Софистициран визуелен израз, автентични домашни вкусови и одговорен однос кон природата — ова е формулацијата со која Peaky Box го освои домашниот пазар. Од пакувања од бамбус и еколошки дрвени подлоги, до внимателно одбрани свежи состојки подготвени непосредно пред испораката, нивните кутии се повеќе од храна — тие се целосно естетско и сетилно искуство.
Со Томислав Стевановиќ, ко-основач на Peaky Box, разговараме за развојниот пат од семејната кујна до професионален тим од седум луѓе, за важноста на личната препорака и за филозофијата дека вистинскиот успех се гради со квалитет кој не поднесува компромиси.
Приказната за Peaky Box започнала со еден семеен роденден и спонтаното одушевување на гостите. Во кој момент препознавте дека ова лично искуство може да прерасне во деловен концепт и на што ја темелевте довербата во неговиот потенцијал?
Клучниот момент беа пораките што почнаа да пристигнуваат веднаш по роденденот на ќерката. Луѓето прашуваа дали можеме да подготвиме исто такок кетеринг и за нивните прослави. Кога ги видовме искрените позитивни коментари и одушевувањето, сфативме дека на пазарот недостасува токму тоа: храна што изгледа елегантно, а има вкус на вистинска, со љубов подготвена домашна кујна. Довербата ја темелевме на фактот дека луѓето сакаат автентичност и квалитет во кој можат целосно да се потпрат.



Домашно подготвената храна носи одредени очекувања, но и чувство на блискост и доверба. Како ги пренесувате овие квалитети во понудата на Peaky Box и кои принципи остануваат непроменливи во вашиот пристап кон храната?
Квалитетот е нашиот апсолутен приоритет. Непроменлив принцип е сè што излегува од нашата кујна да биде секогаш свежо приготвено и подготвено со внимателно одбрани, квалитетни состојки, исто како што правиме за своето семејство. Чуството на блискост го пренесуваме преку односот кон клиентите и грижата секој залак да ја пренесе онаа позната топлина на домашната кујна, но во практична и модерна форма.



Претходното искуство во угостителството било значајна основа за вашиот почеток. Колку тоа ви помогна во градењето на Peaky Box, а во кои аспекти создавањето сопствен бренд побара поинаков начин на размислување?
Искуството во угостителството ни ја даде сигурноста во однос на стандардите за подготовка, организацијата и оперативноста. Меѓутоа, создавањето сопствен бренд бараше посвета кон создавање целосно искуство и емоција. Со Peaky Box не продаваме само храна, туку градиме приказна, градиме бренд и градиме сигурност. Тоа бараше поинаков пристап. Од изборот на еколошки пакувања до градење личен однос со секој клиент.
Создавањето препознатлива понуда подразбира рамнотежа меѓу познатите вкусови и сопствениот кулинарски израз. Како пристапувате кон изборот на храната и што сметате дека ѝ дава посебен карактер на вашата понуда?
Посебниот карактер на понудата на Peaky Box произлегува од совршениот спој на три клучни елементи: внимателно одбрани врвни состојки, визуелна естетика и нашата искрена посветеност кон заштитата на животната средина. Наместо стандардните пластични пакувања, ние користиме кутии од бамбус и дрвени подлоги. Решенија кои не само што изгледаат софистицирано на секоја маса, туку нудат практичност и директно покажуваат грижа за природата.
Со ова комбинираме супериорен вкус, свежина и одговорност, претворајќи го послужувањето во комплетно доживување кое ги воодушевува сетилaта и коe долго им останува во убаво сеќавање на сите гости.



Секоја пригода има свој карактер, а секој домаќин различна замисла за своите гости. Како ја приспособувате понудата на тие очекувања и што е најважно да знаете за да предложите соодветен избор?
Најважно ни е да го разбереме типот на настанот, профилот на гостите и атмосферата што домаќинот сака да ја создаде. Нашата цел е понудата да биде идеално димензионирана, сè да биде свежо, разноврсно и практично за консумирање. На овој начин се грижиме за уште еден важен аспект на нашиот концепт: паметно планирање за помалку фрлање на храна, што домаќините многу го ценат.
Преминот од семејна кујна кон тим од седум луѓе носи нови организациски предизвици. Како успевате растот на бизнисот да биде проследен со доследност во квалитетот и со истото лично внимание кон секоја нарачка?
Кога го проширувавме тимот, баравме луѓе кои ги делат истите вредности и страст. Денес, и покрај растот, секој член на нашиот тим знае дека квалитетот не поднесува компромиси. Имаме јасни стандарди за секоја нарачка да се подготви непосредно пред испораката, со што гарантираме максимална свежина и исто ниво на точност и внимание како кога работевме сами.
Препораката од задоволен гостин била почетна точка на вашата приказна. По повеќе од 4.500 услужени клиенти, што научивте за довербата што ја градите со нив и колку нивните навики и сугестии го насочуваат развојот на Peaky Box?
Научивме дека личната препорака е најсилниот доказ за квалитетот и искреноста на тоа што го работите. По повеќе од 4.500 задоволни клиенти, сфативме дека довербата се гради постепено и со многу труд, а се одржува единствено со постојаност во квалитетот, секој ден и за секоја поединечна нарачка.
Нивните позитивни коментари се нашата најголема мотивација и потврда дека го чекориме вистинскиот пат. Неодамна имавме ситуација каде што поради исполнетост на капацитетите не бевме во можност да примиме една нарачка, а клиентката ни врати со порака која длабоко нè допре: „За квалитет како вашиот, вреди и да се почека“
Ваквите зборови за нас се непроценливи бидејќи покажуваат дека клиентите ја препознаваат нашата посветеност и дека Peaky Box за нив не е само храна, туку сигурност.



Кога размислувате за следната фаза на Peaky Box, каде гледате најмногу простор за развој? Што би сакале да внесете како новина, а што сметате дека треба да остане трајно обележје на брендот?
Простор за развој гледаме во уште поголемо проширување на понудата преку нови вкусови. Она што мора да остане трајно обележје на Peaky Box е квалитетот и чувството на сигурност што му го даваме на секој клиент кога го доверува својот посебен момент во наши раце.
Eдноставно е, добра храна поздразбира добро расположение. Тие две одат заедно.





