Министерството за култура информираше дека е отворен конкурсот „Цртај на македонски јазик“ за 2022 година, наменет за млади автори и уметници од независната културна сцена.
Од Министерството посочуваат дека целта на конкурсот е преку различни културни активности да се поттикне создавањето на дела со употреба на македонскиот јазик и неговото кирилско писмо, како и да се обезбедат услови за создавање нови форми на културно изразување, во кои преку различни медиуми ќе се користи македонскиот јазик, со кои ќе се осовремени и раздвижи културната понуда.
„Целта е стимулирање на секојдневната употреба на современиот македонски јазик и преку изразот кој им прилега особено на младите, графитите како ѕидни писанија. Зашто плодот чие семе одамна е посадено мора да остане здрав“, нагласи министерката Бисера Костадиновска-Стојчевска на одбележувањето на 5 Мај – Денот на македонскиот јазик.
Според конкурсот, предлог-проектите можат да бидат од некоја од областите на уметничкото творештво и задолжително треба да содржат зборови на македонски и македонското кирилско писмо како што се: графити, ликовни интервенции во урбан простор, налепници (стикери) за социјални мрежи и канали за комуникација (Вибер, Инстаграм…), самостојни и групни изложби.
Предност ќе имаат млади автори до 30 годишна возраст кои за првпат конкурираат, како и мали проекти кои како активност се планирани да се реализираат во наведениот период со користење на македонскиот јазик.
Линк до конкурсот