Вториот роман на Хана Корнети „Илина и шумските тролови“, е ода кон книжевноста, кон она што ја маѓепсувало писателката како дете. Книгата, за големи и мали деца, имаше промоција месецов и може да се најде во книжарницата „Или-или“. Хана нè инспирираше за интервју преку нејзината непосредност, креативност и стил на пишување што нè внесува во поинаков свет. Таа паралелно дипломирала филозофија и историја на ОДТУ, Анкара, а магистрирала културолошки студии на универзитетот „Сабанџи“, Истанбул. И Македонија и Турција ѝ се дома.
Месецов имавте промоција на новиот роман за големи и мали деца, фантазија, „Илина и шумските тролови“. Како ја најдовте инспирацијата за оваа книга, што ве водеше низ пишувањето?
Првичната „инспирација“ ми дојде на сон. Сонував една сцена од која подоцна се разврзаа нишки и се формираше целата приказна. А од детството многу сакам да читам фантазија, само долго време не мислев дека ќе ја пишувам, бидејќи составување на магиски системи ми изгледаше како комплициран зафат. Низ понатамошното пишувањето ме водеше дисциплина, планирање, фантазирање, советување со пријатели кои читаат и така натаму.
Во едно интервју споменавте дека „Илина и шумските тролови“ можеби ќе биде трилогија. Како ги развивавте ликовите во романот и колку се разликуваше пишувањето на овој роман од збирката раскази „Млечни заби“?
„Илина и шумските тролови“ е целина сама за себе, но да – се надевам дека, впрочем, ќе биде прв дел од трилогија. Има некои намерно неодговорени прашања на крајот што би сакала да ги провлечам во следните делови.
За ликовите – некои од нив како да беа подготвени да влезат на страниците. Брзо си развија некаква посебност врз одредени архетипи што мене ми се вртат низ главата. Ми се чини дека книжевноста често е кондензирана верзија на интересните работи во животот. Или интересно раскажување на обичните, секојдневните работи.
Други ликови бараа повеќе труд за да добијат дефиниран карактер. Малку шантраа со одликите. Имав среќа уредникот и некои пријатели кои ги замолив да прочитаат една верзија од текстот да ми го посочат тоа и да разберам каде се нелогичностите и фалинките.
Така што, пишувањето бара многу препишување, дисциплина, работа и луѓе околу себе кои ќе ти дадат добри совети.
За разликата помеѓу пишување на „Млечни заби“ и „Илина“ – расказите за „Млечни“ се за возрасни читатели и беа пишувани индивидуално во период од четири-пет години. Нема намерна поврзаност, поекспериментално се напишани, повеќе шантрам во барањето стил. „Илина“ ја пишував и ја препишував сосредоточено во период од година и половина. Мислам дека, приучена од претходни грешки, сум повнимателна стилски и технички.
Што ви донесе пишувањето на „Млечни заби“, а што „Илина и шумските тролови“? Како се развивавте како авторка низ двете книги?
Со „Илина“ мислам дека конечно стигнав до некое повисоко ниво на самодисциплина во пишувањето. „Млечни заби“ беше како прв чекор кон нешто што го правам речиси цел живот, ама посериозно. „Илина“ е пофокусиран труд и ода кон книжевноста што ме маѓепсуваше како дете. Пишувањето на двете ми донесе многу радост и веројатно некакво надградување. Како и во сите други работи, и за пишувањето треба да се пишува за да се стане „подобар“.
Колку вашето детство и растењето влијаеше на тоа да станете писателка, како почнавте со пишување?
Детството имаше големо влијание. Од мала сакав да ми раскажуваат приказни, потоа сакав да читам и уште од тогаш, многу рано, знаев дека сакам да пишувам. Мислам дека имав шест или седум години кога решив, барем од тогаш паметам. Брзо потоа и ми беше првиот обид да напишам роман во една голема, убава тетратка од братучед ми. Мислам дека стигнав до три поглавја. Кога потпораснав, неколкупати проверив дали желбата за пишување е само на малата Хана или и на големата Хана. Возрасната Хана потврди дека ова е тоа.
Кои ви беа главните и одлучувачки моменти во текот на развојот како авторка, кои ви се поголемите предизвици?
Се инспирирам многу од авторите кои ги читам, во смисла, ме поттикнувале да се враќам на пишувањето. Исто така, сум напишала многу (многу многу) лоши раскази што требало да ги напишам за да знам дека е тешко нешто солидно да се направи и дека „талент“ или инспирација е, навистина, 1% од делото. Дека бара работа. Многу сум благодарна на луѓе кои во тие рани периоди ми давале искрена критика, бидејќи ми помогнало да сум посамосвесна.
Предизвик, досега, со „Млечни заби“, е стигнување до поширока публика (значи, надвор од семејство и кругот на пријатели), но полека и таа книга си го наоѓа патот. Ова е предизвик не заради потребата да се биде афирмиран, туку затоа што кога нешто создаваме за да го споделиме со други, се грижиме делото да не остане осамено. Делата сакаат друштво.
Летово го објавивте и албумот „Голи песни“. Што ви беше водилка низ создавањето на песните и како укулелето се најде како инструмент во целата приказна со музиката?
Песните низ годините ги пишував за мерак, разонода, без план за албум. Укулелето одамна ми се виде интересно и изврбував еден другар да ми донесе укулеле од Англија (тогаш живеев во Турција). Сега го сакам затоа што е лесно за свирење, транспортирање и е солидна заднина за приказните што ги пеам.
Како ги поврзувате пишаниот збор, книгите и музиката и каков пристап имате кон пишувањето книги, а каков кон создавањето музика?
Да се повторам – во совршената музика се наоѓа Бог, а во совршената книжевност се наоѓа човекот. (Секако, не зборувам за моите дела.)
Инаку, за мене лично, музиката е хоби, „издувување“, своевидна терапија што не ми е интересна ако сериозно ја сфатам. Ако си наметнам дисциплина во тоа, брзо ќе се откажам. Затоа ја оставам да биде игра. Пишувањето ми е љубовта на животот и имам сериозен пристап кон него. Иако најмногу уживам во пишувањето, му пристапувам како на работа. Не само инспирација туку и техника, стил, анализа итн.
Колку сметате дека литературата може да придонесе за менување на некои општествени процеси и колку ѝ се дава можност и простор за тоа?
Кога бев мала мислев дека една книга е доволно да го смени светот. Откако пораснав видов дека е вистина – книгите го менуваат светот, начинот на кој размислуваме, комуницираме, вреднуваме. Само светите писма на разните религии се доказ за потенцијалот на книжевноста. Но, и „секуларната“ книжевност го обликува начинот на кој толкуваме, перципираме, се однесуваме.
Книгите се клучни во развојот на нашиот внатрешен свет и апсолутно можат да имаат позитивно влијание на општествените процеси. Но – треба повеќе да се чита. Како држава не сме сјајни во тој поглед.
Влијанието на писателите и авторите може да биде од огромно значење за отворање теми за кои не се зборува многу, имаат можност преку раскажување да прикажат една реална слика за некои случувања, но и да понудат прибежиште, засолниште од разочарувањата во реалниот свет. Колку сметате дека кај нас се вложува и има поддршка за писателите да добијат можност да го овековечат својот збор?
Искрено, изгледа како да има поддршка и не е тешко да се издаде книга во Македонија. Но, тоа што кај нас фали е критика. Мала средина е и луѓето ретко се јавно искрени во своите ставови за книжевните и уметничките дела, можеби од страв да не нарушат односи, не знам. А реална, квалитетна критика би можела на сите да ни е добредојдена за да се развиваме во однос на себеси, не во натпревар едни против други. Пишувањето и, општо, уметноста на секој творец е како потпис, ДНК, уникатен печат. Како животот, така и уметничкиот развој не е трка со други, туку личен маратон.