Краткиот филм „Змија“ на режисерот Андреј Илиевски Волкашин дава јасен поглед на детската невиност кога едно дете се обидува да сфати што се случува околу него и зашто тоа што нему му изгледа сосема во ред не е прифатено од општеството и луѓето околу него. Филмот се прикажуваше на многу светски фестивали и освои доста награди, а за инспирацијата и ЛГБТИ+ тематиката разговаравме со режисерот Андреј Илиевски Волкашин.
Како дојдовте до идејата за филмот и за содржината? Што ве водеше низ подготовката на сценариото?
Патував цела ноќ во автобус и си размислував нешто за детството. Јас имав многу идилично детство, пораснав во Делчево и често бевме на село кај баба и дедо. Со братучедите измислувавме секакви игри, и една од нив беше да ловиме гуштери. Не им правевме ништо, ги чувавме некое време после ги пуштавме. Ама возрасните нè учеа дека тие животни се гнасни и треба да се грозиме од нив. Истото беше и со змии, жаби, глувци… На ист начин општеството нè учеше дека некои луѓе, кои не се како нас, се исто така гнасни и одвратни, и треба да бегаме од нив. Тоа важеше особено за луѓе коишто припаѓаат на ЛГБТИ+ заедницата. Дури јас како дете сум се однесувал грубо и глупаво кон луѓе што со ништо не го заслужиле тоа, едноставно затоа што така сум мислел дека треба. Дури многу години подоцна, за време на таа долга вечер во автобус се присетив на тие спомени и за тоа, како понекогаш децата кои иако носат првична добродушност и љубопитност, понекогаш знаат и да бидат многу сурови. Многу често точно низ децата излегува на виделина сè она што нивните родители го кријат дома. И така дојде таа приказна и кога седнав да го пишувам сценариото, навистина се излеа од мене во еден здив.
Во филмот се забележува една „борба“ на малиот Марио да биде искрен пред себе и да остане доследен на себе, но и да биде прифатен од групата. Колку сметате дека ова е реалност за децата во Македонија особено кога се работи за нешто сè уште табу за малите деца како ЛГБТИ заедницата?
Јас искрено не гледам во филмот дека Марио се бори со себе или дека е воопшто свесен за тоа што се случува околу него. За мене тој единствено се обидува да сфати зошто е толку сурово казнет за нешто што за него е целосно спонтана и невина игра. И на кој начин тој го бара виновникот за тоа. Низ неговата борба за мене беше интересно да истражувам што се случува со умот на едно дете, кога всушност неговите родители се однесуваат како деца. Колку повеќе созревам, гледам како сите ние возрасните сме сè уште деца и колку често несвесно играме некои игри, кои за жал често не се воопшто невини.
Од друга страна дечкото Борче дел од ЛГБТИ заедницата точно знае кој е и што сака и храбро се спротивставува на стереотипите дури и по цена да е физички повреден. Сметате ли дека кај нас се зголемуваат можностите и правата на ЛГБТИ лицата да се испочитуваат себеси во јавноста без страв и срам?
Не, за жал сметам дека лицата од ЛГБТИ заедницата се исправени пред огромен предизвик да бидат доследни на себе и најголем дел од нив мораат да живеат двоен живот или да ја потиснат сопствената природа само за да се вклопат во претставите на другите за тоа што е природно. За мене работите се многу едноставни, кога двајца возрасни ќе решат да се сакаат, без разлика дали се тоа маж и жена, или двајца мажи или две жени, тоа си е нивно човечко, најинтимно, најприродно право и не е ничија работа. Но интересно што во филмот всушност воопшто не станува збор за сексуалност. Ликот на Борче е на еден млад дечко кој има мерак да си прави екстравагантни костими и да се слика со нив. И кај нас, дури и тоа не е дозволено. За него веднаш се лепи една погрдна етикета, единствено само затоа што не е „прав маж“. Апсурдно е што во Македонија ние толку сме опседнати со животот на другите, што е лесно да станеш центар на внимание, дури само ако малку мрднеш од нормата. Така да, тука имаме да изодиме долг пат како општество додека стигнеме во фаза во која не само лицата од ЛГБТИ ќе се чувствуваат безбедни и ќе можат да бидат тоа што се, туку и секој еден човек кој по нешто се разликува од стадото.
Последно филмот се прикажуваше во Софија. Какви беа тамошните реакции?
Во Софија се случи нешто трагикомично, но всушност доста загрижувачко. Филмот буквално стана жртва на пропагандата на бугарската партија ВМРО, кои без да го гледаат, одлучија дека тоа е приказна со педофилски подтекст. И многу бугарски весници, безодговорно и безобразно ја раширија таа информација како факт, за филм кој има освоено награди на фестивали низ светот кои се специјално наменети за деца и млади.
Причината што „Змија“ им падна во очи е што филмот се прикажуваше во рамките на Софија Прајд Филм Фест кој веќе беше на мета на неонацистите, кои се мачат да освојат некој бод на наредните избори со тоа што продаваат лажни семејни вредности. Тоа што е застрашувачко е што таква организација во една земја на ЕУ би требало да биде нелегална, затоа што тие шират манијакална омраза не само кон ЛГБТИ малцинството, туку и кон Турците, Ромите, Македонците. А таму, не само што можат да веат знамиња сосвастики, па и популарни дневни весници ги шират нивните глупости како научни факт. Навистина се восхитувам на луѓето од Софија Прајд и слични организации за толерантност и инклузивност, кои мораат да се борат со сето тоа.
„Змија“ освои неколку награди меѓу кои и последно престижната награда за најдобар филм на 36тиот LOVERS FILM FESTIVAL во Торино, Италија. Кои се вашите следни проекти и планови?
Во моментот ја завршувам мојата пост-дипломска обука за пишување на сценарија за ТВ Серии Serial-Eyes во Берлин во рамките на која што подготвив неколку проекти за серии. Исто така, со продуцентката Елена Станишева сме во подготовка на мојот прв долгометражен игран филм, предвиден да се снима наредното лето.