Експеримент со биоразградливи хулахопки, обоени со еко боја од кора од грозје, колекција накит создадена од е-отпад и избор на брендови кои ја отелотворуваат разновидноста на македонското одговорно творештво ќе бидат дел од модните креации претставени на Моден Викенд Скопје.
Под слоганот Beyond the Fields, од 2 до 3 октомври, Модниот викенд им дава простор за промоција на 30 креативци и нивните дела за време на иницијативниот проект NoWasteMK. Преку шоурум, изложба, експериментална колекција и сет на разговори на тркалезна маса, NoWasteMK ќе истражува и дискутира на теми за одржливост, ќе сподели знаење и ќе ги поттикне потребните промени кон поодржливо опшество и индустрија.
„Тоа е всушност визијата и целта на Моден викенд Скопје и Македонската модна асоцијација. Да ја претстави работата на дизајнерите кои ги менуваат правилата на игра во модниот бизнис – Стефанија Насеска, Евгенија Зафировска, Хана Зека – Fight or Flight brand, Four Twenty Two, KTN, Son of Salome, Мирјана Јосифоска, Роберт Ивановски, Luna Aditeya, Leap Concept и работата на студентите од Академијата за моден дизајн „Џолев и уметностите“. #NoWasteMК е фузија од физички и виртуелни активности, реализирани со грант од Circular Design Assembly, доделен од British Council со фасилитација од Ellen MacArthur Foundation“, објавуваат од Моден Викенд Скопје.
Новите колекции од учениците на дваесет и четвртата сезона, ексклузивно ќе бидат претставени на 2 и 3 октомври преку пренос во живо на социјалните медиуми на Fashion Weekend Skopje, со премиерно прикажување на кратки модни филмови и фотографии.
Шоурум со ексклузивни парчиња на истите, како и изложба на накит ACHTUNG BAUSTELLE! изработен со електронски отпад од уметницата Маја Стојковска, се само дел од богатата програма што посетителите ќе ја проследат од 2 до 3 октомври во зградата на Железничката станица во Битола, во клубот „Јагода“.
На првата тркалезна маса и онлајн дискусија Circular Fashion and Textiles, модератор од Текстилна Трговска Асоцијација – Кластер за Текстил заедно со панелисти и учесници ќе дискутираат за проектот Design4Circle и циркуларна економија – Локален контекст, предизвици и можности.
Дискусија на тема Product design for the environment на тркалезна маса ќе биде предводена од модната дизајнерка Ирина Тошева и врвни професионалци од креативната индустрија кои ќе презентираат успешни примери за системот на циркуларната економија во земјата и ќе ги елаборираат предизвиците и можностите за нејзиниот развој.
За време на онлајн разговорот End of Life со советничката за одржлив развој Шарлот Вандиерендонк и модната дизајнерка во подем Т*МИТРОВСКА, ќе се разговара за создавање нов живот преку редизајнирање и рециклирање.
Панел дискусијата “Consumption Reduced: repair & wear” презентирана од претставниците на Fashion Revolution и нивните поканети соговорници ќе доближи факти, практики, искуства, корисни совети и предлози за нови можности на делување во насока на намалување на конзумеризмот во модата и поттикнување на циркуларната економија.
На 3 октомври во Штип ќе биде прикажан проектот „Кружната економија како модел за решавање на текстилниот отпад во Општина Штип”. Општа цел на проектот е намалувањето на текстилниот отпад во општина Штип и употребата на истиот за производи со додадена вредност.