Режисерката Ана Јакимска ја знаеме по филмовите „Ќе дојдат децата“, „Синиот час“, „Неонски срца“, но и по сценариото на „Полноќен воз“, за кои имаше голем успех и освои неколку награди. Во април годинава се спроведе и „кикстартер“ кампања за нејзиниот најнов филм „Нема духови во туѓина“, за фотографката Кира, која првпат во животот доаѓа во родното село на нејзините родители во Македонија со цел да направи проект со локалните жени за којшто се надева дека ќе ѝ донесе слава во уметничкиот свет во Лондон. Во своите филмови, Јакимска често се фокусира на женските ликови и често зборува за родовата еднаквост во филмската индустрија.
Годинава се спроведуваше „кикстартер“ кампања за вашиот најнов филм „Нема духови во туѓина“, кој е и сатира и хорор-филм истовремено. Како се одвива снимањето на филмот со оглед на тоа што рековте дека целосно ќе се снима во Англија? Кога можеме да ја очекуваме премиерата?
По преселбата во Лондон, наеднаш приказните и ликовите за коишто зборував не беа познати и ја почувствував одговорноста на чинот на претставувањето. Продуцентите со коишто бев во контакт или не знаеја воопшто ништо за Македонија или тоа што го знаеја беше од средината на деведесеттите и воените репортажи на Би-би-си и Канал 4. Приказната произлезе токму од ова прашање – како преку филмот да се зборува за мала земја на Истокот, а да не се оди „по шини“, да не се повторуваат стереотипните ориентализирачки слики и мотиви?
Поголемиот дел од снимањето е веќе завршен, едно село во областа Кент во југоисточна Англија успешно ја одигра улогата на македонски пејзаж. Сега собираме дополнителни средства за преостанатиот дел од снимањето, планирано за пролетта 2024 година. Премиерата би следувала кон крајот на следната година.
Како ја развивте приказната за филмот, особено што е инспирирана од македонскиот фолклор и ги става македонските жени во фокусот, но и мистификацијата и романтизираната слика за Истокот често претставувана од развиените земји?
Пред да се роди идејата за овој филм, работев на друг краток игран филм за музичар кој свири на гајда. Додека ја развивав таа приказна во Лондон, сфатив дека моите соработници знаат многу малку за културата од каде што доаѓам и од каде што произлегуваат сите мои приказни. Како експеримент, им раскажав лажна историска приказна за тоа како во минатото, пред дигиталната ера, процесот на изработка на портретна фотографија барал многу време и пари, така што во Македонија бил резервиран за мажите и речиси и да не постојат фотографии на жени од тој период. Сите поверуваа и се вознемирија од историската неправда. Кога им открив дека приказната е измислена, заклучија дека навистина толку малку знаат за овој дел на светот, што би очекувале сѐ. Во тој момент ја сфатив големата моќ на раскажувањето на „приказните од Истокот“, но и одговорноста што ја имам. Овие мисли не ме напуштаа и така ја развив приказната за фотографката Кира, која одлучува да го направи токму тоа – да изгради кариера врз романтизираната слика за Истокот.
Со оглед на тоа што често зборувате и сте посветена на родова инклузија во филмската индустрија, колку, според вас, во филмовите во развиените земји, но и на Балканот, фокусот се става на жените, но надвор од онаа стереотипна и родово-дискриминирачка слика?
Кога ќе се соочиме со податокот дека првиот игран филм режиран од жена во Македонија се случил во 2004 година, прашањето на учеството на жените во филмот кај нас, и пред и зад камерата, добива поинаква перспектива. Имајќи го ова на ум, работите кај нас и во регионот се менуваат брзо: сѐ повеќе жени добиваат можност да направат филм и сѐ почесто женските ликови на екранот излегуваат од вековните стереотипи. Но, она што сѐ уште влече назад е тегот на општеството што, за жал, сѐ уште мисли дека успесите на жените во филмот се должат само на тоа што се жени и на нешто што се гледа како моментален тренд во светски рамки. Многу од нашите колеги чекаат да помине овој тренд и да се врати „доброто старо време“ кога филмовите биле „вистински“. Затоа, секоја слобода и позиција што е добиена мора грижливо да ја штитиме и да ја браниме од овие бранови на статус-квото. Треба да биде незамисливо да се вратиме во старата ера, каде што жените немаат авторски глас во филмот.
Како вие преку вашите филмови ги предизвикувате традиционалните патријархални наративи?
Кога го напишав првото сценарио како студентка на ФДУ во Скопје, инстинктивно се одлучив за машки главен лик, зашто сакав гледачите да му веруваат на ликот и да сочувствуваат со неговиот проблем. Интернализираниот патријархат ми велел дека женскиот лик може да отвори сомнеж за способноста за расудување на ликот и да предизвика поинаков одговор кај публиката. Пишувајќи, сфатив дека јас активно го минимизирам сопственото искуство како жена и правам напор да се вклопам во поставените конвенции на традиционалната уметност. Ова ја разбуди во мене љубопитноста за поинакви приказни што ги знам и што ми се блиски. Внимавам кога развивам идеи и кога ги пишувам, свесна сум за тоа што ставам на екранот. Ги од-учувам патријархалните конвенции на уметноста.
Имавте голем успех и награди со претходните филмови „Ќе дојдат децата“, „Синиот час“, „Неонски срца“, но и за сценариото на „Полноќен воз“. Како се развивавте низ годините како режисерка, што научивте, кои ви беа најголемите предизвици?
Секој од филмовите се има случено во различна фаза од мојот развој, и личен и како режисерка. Со „Ќе дојдат децата“ најголемиот предизвик ми беше совладувањето на занаетот и познавањето на филмскиот јазик. Со „Неонски срца“ првпат ја сфатив одговорноста и политичноста на филмот, па во тој поглед го сметам за најважно формирачко искуство. „Синиот час“ е филмот во којшто се чувствував најудобно и најсигурно, но со кој исто така се соочив со најслаб прием кај публиката. Со секој следен филм се отвораат нови перспективи на филмската уметност.
На што најмногу се сеќавате од детските и факултетски денови, дали имавте одреден момент кога одлучивте дека ќе бидете режисерка, што најмногу влијаеше на таа одлука?
Јас дојдов во играта подоцна, имав 23 години кога првпат помислив на можноста да правам филмови. Од дете мислев дека ќе бидам писателка и ќе пишувам романи и раскази. ФДУ беше предлог на една моја драга професорка на Катедрата за општа и компаративна книжевност, каде што студирав. Не сум ја напуштила книжевноста, иако активно не пишувам проза.
Живеете на релација Скопје-Лондон и магистер сте по режирање фикција од универзитетот „Голдсмитс“ во Лондон. Како се чувствувате во Лондон, а како тука?
Можеби неочекувано, но тоа што ми го даде Лондон е чувство на заедница и припаѓање. Круг на луѓе кои споделуваат можности, се бодрат меѓусебно и не осудуваат неуспех. Се научив на поинаков систем, каде што натпреварот да се биде подобар не е со некој друг, туку со себеси.
Колку филмовите, особено од ова балканско подрачје што има историја на војни, геноциди, тензии, но и големо влијание од традицијата, соживот во повеќе земји помеѓу граѓаните и патријархални машко-женски улоги во општеството, можат да придонесат за развој на свеста и за општествени промени денес?
Филмот е огледало на реалноста и на актуелниот момент. Во таа смисла, филмот е најполитичната уметност и има голема моќ да влијае на јавниот дискурс. Филмот не е собрание за да изгласа закони, но активно учествува во создавањето услови што водат до нив. Има причина зошто уште се цитираат реплики од „Пред дождот“ во политички дебати кај нас, 30 години подоцна.
Според вас, каква поддршка е потребна кај нас за развој на младите режисерки и сценаристки со оглед на тоа што сè уште доминираат мажите во филмската индустрија насекаде?
Пред сѐ, мислам дека недостигаат женски гласови во јавниот дискурс. Сѐ уште политиките, вклучувајќи ги тука и културните, ги создаваат мажи. Потоа, недостигаат жени на одлучувачки позиции – не е доволно да се промовира еднаквоста меѓу авторките, клучно е таа да следи и од другата страна, кај центрите што одлучуваат: владини тела, комисии, селектори. Конечно, недостига осуда на мизогиноста внатре во индустријата.
Каков е развојот на македонската кинематографија, во каков правец се движиме, со оглед на тоа што голем број филмови изминативе години добија видливост и признанија на светско ниво?
Македонската кинематографија има фантастични успеси по осамостојувањето, филмот навистина е најгласниот амбасадор на нашата култура надвор од границите веќе неколку години по ред. Загрижува намалувањето на буџетот за филм од државата, но и незаинтересираноста на приватните фирми и инвеститори да учествуваат во финансирањето на македонските филмови. Со кампањата за „Нема духови во туѓина“ се обидуваме да го направиме токму тоа, да го разбудиме интересот на приватните инвеститори за филмската уметност.