Јутјуб“ или слушнете на „Спотифај“, а исто така проверете некоја од нашите плејлисти или, пак, приклучете се кон нашата заедница на музички нердови на „Дискорд“.
Вашите сетови се дел од ноќниот живот и како дел од продукцијата „Sure Shotz“ имавте работна летна сезона. На што моментално работите и кој е вашиот професионален предизвик?
Екипата на „Sure Shotz“ постојано работи во полна пареа и среќни сме дека тоа е така. Имавме супер успешно лето, мини SHAKE турнеја, како и многу диџејски и фестивалски настапи. Зимската сезона донесе нова резиденција под името „SPICY“ во клубот „Станица 26“, која во првите два месеца ги надмина нашите очекувања и многу пријатно нè изненади енергијата што луѓето ни ја даваат секој четврток.
Всушност, тоа е и нашиот најголем професионален предизвик, не само сега туку и секогаш: како да создадеме уникатно искуство за сите посетители на нашите настани. Сакаме да бидеме иновативни во начинот на промоција или креирање на визуелен идентитет на журките или, пак, храбри во селекцијата на музика за да ги донесеме новите светски актуелни стилови тука. Но, сето тоа без компромис кон убавиот провод на луѓето во публика, бидејќи тие се секогаш најважните за нас и само кога тие си поминуваат убаво ние сме задоволни од нашата работа. Можеби не успеваме секогаш да најдеме добар баланс помеѓу сите овие работи, но токму тоа е предизвикот што нè турка напред, за постигнување на крајната цел – подигнување на стандардите на забавниот живот тука (според условите со кои располагаме).
Што си посакувате во следната година професионално и приватно?
Ух, уште ми е рано да мислам на следната година, прво да ја завршиме оваа и сите предвидени настани да поминат како што треба… и истата енергија да се пренесе и во следната и таа по неа.
Се шегувам, најважно од сè е здравјето, па затоа би посакал јас, сите блиски и колку што е можно повеќе луѓе наоколу да останат здрави, ментално и физички, во неизвесниот период што претстои. Ако е тоа така, тогаш би сакал да патувам, да посетам различни фестивали, концерти и настани, да поминувам квалитетно време со вистинските луѓе и да запознам нови пријатели од различни места што прават нешто интересно.
Во поглед на професионалниот дел, најважно е да продолжиме напорно да работиме, па работите што треба сами ќе си дојдат.