Сите годишни времиња имаат своја специфична убавина, нивното менување прави ритам за промени и растење. Есента е убава заради промената на природата, боите и пејсажите околу нас. Нè поттикнува на нов почеток и оставање на старите работи позади нас. Есента во домот влегува преку погледот од прозорците и терасите и мирисот на печени костени или тиква. Направете мали промени во декорацијата по предлог на Ателје Проектинг инспирирани од есента за да ја внесете новата сезона во секојдневието.
ПРЕКРИВКИ И ПЕРНИЦИ ОД ПРИЈАТНИ МАТЕРИЈАЛИ
Природните ткаенини кои на допир се пријатни исто така се идеален избор за дневната и спалната соба. Важно е текстурата на материјалот да доаѓа до израз, што ќе внесе разноликост во просторот. Прекривките и навлаките за перници може да бидат плетени со волна или кашмир во својот состав или памучни. Визуелно ќе направат собата да изгледа поудобно и ќе ве стоплат.
РУСТИЧЕН ТЕПИСОН
Заради доаѓањето на постудено време теписоните се добар избор за затоплување на амбиентот во домот. Богати текстури и хармонични шари ќе внесат нов дух во просториите. Покрај монохроматските дизајни, актуелни се теписони со ситни геометриски мотиви, кои изледаат помалку рустично, или теписони со етно или “трајб” мотиви. Последните сезони актуелно е комбинирање на два различни теписони еден врз друг со различна големина во зависност од потребите на просторот. Во тој случај најчесто поголемиот е еднобоен, а помалиот има поизразена шара или дезен.
ТОПЛА ПАЛЕТА НА БОИ
Без разлика на стилот и боите на ентериерот во кој живеете, деталите во земјени тонови секогаш лесно се вклопуваат. Изборот е голем и лесно може да се најде боја која одговара, почнувајќи од песок нијанси, богати теракота нијани до различни нијанси на кафена од чоколадна до темни нијанси на кафе. Во ентериерите во кои преовладуваат неутрални бои може да се употребат и акценти во темно зелна боја, кои дополнително ќе го “збогатат” изгледот.
ДРВЕНИ ДЕТАЛИ
Дрвото како материјал заслужено секогаш е меѓу омилените, покрај убавиот изглед и визуелно го затоплува просторот. Изборот на видови дрво за во ентериерите е голем, има најразлични нијанси, обработки и текстури кои ќе бидат соодветни во вашиот ентериер. Одберете и аранжирајте украси или помали парчиња мебел изработени од дрво, како што се: вазна, кутија, рамка за слика, помошна маса или столче од масивно дрво. Потрудете се да бидат изработени од ист вид дрво, со иста боја и текстура за кохезивен излед.
ДЕКОРАЦИЈА КОЈА АСОЦИРАНА ЕСЕН
Сезонските плодови како јатки, шишарки, тикви и суви гранки и листови се наоѓаат во секој парк или двор. Искористете ги за да ги аранжирате во различни садови и вазни. Свеќите и сијаличките ќе внесат светлина на “ќошињата” кои сте ги декорирале и ќе ги потенцираат. Овие детали се последниот елемент кој ќе го обедини есенскиот изглед во домот.