Убаво е кога декорацијата во домот се менува според сезоната. Со разубавување на просторот околу нас го освежуваме секојдневието и се инспирираме. Малите детали и промени во животот се тие што ни дават енергија за големи промени. Со доаѓање на зимските денови, од Ателје Проектинг порачуваат да ги промените просториите во домот со детали и украси кои ќе ве радуваат секојдневно. Новата декорација не значи дека треба да купувате се ново, дел од украсите може да ги направите и сами. За декорација покрај вообичаените украси како свеќници, вазни, статуетки, здели, послужавници користете и предмети кои асоцираат на зима како на пример чајник. При изборот на бои користете потемна палета на бои со топол тон. Како што ќе се доближуваат празниците зимската декорација може да ја надополните со божиќни детали без голем ангажман.
ЗИМСКИ АРАНЖМАН
Поставете цветни или растителни аранжмани кои сами ќе ги изработите во секоја просторија. Според позицијата и вазните кои ги имате одредете ја и големината. Може да бидат составени од зимзелени гранки од различни дрва, шипинки, и други грмушки со плод. Во аранжманот вклопете и некое гранче еукалиптус, кој е популарен во последно време, а има убав мирис. За уникатен изглед употребете и по некој цвет од роза, хризантема, божиќно цвеќе, или антуриум. Во проѕирни садови може да ставите шишарки или костени заедно со други јаткасти плодови. Бирајте вазни во неутрални бои или стаклени изработени од обично или стакло во боја.
ВНЕСЕТЕ СВЕТЛО
Заради сè пократките денови добро е да се зголеми светлината во домот со поставување на дополнителни светилки. Користете ги и преку ден за амбиент кој ќе ви даде енергија во сивите студени денови. Столна ламба поставена на комода или во накој агол ќе ја стопли просторијата и ќе и даде нов лик. Свеќите се исто така добар „трик“ за дополнително осветлување, посебно кога се неколку свеќи во група. Како побезбедна опција за детските соби се сијаличките.
ТОПЛИ МАТЕРИЈАЛИ
Внесете топли материјали, кои покрај тактилниот впечаток и визуелно ќе го стоплат просторот. Бирајте додатоци изработени од масивно дрво со природна и рустична завршница. За прекривки и навлаки на перничиња одберете плетени ткаенини со волна во составот. Исто така поставете и теписони во дневната соба за поголема удобност и топлина.