Со објавувањето на последната композиција од FOLTIN RE:COMPOSED, ја заокруживме серијата од 16 нови интерпретации на музиката на Фолтин. Преку соло изведби и музички соработки, уметници од Македонија и регионот им пристапија на нашите песни од различни перспективи, отворајќи нови звучни и интерпретативни простори.
Последниот збор во оваа музичка размена му припадна на Котарашки, познатиот музички продуцент од Софија, кој повеќепати јавно има кажано дека токму музиката на Фолтин го инспирирала да се занимава со музика. Убав начин да се затвори кругот: една песна добива нов живот во рацете на човек што во музиката на Фолтин препознал причина да ја создава својата.
Од Дина Јашари и Горан Трајкоски, преку Hot Jazz Orchestra, Lufthansa, Next to Silence, Parketi, Prince$$ Donatsu & Donplaya, Васил Хаџиманов, Кристо Роџевски, Летечки Пекинезери, Каролина Гочева и Дуке Бојаџиев, ДЈ Гоце, Љубојна, Моира, Foolish Green, Superhiks и Котарашки секој донесе свое читање на нашите песни. Некој го смени правецот, некој го смени ритамот, некој отвори сосема нова врата. А песните, како што им доликува на песни со сопствен карактер, не секогаш се однесуваа онака како што очекувавме.
FOLTIN RE:COMPOSED е роденденски подарок што го споделивме со сите вас. Шеснаесет наши композиции добија шеснаесет нови музички животи. Не баравме нашите песни да звучат како Фолтин. Сакавме да слушнеме како звучат кога ќе поминат низ некој друг.
Серијата на премиерни објави заврши, но песните остануваат. Достапни за слушање, враќање, споредување, откривање и повторно слушање. Зашто некои песни најинтересните работи ги прават дури откако ќе помислиш дека веќе ги знаеш.
Слушнете ги сите 16 преработки на композиции од Фолтин:
YouTube – https://youtube.com/playlist?list=PLGWICwJ8GdiM&si=7kSB1WFMTOCQb5Ms Spotify – https://open.spotify.com/playlist/6QsST8zOBMpgb8QsRv3cAG?si=H- bmWOWFTjqeT2X3uJMviA&utm_source=copy-link&pi=KHq7_1DaS3SGN
Сингловите се објавени и дистрибуирани под етикетата на домашниот FILTER Label.
А во соработка со Password Production, ова музичко патување ќе добие и своја винилна форма во текот на следната година.
Благодарност до сите музичари што прифатија да влезат во нашиот музички свет и да ни одговорат на свој јазик. До сите што слушаа, споделуваа и ја следеа секоја нова RE: композиција. До Зоран Кардула, кој и овојпат ѝ даде визуелен свет на нашата музичка авантура. И до радио Метрополис, каде што во шоуто „Маја за подварок и менопауза“, со Маја Казакова, секој понеделник премиерно се претставуваше по една композиција.
Триесет години подоцна, сè уште нè интересира што може да ѝ се случи на една песна кога ќе ја пуштиш да си оди.
Изгледа, уште не сме дознале сè.
Фолтин
RE:COMPOSED. RE:INVENTED. NOT FINISHED.





