Спалната соба е најинтимниот дел во домот во која поминуваме голем дел од животот. Заради помалата површина што ја зафаќа често е запоставена во уредувањето. Во неа го почнуваме и завршуваме денот и од таа причина треба да делува на нас смирувачки и со убава енергија. Овие неколку совети од Ателје Проектинг ќе ви помогнат да направите соодветни промени.
ДОБАР РАСПОРЕД И ФУНКЦИОНАЛНОСТ
Важно е да се овозможи функционалност во спалната соба добра позиција на брачниот кревет, да има наткасни од двете страни на креветот, простор за гардеробер, огледало и козметичка масичка доколку има потреба. Понекогаш има неоходност од поставување работно биро во спалната соба, но препорачливо е да се избегнува вакво решение. Спалната соба треба да биде засолниште од надворешниот свет кое ќе нуди мир и спокој.
УСКЛАДУВАЊЕ НА БОИТЕ
Изборот на бои во спалната соба треба да биде складен и хармоничен. Без јаки бои и контрасни принтови кои изгледаат динамичност и доминираат во просторот. Одберете палета од неколку аналогни бои или сродни нијасни од една боја за целиот простор. Најголеми површини преку кои доминира бојата во спалната се ѕидовите, подот, плакарите, постелнината и заглавјето од креветот. Доколку не ви се допаѓа или не се вклопува бојата на паркетот во спалната соба, може да ставите теписон со големи димензии под креветот, што ќе овозможи и дополнителна удобност.
УДОБЕН КРЕВЕТ
Позицијата на брачниот кревет често е веќе предодредена во зависност од распоредот на ѕидовите и димензиите на просторијата. За поголема удобност добро е да одберете најголем кревет што одговара за вашиот простор. Од трите слободни страни на креветот да се овозможи комотен пристап. Тапацираното заглавје нуди пријатна потпора за телото кога е во седечка позиција, што не е случај со заглавјето од дрво, медијапан или ковано железо. Складишниот простор под креветот е добредојден во мали станови, но доколку имате доволно простор не го оптоварувајте и креветот.
АМБИЕНТАЛНО ОСВЕТЛУВАЊЕ
Осветлувањето во спалната добро е да има три нивоа, а тоа се плафонско централно осветлување соодветно за избор на облека, директно насочено светло за читање од двете страни покрај креветот и амбиентално дифузно скриено светло. Различните нивоа на осветелност ќе овозможат соодветен амбиент и функционалност при користењето. Секогаш бирајте топло жолто светло за спалната соба бидејќи е попријатно и соодветно за намената.
ДОБРА ОРГАНИЗАЦИЈА НА ПЛАКАРИ
За спалната соба да изгледа уредно и хармонично многу е важен просторот за гардеробер. Кога целата облека и додатоци имаат свое место, просторот е лишен од непотребни дистракции. Спалната соба која има посебен гардеробер – walk in closet и сопствена бања е со повисоко ниво од стандардното, тоа се луксузни додатоци.