Овојпат текстот од Atelje Proekting e за минимализмот, кој зема сè поголем замав низ светот и тоа не само како начин на уредување. Дознајте повеќе и уредете го домот на овој начин.
Пролетта симболизира нов почеток и обнова. Инспирирани од неа ја одбравме темата минимализам и вас да ве поттикнеме на промена. Минимализмот како поим се користи не само во архитектурата и ентериерот туку и, уметноста, модата, животниот стил, уредувањето на домот и сл., а во последно време е доста актуелен и почнува да се применува наспроти консумеризмот.
„Less is more“ или „Помалку е повеќе“ е мотото на познатиот архитект Лудвиг Мис ван дер Рое, еден од основоположниците на модерната архитектура. Терминот минимализам го среќаваме сè почесто во различни контексти, но неговата суштина е иста. Формата да произлезе од функцијата и од неопходните елементи. Корените на минимализмот во западната архитектурата се во движењето Де Стил и Баухаус школата во 1920-тите години. Карактеристики на минимализмот во архитектурата се примена на прави линии и чисти геометриски форми, примена на челик и стакло и едноставни отворени простори.
Минимализмот во јапонската култура има корени уште од Зен филозофијата на будизмот, за изворната состојба на предметите без намерна декоративна цел. Јапонскот минимализам во архитектурата се раширил во 1980-тите години како противтежа на хаосот од урбаното живеење, кога градовите доживеале брза експанзија. Неговата естетика се одликува со чисти геометриски форми и природни материјали, и искористување на природната светлина. Минимализмот како стил на уредување на домот е карактеристичен и за скандинавските земји. Каде просторот е подреден на функцијата, се користи неутрална палета на бои, природни материјали и без непотребни декорации.
Суштината на минимализмот не е да се создаде простор кој е монотон, геометриски и празен. Неговата филозофија не може да се постине само со боење на ѕидовите во неутрална боја или купување одреден мебел. Треба начинот на живот и секојдневието да ја содржат неговата суштина. Да се поседуваат предмети, мебел, апарати и облека кои се неопходни и сè што не е потребно во домот да се подари, рециклира или фрли. Да се одбира секогаш квалитет пред квантитет. Натрупаниот простор создава хаотични мисли, едноставниот и чист простор – средени мисли.
Предности на минималистички уредените простори се: изгледаат поголеми, доаѓа до израз убавината на внимателно одбраните парчиња, лесни се за одржување, не им поминува брзо „модата“.
Совети за примена на минимализмот во домот:
Усогласете ги боите и материјалите на подот, ѕидовите и мебелот во хармонична палета на бои без големи контрасти. Одберете бела, беж, светло – сива боја и пастелни земјени тонови.
Овозможете функционалност на сите простории во ентериерот, од начинот на движење и пристапност до добро осмислени кујна, плакари и комоди.
Облеката и предмeтите чувајте и складирајте ги на организиран и визуелно прегледен начин. Во кутии, корпи и вреќи за складирање со што ќе имате доба престстава на сè што поседувате. Групирајте според сезона, намена и фреквентност на користење.
Мебел со чисти линии и геометриски форми, функционален и изработен од квалитетни материјали и природни текстури.
Внимателен избор и на декорација, дадете предност на антиквитети, украси од квалитетни природни материјали (глина, стакло, бакар, дрво и др.) и предмети кои имаат сентиментална вредност. Декорирајте со предмети кои покрај убавиот изглед имаат и утилитарна вредност, на пример: вазна, свеќник, часовник, сад за овошје, огледало и сл. Уметничките слики и фотографии да бидат врамени во елегантни рамки со мотиви кои исто така имаат минималистики изглед.
Со ваквиот пристап ќе станете активни борци за убавото, едноставното и квалитетното, а тоа значи дека подобро ќе го дизајнирате сопствениот живот.