Летото и календарски почна, а со него престојот на отворено е сè подолг. Последните сезони се многу популарни „rooftops“ т.е. кровните тераси, кои покрај за барови и ресторани сè повеќе се уредуваат и градат во индивидуални куќи. Идеално место се за утринско или попладневно кафе, пијалок со поглед на зајдисонце или место за забава. Овој простор освен за дружење или одмор може да се користи и за вежбање јога и пилатес или одгледување цвеќиња и билки. Водена површина или фонтана ќе ја направат терасата уште попријатна за престој заради хармонијата која водата ја пренесува во амбиентот. За заштита од сонцето покрај чадори, кровните тераси често се наткриваат со настрешница која може да биде од дрво или челик во зависност од стилот на зградата. Во постудените месеци може да се постави отворено огниште и покрај топлината да направи и пријатен амбиент. Од Aтелје Проектинг споделија неколку совети за тоа како стилски да ја уредите кровната тераса.
ЗЕЛЕНИЛО
Зеленилото покрај заштита од погледи прави и убав амбиент. Повисоките дрва претставуваат и филтер за дел од прашината која доаѓа од улиците и сообраќајот. Повисоки дрва и грмушки во жардињери може да се постават околу оградата, а цвеќиња и други растенија во зависност од просторот се поставуваат во саксии. Атрактивно изгледаат и растенијата во висечки саксии кои може да се закачат на настрешницата.
УДОБНО СЕДЕЊЕ
Во зависност од просторот, треба да се организира удобно седење. Доколку просторот овозможува може да има повеќе групации на седење. Покрај гарнитурите од ратан, може да се стават лулашки и лежалки. Од материјалите за конструкција најмногу доминираат трска, ратан, дрво, но и метал. За седалото и перниците, најсоодветни се навлаки од памук и лен.
ОСВЕТЛУВАЊЕ
Осветлувањето прави посебен ефект на кровните тераси, посебно амбиенталното светло поставено на подот или скриено во зеленилото. Посебно впечатливи се низата од сијалици кои се поставуваат висечки на настрешницата или ѕидовите. Големите фенери со свеќи совршено го надополнуваат амбиентот во летните вечери овозможувајќи дискретна светлина.
ДЕКОРАЦИЈА
Теписон со впечатлива шара, или еднобоен со пријатна текстура, може да го направи седењето поудобно. Со изборот на дизајн на теписон може да внесете некој од стиловите за декорација: бохо, марокански, ориентален и други кои се во тренд ова лето. Со друга декорација како што се перничиња, табуретки и вазни може да се надополни стилот за комплетен изглед.