Со целосна поддршка и љубов, но и со рана детекција на проблемите и вистинска стимулација како од страна на стручни лица така и во домот, невозможното станува возможно.
Даниела Хок и нејзината борба за своето семејство, желбата нејзините три прекрасни ќерки да се здрави и среќни се најубав доказ за силината на мајчината љубов. Инспиративна приказна за упорноста, пожртвуваноста и моќта на љубовта.
Веќе 13 години живеете во Германија, во мало село, со вашите три ќерки кои се интегринирани во образовниот германски систем. Какви се предшколските и школските институции таму и како тие влијаат на детскиот развој?
На ова прашање ќе одговорам од перспектива на мајка на дете кое се соочува со предизвици во развојот и му е потребна соодветна стимулација и стручна помош од страна на терапевти за нивно надминување. Моите ќерки посетуваат интегративна градинка. Станува збор за градинка во која на најдобар можен начин е имплементирана инклузијата и заеднички, секојдневно, играат, се дружат и забавуваат дечиња кои се соочуваат со различни пречки во развојот, од полесни кон потешки, и дечиња со развој соодветен за возраста. Станува збор за две групи, секоја со по 15 деца, од кои 2-3 деца имаат потреба од дополнителна работа со терапевти кои за нив одат во градинката и им пружаат дополнителна индивидуална настава. Најстарата ќерка е едно од овие дечиња и со максимална посветеност и работа со логопед, физиотерапевт и дефектолог изминативе години, се стремевме на надминување на различните дефицити со кои се соочуваше. Тимската работа, меѓусебната помош, поддршка и почитување на различностите се нешто кои сите дечиња го учаат од најмали нозе. Подигнување на свеста за рециклирање, екологијата и теми од сличен калибар, активната игра во природа независно од годишните сезони и температури и најразличните DIY работилници се дел од нивното секојдневие. Ваквиот тип на градинка е најдоброто нешто кое и се случи на мојата ќерка. Финансирањето на услугите на терапевтите е покриено од страна на фондот за здравство и истите работат со рецепт, немаме никакви дополнителни трошкови околу истите и овој вид на услуги се достапни на сите кои имаат потреба од истите, независно од финансиската состојба или примањата на родителите.
Вашиот Инстаграм профил е ваш виртуелен дневник, каде што споделувате многу корисна содржина, со голем број сензорни активности. Може ли да ни раскажете како започна вашиот интерес за овој невролошки процес кај децата?
Кога се активирав на Инстаграм (@oursensoryfamily) и започнав со споделување на активностите и игрите на девојките решив тоа да не го правам преку сопствена презентација и некакви говори за тоа што е вистинско, што е правилно или што е најдобро за развојот на децата и за надминување на потешкотиите со кои се соочуваат.
Решив да го направам на друг начин, преку секојдневни слики и видеа од безброј активности, доловувајќи не само дел од нашето секојдневие туку и нивниот развој во изминативе две години и успешната имплементација на еден модел и рутина на работа со деца. Помалку зборови и експонирање од моја страна, но повеќе дејствa и резултати. Не знам колку од вас се запознати со фактот дека Ели беше дијагностицирана со 80% попреченост пред околу 3.5 години. Денес ќе ги изоставам шокот, болката и тагата кои ние, јас и татко ѝ, како родители, ги чувствувавме во тој момент. Патот кој таа го чекореше, патот на кој ние ја придружувавме, беше исполнет со секојдневни логопедски, дефектолошки, физиотерапевтски и психолошки третмани. Викенди исполнети со терапии за јавање коњи, пливање, музички терапии, терапија со делфини, електромагнетна терапија. Дефицитите во говорот, фината и грубата моторика, социо-емоционално и когнитивно беа огромни.
После години третмани, целосна промена на начинот на живот и нашите навики, успешно имплементирана секојдневна рутина на игри за стимулација и забава еве сме. Тука. Сега.Чeкорејќи го овој пат, сите заедно, како семејство, пружајќи и ја неопходната поддршка нè промени и нас како личности и ги прошири нашите интереси и хоризонти. Читајќи литература за состојбата на мојата ќерка, за проблемите со кои се соочува, започнав да барам начини за јас да успеам да и помогнам и да работам со неа на надминуавње на потешкотиите со кои се соочуваше.
Технологијата и електронските уреди премногу штетно влијаат на психо-физичкиот развој на децата. Кој е вашиот совет за родителите, со оглед на тоа што вашите деца најголемиот дел од денот го поминуваат во природа?
Во моментот кога се соочивме со фактот дека нашата ќерка се соочува со различни предизвици во развојот и дека дефицитите се во сите можни области од истиот започнавме да бараме одговори за причините за истото, што точно се случи, но секако и баравме совети и информации за различни третмани за нивно надминување. И покрај тоа што е пациент во три големи клиники и беа направени безброј генетски испитувања, крвни анализи и ЕЕГ, МРИ снимки одговор на првото прашање сè уште немаме добиено, но добивме толку многу предлози и совети кои нè поттикнаа да го промениме ритамот на живот и да воведиме мали промени во нашата секојдневна рутина.
Советот кој го добивме од сите терапевти беше активна игра во природа, истражување, експериментирање и поттикнување на креативноста и фантазијата. Започнав да читам да се информирам за придобивките од играта во природа спроти медиумите и нивното влијание врз детскиот развој.
Прошетката во шумата е вистинска стимулација за сите сетила и ни носи многу повеќе од чист воздух. Таа е и најдобрата локација за неструктурирани и сензорни игри преку кои истовремено се поттикнува и фантазијата и креативноста. Гранчињата и листовите шушкаат и крцкаат додека чекориме и се движиме по удолнини и угорнини, звукот на поточето и птиците го слушаме со целосно вимание, набљудуваме различни инсекти, го допираме мовот, правиме проценка на оддалеченост и висина, спонтано чекориме и балансираме по пресечените дрва или камењата во поточињата, учиме за ориентација во простор но истовремено ја подобруваме нивната самодоверба, меѓусебна комуникација и тимска работа.
Како успевате да набавите, подготвите и реализирате толку многу играчки, игри и активности кои имаат стимулативна улога?
Често велам дека терапевтите не се магионичари, дека е неопходна заедничка работа помеѓу нив, како стручни лица и нас родителите. Доколку очекуваме и се надеваме на чудо од таа 45 минутна средба кои ја имаат со нашите деца во неделата, помислете колку многу можеме да сториме и ние, родителите, во остатокот од времето, доколку се информираме и добиеме соодветни насоки и информации. Јас го сторив токму тоа. Набавив стручна литература, посетував голем број семинари на различни тематики од детскиот развој и континуирано се информирав за текот на нивните третмани и барав совети за работа во домашни услови.
Пред некое време заедно со уште неколку луѓе кои имаат интерес во оваа област, започнавте еден предизвик за изработка на активности. За што точно станува збор?
Идејата за овој предизвик се роди пред нешто повеќе од една година и беше започнат од мене и уште неколку други профили со основна цел да се активираат дечињата и нивните најблиски преку најразлични активности во домот, но и игри и активности во природа, песнички и препораки за книги, сензорни игри. Без ограничувања во однос на возраст со можност со малку креативност истите да бидат прилагодени кон интересите на детето.
Поради зголемените обврски, најпрво професионални и зголемениот број на работни часови во текот на денот, но и приватни и обврските околу куќата која во моментов ја градиме и специфичните видови на активности и подготовката на истите кои беа неопходни за Елизабет изминатиов период, морав да го напуштам истиот. Но една посветена и прекрасна група продолжи со водењето на истиот и сите теми и изработки за истиот можете да ги најдете под #dabidemekreativnipredizvik и да им се приклучите.
Со оглед на тоа што сите деца имаат различен темперамент и карактер, како ги приспособувате активностите на секое од нив?
Пред воопшто да започнеме со заедничка работа и групни активности најпрво мора да секое од децата да посетува рутина и концентрација за самото да успее да изврши една задача и да игра. Во спротивно не само што активностите со него ќе бидат неуспешни туку ќе ги спречува и своите братчиња-сестри кои се наоѓаат во истата, во намерата да играат и да учат.
Претпоставувам дека ова е најтешкиот дел за сите нас и е индивидуално и варира зависно од детето и другите околности. Пред сè би рекла дека е неопходно да му се пружи на детето соодветна средина за работа и учење. Дел од домот, своја соба или прилагоден дел од дневниот простор, каде ќе има свое столче и масичка, дел од домот каде ќе нема надворешни влијанија во вид на ТВ кои би му го одвлекувале внимание.
Иако секое дете е индивидуа за себе со свој ритам и темпо на развој постојат некои општи милји за развој кои ни се општа водилка и не насочуваат за просеците што е потребно да знае, да умее едно дете на определена возраст. Водејќи се по овие насоки правам комбинација од активности кои им се потребни за стимулација на соодветна сфера на која е потребно да се обрне внимание и активности кои им се омилени на девојките. Доколку детенцето има проблем со фината моторика изнаоѓам креативни начини и материјали за игра преку која би се стимулирала оваа област. Игра со пластелин и оформување на истиот со прстињата, сецкање на листови на мали делчиња, нижење ѓердан, боење итн. Знаејќи што му е потребно на нашето дете го наоѓаме вистинскиот пристап, материјал и игра за успешно да му го доближиме.
Вашето секојдневие и целото време што го поминувате со вашите деца е премногу мотивирачко за сите останати мајки. Имате ли конкретен совет до родителите како да го подобрат квалитетот на времето поминато со своите деца?
Што помалку медиуми, електронски уреди, повеќе игра и забава, во домот но и надвор од него.
Колку е тешко кај дете со определени дефицити во развој да се надополни изгубеното време, ако не се почне навреме со определени сензорни игри што би го поттикнале неговиот развој?
Нашата ќерка на две годишна возраст започна со два пати неделно логопед, два пати неделно дефектолог, еднаш неделно физиотерапија и еднаш неделно психолог. Викендите ги користевме за јавање коњи и пливање. Дополнително, подоцна имавме една терапија со дефлини на Карибите, музичка терапија и електромагнетна терапија. Дополнително кон истите секојдневна интензивна работа и со мене, во домот, Искрена да бидам пробавме сè што слушнавме дека може и треба да се проба. Денес Ели е пет и пол годишна девојка. Пред мене имам девојка која не само што успеа целосно да ги надополни сите социо-емоционални, когнитивни и моторни потешкотии, туку успеа да постигне натпросечни резултати на сите официјални тестови за проценка на развој и официјалниот IQ тест. Девојка која ги надмина сите прогнози и очекувања дури и на најголемите оптимисти и покажа дека и невозможното е возможно. Дека со нашата целосна поддршка и љубов, но и со рана детекција на проблемите и вистинска стимулација како од страна на стручни лица така и во домот, невозможното го направи возможно.
Што точно би се случило доколку не се почне на време не би можела со сигурност да одговорам. Но знам што може да се случи доколку како родителите отворено пристапиме кон проблемите и предизвиците со кои се соочува нашето дете и енергијата максимално ја насочиме кон него, негова стимулација и изнаоѓање на соодветни третмани и терапевти за работа.
Можни се чуда. Ели е едно такво.
Кој е вашиот предлог за активности во природа, што родителите би можеле да ги практикуваат?
Најпрво би рекла соодветна облека. Дозволете им да играат и да се забавуваат во комотна облека и облека соодветна на временските услови, дозволете им да се валкаат, да рипаат во вирчиња и да ја допираат земјата. Дозволете им да бидат деца, сè друго тие сами ќе не насочат и покажат.