Илина Арсова е првата Македонка која ги има искачено највисоките врвови на сите 7 континенти. Таа е вистинска инспирација и мотивација за љубителите на планинарењето и искачувањето на карпи, но нејзината упорност и непоколеблива волја се пример за исполнување на сопствените соништа. Со неа поразговаравме за најголемите предизвици, последните проекти и постојаната потреба да се надградува и да се поместуваат границите.
Работевте како волонтер во Andrea Base Camp во Грција, каде се организираа разни активности меѓу кои и качување, за лицата од кризни подрачја. Какво искуство добивте во кампот со тоа што имавте можност директно да се запознаете со животните приказни на бегалците?
Животот на бегалците е сосема друга реалност, непозната за многумина од нас. За мене да бидам таму во улога на едукатор беше навистина емотивно искуство. На крајот од програмата се чувствував истоштенa, но истовремено и навистина исполнета. Како повторно да сум се искачила на Монт Еверест.
Да се видат насмевки и искрена среќа, на нивните напатени лица, беше огромна награда за сите нас. За жал на многумина тоа никогаш нема да им биде јасно, бидејќи живееме во општество каде недостасува љубов, солидарност и емпатија.
За проектот Andrea Base Camp повеќе може да дознаете овде. Тоа е проект на Нина Капрез, професионална качувачка и Џереми Бернард, фотограф, кои одлучиле дел од годината да посветат во посета на земји и заедници каде преку спортски социјални активности може да придонесат кон позитивни промени во животот на маргинализираните групи. Тие го адаптирале овој живописен камион во подвижна куќа, каде дополнително се монтира ѕид за качување. Некогаш во овој подвижен дом живеевме и до 6 луѓе, со тоа што двајца може да спијат внатре, двајца на шатор кој се монтира на кровот и другите во дополнителни шатори 🙂
Активностите во мигрантските кампови во Грција ги спроведувавме во соработка со локални организации: Climbaid во Атина, Vasilika moon и Aletheia refugee camp support во Коринт. Во првата соработка заради заштита на приватност не ни беше дозволено да објавуваме фотографии, а и во двата кампови од истите причини не ни беше дозволен директен влез во камповите, туку активностите ги спроведувавме на договорени места во близина.
Мојата улога освен ангажманот како инструктор во спортско качување беше да направам неколку ликовни работилници особено со најмладите, кои резултираа со интересни завршни изложби.
Претходно бевте во Еквадор, за што се подготвувавте/искачувавте таму и колку е различен или сличен менталитетот и навиките на на алпинистите во Европа, Македонија, и во Јужна Америка?
Алпинистите од Еквадор и општо од Јужна Америка држат многу високо ниво на професионално искуство во светот и се истакнати со своите високогорски искачувања без дополнителен кислород на Хималаите. Тие се нешто како шерпасите на Хималаите бидејќи и самите се родени и живеат на над 3000 метри надморска височина. За среќа мојата досегашна активност ме благослови да стекнам пријатели насекаде во светот, па некако се чувствувам како да имам свој дом каде и да одам. Ова е особено добредојдено во планирањето на ниско буџетни патувања, бидејќи истите најчесто сама го финансирам. Така благодарение на моите пријатели кои особено ми помогнаа со логистиката таму, се одлучив да отидам во Еквадор каде искачив 5 вулкани со висина од 4800 до 5800 метри висина, од кои 4 беа со посериозен технички пристап и глечерски форми. Кајамбе, Санта Барбара, Котопакси, Илиница (јужен врв) и Руко Пичинча. Оваа одлука ја донесов во последен момент без посебни подготовки, но во сериозен недостаток на висина и високогорски експедиции во последните година и пол.
Освен овие врвови посетив и неколку курсеви за професионална надоградба во качувањето планини и карпи и позитивно се изненадив од спремноста и вештините на тамошните инструктори. Имајќи предвид дека и самата сум инструктор и со години се занимавам со овие спортови, таму почувствував дека допрва учам некои нови работи. Го обожавам тоа чувство на постојан напредок, што во Македонија речиси и да го нема, бидејќи нели ние „си знаеме сè и најдобри сме“.
Заедно со Дејан Георгиевски годинава бевте добитничка на наградата 13 ноември за успеси во спортот. Дали признанијата и наградите ви даваат дополнителна мотивација и поттик за уште поголеми успеси и повеќе освоени врвови?
Секако дека наградите се еден значаен извор на дополнителна мотивација и зацврстена доверба за она што го правам. Сепак, по завршувањето на долгогодишната мисија и искачување на највисоките врвови на сите 7 континенти како прва Македонка, што беше огромна обврска и пишување на историјата во планинарството, сега се чувствувам доста порелаксирана. Ги планирам искачувањата по сопствен избор и пред сè заради себе. Не сум загрижена ако го сменам планот и во последен момент одлучам да качувам некоја друга планина на пример заради временски услови. За разлика од моментот како на пример кога пред 8 години го искачував Монт Еверест и на грбот како да ја носев со себе и целата наша нација која никако не смеев да ја разочарам. Среќна сум што сум потполно свесна за моите одлуки и доследна во делувањето. Можеби сега качувам и потешки врвови иако не се толку познати и сè уште сакам да се предизвикувам себе си, дури можеби и повеќе од било кога.
Се радувам што по десет години се појавуваат и други девојки кои го следат мојот пат, што е од огромно значење за планинарските спортови кај нас.
Како се случи да станете алпинистка, од кога ја негувате љубовта кон планините и алпинизмот? Бидејќи се работи за особено предизвикувачки спорт што бара голема подготвеност, како се подготвувате за освојување на некој нов врв и со какви препреки се соочувате кога ќе почнете со искачување?
Доста млада открив дека адреналинските спортови се мојот свет.
Имав само 14 години кога се запишав на падобранство, а 16 кога продолжив со параглајдерство. Веќе скијав и ги качував сите дрвја и кровови по Скопје. Во раните дваесети години го открив зимското планинарење и качувањето карпи што прерасна во моја најсилна пасија се до денес. Веројатно голем удел имаше искачувањето на Мон Блан во 2006 како дел од планинско спасителниот тим на Црвениот Крст. За љубовта кон планините сепак најблагодарна сум им на моите родители кои практично не израснаа на Водно, Скопска Црна Гора и на Попова Шапка. А секако доста силни впечатоци добив и за време на извидничките години во ИПО Галеб каде еден период бев и капитен на женската екипа, со која досто добро котиравме на државните натпревари РИОН. Препреките за искачување на одреден врв може да се поделат во две групи, она што треба да го сработиме дома, најчесто да се соберат средства и спонзори за одредена експедиција. А тек потоа доаѓа на ред самата планина со сета своја непредвидливост. Втората група на предизвици ми е помила и повозбудлива од првата иако е многу поризична по живот и досега неколкупати ми наплатила со доживотни здравствени пореметувања, смрзнатини и слично.
Кој врв досега ви бил најтежок за искачување?
Од оние што досега сум ги искачила како потежок би го издвоила Денали, највисокиот врв на Северна Америка, кој е досега и еден од ретките каде се искачив од втор пат, цели 4 години после првиот обид.
Од она што е тековно, јас ќе поставам прашање до вас и до читателите. Дали мислите дека е потешко да се искачи врв од 5000 метри или карпа од 50 метри? За ова прашање најмногу зборувам во мојата книга „Планинарење“ каде давам опис на секоја група од планинарските спортови, меѓу кои и качувањето карпи.
Секако дека зависи од изборот на планината и од тежината на карпата, но од лично искуство, во моментов интензивно тренирам и најтешко ми е да совладам одредена оценка во спортско качување . Ова значи дека треба слободно и без пад, да се искачи некоја линија во карпата која има свое име и оцена во согласност со универзалната скала на оценување. Епа на овие насоки се случува и по десет обиди да не успеам да се искачам до врвот без застанување што значи дека треба уште повеќе вежбање, но и уште посилна ментална состојба на истрајност.
Фотограф: Лоте Лиес
Дел сте од кампањата на Халкбанк „Иднината е светла“, што ви значеше учеството во кампањата и каде ја гледате светлината од иднината пред Вас?
Топло ја поздравувам кампањата „Иднината е светла“ на Халкбанк, што беше навистина професионална и хероите од кампањата кои се инспирација за многумина. Светлината ја гледам со секој чекор и секој нов коментар од моите симпатизери кои директно или индиректно сум успеала да ги мотивирам. Ако со оваа кампања успееме да делуваме и да охрабриме барем мал процент од населението да посегне и да ги следи своите соништа, веќе сме успеале да придонесеме во креирање на една по хумана, инклузивна, креативна и самоуверена заедница која натаму ќе носи нови промени.