Ханис го знаеме по фотографиите, краткиот филм „Мишко“, а годинава учествуваше и на програмата „Берлинале таленти“, во рамките на интернационалниот филмски фестивал. Орхан, пак, е познат по иновациите, ентузијаст за роботика. Поразговаравме за нивното детство, сегашните проекти и визии, но и за поврзаноста како браќа што им помогнала да истраат во нивните планови.
Творите во два сосема различни правци. Како ги развивате своите интереси во детството, како се најдовте таму кај што сте денес? Каква поддршка сте денес еден на друг?
Ханис: На околу десет години се зачленив во детското театарско студио. Речиси по првата одиграна претстава, почнав да се интересирам и за фотографија и видео. Родителите имаа еден мал фотоапарат, што исто така снимаше видео. Така, почнав со снимање скечеви. Ги снимавме заедно со Орхан и неколку наши другари од маалото. Скечеви се прикажуваа во недела наутро на локалната телевизија. А, мајсторот на фотографијата, Драги Неделчевски, ме покани да се придружам на фотогрупата ,,Чкрап!“. Така што, ,,Чкрап!“ и Драги се особено значајни за мојот интерес кон фотографијата. Потоа, во седмо одделение, актерот и професор по глума Рефет Абази ме зеде да играм како гостин во студентска претстава на ФДУ во Тетово. Пробите со професорот Рефет се многу значајни за мене и сега, иако се работеше за театар.
Орхан: Па, немаше некој пресуден момент. Откако паметам ме интересирало како функционираат секојдневните апарати и машини. Кога бев мал, ги расклопував играчките (колички и сл.) и пробував да го сфатам нивниот принцип на работа. Посериозно почнав да се занимавам со електроника на девет години.
Каде се гледате во иднина, дали имате замисла каде би се развивале и живееле?
Во средина на професионалци и посветени луѓе, со вистински услови за работа. Иноваторството и науката особено бараат финансии, што ги нема тука.
Ханис, студирате режија во Софија, а учествувавте и на годинешното „Берлинале“, интернационалниот филмски фестивал, како млад талент…
„Берлинале таленти“ е важно искуство за мене, што ќе се покажува допрва, веројатно. Убаво беше да се биде меѓу 250 филмаџии, од вкупно 3.600 пријавени од целиот свет. Возрасно ограничување нема; бев најмладиот оваа година, а по мене беше 23-годишен актер од Судан. Се погоди така што на „Берлинале“ беа објавени и 16 избрани проекти за европска програма за развој на долгометражни филмови LIM – Less is More, меѓу кои и е и мојот проект. По тој повод, во следниве девет месеци ќе патувам на работилници во Франција, Полска и Литванија.
Дали повеќе сте наклонет кон фотографијата или кон режијата?
Режија, филм. Тоа е поголемо и потешко – затоа што не зависи само од индивидуалниот талент, иако често се случува една фотографија да каже повеќе од цел филм.
Орхан, вашата последна иновација бионичката рака наменета за лицата со ампутирана подлактница, ве стави во фокусот на јавноста, но претходните иновации што ги развивавте беа само најава на бионичката рака. Која ви е крајната цел со развојот на бионичката рака, дали сметате дека реално може да биде достапна секому кому му е потребна?
Да, ние силно веруваме дека бионичките раце можат да станат достапни за сите, доколку се гледа продуктот од различна перспектива. Низ цел свет ентузијасти како нас, за роботика, програмирање и 3Д-печатење, споделуваат сопствени проекти на интернет и инструкции за нивна изработка од страна на други ентузијасти, па сакавме овој метод да го имплементираме надвор од овој круг луѓе. Бионичката рака ја дизајниравме за да може секој да ги нарача деловите од интернет и да ја склопи сам, без никакво искуство.
Со оглед на тоа што сте и актер, дел од Летечката театарска група од Тетово, дали некогаш сте размислувале за заедничка соработка со вашиот брат?
Глумевме заедно во неколку претстави, додека Ханис беше дел од театарската група. Тоа беше пред повеќе од пет години. Секако, размислуваме и за снимање на заеднички филм.