На 15 октомври, во Галеријата на Факултетот за ликовни уметности – Педагошка, ќе биде отворена изложбата „Превидувања“ на Соња Ставрова, Ивана Секулоска и Ана В’чкова, под кураторство на Тијана Ана Спасовска.
Три различни уметнички практики се среќаваат околу прашања кои истовремено се интимни и општествени: женското тело, невидливиот женски труд и потребата од сигурност. „Превидувања“ тргнува токму од она што често останува незабележано – очекувањата, улогите и обрасците кои со генерации го обликуваат искуството на женственоста.
Што значи да се расте како девојка во свет кој однапред има претстава за тоа како треба да изгледа женското тело, како треба да се однесува жената и колку простор ѝ е дозволено да зазема? И што се случува кога индивидуалното искуство не се вклопува во однапред зададениот калап?
Изложбата го разгледува женското тело како политички и општествен простор – место врз кое се испишуваат норми, се проектираат очекувања и се распределуваат трудот и одговорностите. Од сликите и претставите што сугерираат каква треба да биде жената, преку домашниот труд кој со генерации се подразбира како нејзина должност, до потребата од сопствен, сигурен простор во кој може да постои без постојано приспособување.
Но „Превидувања“ не останува само на препознавањето на овие механизми. Изложбата го отвора и прашањето што се случува кога, наместо секоја жена поединечно да се обидува да се вклопи, заеднички почнуваме да го преиспитуваме самиот калап.
Во таа идеја важно место има женската солидарност. Во општество кое често ги поттикнува жените да се споредуваат и меѓусебно да се натпреваруваат, таа се појавува како можност за поинаков вид отпор: простор за споделување искуства и ранливости, меѓусебно препознавање и поддршка без страв од осуда.
Токму тука се наоѓа и суштината на „Превидувања“ – во обидот видливо да стане она што премногу долго се подразбирало, премолчувало или едноставно се превидувало.
Изложбата ќе биде отворена на 15 октомври во 20 часот, во Галеријата на Факултетот за ликовни уметности – Педагошка, а посетителите ќе можат да ја погледнат до 20 октомври.
„Превидувања“ е поддржана од Министерството за култура и туризам на Република Северна Македонија.





