Минатиот викенд, на паркингот на Бистро Комедија се одржа вториот Street Food Festival. Оваа година учество земаа 16 изложувачи на храна, имаше многу добра музика, бендови и диџеи, многу добра дружба и забава. За впечатоците, предизвиците но и идните планови разговаравме со Даниел Симоноски, кој е еден од основачите и организаторите на оваа прекрасна иницијатива.
Во понеделникот заврши овогодинешното издание на Skopje Street Food Festival и нашиот град личеше на светска метропола со култура и традиција за улична храна. Како сте задоволни од одзивот на посетителите и како помина фестивалот?
Второто издание на Skopje Street Food Festival помина одлично, иако имавме неповолни временски услови, невреме, дожд и високи летни температури. Сепак кога ќе ги сумирам сите денови и сите случувања, ова беше фантастичен фестивал и целосно ги исполни сите наши очекувања.
Покрај добрата храна и одлична музика, посетителите имаа можност да се дел од интерактивни работилници на лице место да ја гледаат подготовката на нивниот омилен сендвич. Што се покажа како омилен избор на македонските љубители на уличната храна?
Покрај редовните учесници и оваа година имавме работилница и таа беше успешно завршена. Целта на работилниците е сето она што на луѓето им се допаѓа, што им личи сложено, кои можеби не знаат на кој начин се приготвува во домашни услови, да имаат можност да го видат, научат, искусат од професионалци. Преку работилниците посетителите имаат можност да видаат некој од најпополурните, најпродавани производи на фестивалот како се подготвуваат. Инаку како и секоја година бургерот е најбаран и најпродаван оброк на фестивалот и веќе критериумите и понудата за добар бургер и во нашиот град навистина е на многу високо ниво.
Зошто концептот на подготовка и продажба на улична храна е важна за развојот на локалната гастрономија?
Целиот концепт на уличната храна е од суштинско значење за културата и начинот на живот во едно општество. Сите имавме можност да го следиме животниот пат на Anthony Bourdain и тој многу убаво го доловил значењето на ваквиот вид на храна со неговата позната изрека:-„Ако сакаш да видиш како живее едно општество, разгледај ја нивната улична храна.“ Кај нас градот Скопје, сé уште има рестриктивни мерки за продажба на храна на различни локации, но тоа е веќе сосема друга тема.
Сигурно веќе имате и повратни информации и реакции од учесниците и посетителите. Дали фестивалот ги исполни своите цели во однос на промоција на локалните ресторани и обезбедување уникатно кулинарско искуство?
Сите учесници се прездоволни од организацијата, посетеноста и од начинот на кој се претставија пред домашните љубители на ваков вид на храна. Без разлика дали станува збор за брендинг, за рекламирање, за запознавање, за социјализација, немавме скоро ниедна негативна критика од нивна страна, сите беа среќни и задоволни. Мислам дека стотиците објави на социјалните мрежи од страна на посетителите, беа показтел колку убаво си поминаа и колку уживаа.
Очигледно е дека Скопје има публика и желба за ваков вид на настани и иницијативи каде може да се поздрави успехот на локалната заедница која работи во овој сектор. Како го гледате овој фестивал во иднина и може ли да очекуваме слични иницијативи?
Фестивалот во иднина го гледаме како настан со многу сериозен раст и развој. Веќе и дел од самите учесници започнаа изработка на Shot Trucks односно камиончиња, приколки и сл. Нашата идеја е да се стационираат таквиот вид на мобилни ресторани на самиот настан, нормално учесниците кои немаат обезбедено останува стандардниот начин на изложување, на штандови. Нашите планови за иднината на овој фестивал значи потреба од поголема локација, повеќе средства за организација и сл. Од овој аспект малку ни е целата желба за проширување и масовност на пауза, зашто немаме никаква помош и разбирање од институциите, сега за сега, односно саамо ние и нашите партнери целосно сме организатори.
Самиот чин на заедничко јадење, со огромен избор на храна, добра атмосфера и музика, ја јакне заедницата и го подигнува духот на секој модерен град. Што е наајважно за да се негува и проширува оваа традиција и понатаму?
Без разлика на препреките кои ги наведов на претходното прашање, ние не треба и нема да се откажеме. Овој настан веќе прераснува во една убава, градска традиција, а ние немаме да престанеме да се бориме за негова поголема видливост, масовност, гости учесници од странство и сл.