Јавноста ја познава како нутриционистка, но Симона Коруновска со подеднаква посветеност зборува и за својата љубов кон природата. Од детските спомени на берење шумски јагоди во Маврово до планинското трчање и искачувањето алпски врвови, таа љубов постојано добива нови облици. Нејзината последна авантура започнала со спонтан предлог од другарка и ја одвела до четири врва за само осум дена: Јоф ди Монтазио, Цугшпице, Пиц Бое и Тофана ди Розес.
Овојпат разговараме за нејзиното хоби, за изгрејсонцата што се паметат, тешките ранци и пријателствата што се градат по патот. Но и за мајчинството како мерка за ризикот, за довербата во сопствените можности и за способноста да се восхитуваме на малите нешта.
За само осум дена освоивте четири врва со различна височина и тежина на искачување. Како се роди идејата за оваа експедиција и што ве мотивираше да прифатите толку интензивен предизвик?
Сè започна со спонтан предлог од другарка за тура за која пријавувањето сè уште беше отворено. По природа сум прилично динамична, па оваа година одлучив да поминам одмор малку поразличен од она што вообичаено го подразбираме под класичен одмор. Така започна патешествието на Доломитите и на Цугшпице во Германија.



Јоф ди Монтазио, Цугшпице, Пиц Бое и Тофана ди Розес бараат различна физичка подготвеност и приспособување. Кој од нив најмногу ја стави на испит вашата издржливост, а кој вашата ментална сила?
Сите овие врвови беа убави на свој начин и сосема различни еден од друг. Фотографиите не можат да ја доловат убавината што имавме среќа да ја видиме.
Јоф ди Монтазио беше првиот врв што го искачивме, уште утрото, веднаш по пристигнувањето. Секогаш ќе го паметам по лизгавиот сипар, на кој моравме многу да внимаваме. Тофана ди Розес беше највисокиот од четирите врва, а Пиц Бое за мене беше најубавиот. Таму го дочекавме изгрејсонцето и имавме чувство како да сме на друга планета.
Најголем предизвик, мислам, беше Цугшпице. Го искачувавме последен, кога веќе бевме уморни од претходните денови, а најголемиот дел од нашата патека минуваше преку виа ферата. Таа беше лесна, но многу долга и со голем метеж, бидејќи беше викенд. Овој врв секогаш ќе ми остане во сеќавање и по глечерот, на кој првпат користев дерези.


Во моментите кога телото се соочува со замор, студ и недостиг од енергија, колкава е улогата на умот во одлуката да се продолжи кон врвот?
Би рекла дека студот во ниту еден момент не ни претставуваше проблем, бидејќи времето навистина нè послужи. Условите беа идеални, врнеше само еден ден, а најниската температура беше четири степени. Секако, бевме подготвени и со соодветна опрема, па поголем предизвик беше тежината на ранецот.
Сите носевме прилично тешки ранци, полни со опрема, храна и течности. За мене лично тоа беше најголемото оптоварување. Олеснителна околност при планинарењето е можноста да направиш пауза и да уживаш во природата. Паузите ги договаравме заеднички, како група.
Што се однесува до заморот, сите бевме добро физички подготвени и затоа одлично го поминавме патувањето. Кондицијата во ниту еден момент не ни претставуваше пречка.

Планинарењето често се опишува како внатрешно патување, а не само како совладување височини. Што откривте за себе во текот на овие осум дена?
На ова патување повторно си го потврдив она според кое се водам: животот и не е толку сериозен колку што самите го правиме. Магичен е онолку колку што ќе му дозволиме да биде, преку восхитот пред секоја пеперутка, цвет и боја на небото.
За мене, секој проблем е решлив и секоја тешкотија е надминлива ако успееш да го најдеш вистинскиот пристап. Знам дека звучи како клише, но не го чувствуваш така кога навистина ќе го доживееш. Треба да бидеме благодарни и да уживаме во моментите додека траат, затоа што сè во животот е минливо.
Кога започна вашата љубов кон планината и како со текот на времето се менуваше вашиот однос кон неа, од простор за физичка активност до место за лична тишина, слобода и преиспитување?
Мојата љубов кон планината и природата започна уште во најраното детство. Бев љубопитно дете што се интересираше за секоја бубачка, тревка и животно. Искрено, таква и останав.
Меѓу најубавите спомени ми се берењето шумски јагоди во Маврово со братучетка ми, како и собирањето печурки и планински чаеви со вујко ми. На дваесет години првпат нуркав со боца, што исто така беше восхитувачко искуство.
Во овој период омилена активност во природа ми е планинското трчање, бидејќи во тие моменти сум целосно безгрижна. Мислам дека ако од мали сме во допир со природата, секогаш ќе ѝ се враќаме. Низ годините само ќе ги менуваме терените и активностите.
Природата за мене е храм и секогаш ми е омилена дестинација, без оглед на тоа дали сум тажна или среќна. Затоа, и како мајка, ја користам секоја можност да ги однесам децата во природа. Луѓето ѝ припаѓаат на природата.
Колку дисциплината стекната преку избалансираната исхрана и редовното тренирање придонесува за физичката издржливост и за менталната стабилност потребни при вакви искачувања?
Избалансираната исхрана и редовните тренинзи за мене се многу важни и за психичката добросостојба и за физичката подготвеност. Дури и повеќе отколку што првично мислев. Годините на доследност во овие навики носат поголема самодоверба и верба дека можеш успешно да ги надминеш пречките, и оние во себе и оние што те очекуваат во природата.
Како нутриционистка, како ја осмисливте исхраната пред и за време на експедицијата за да ги одржите енергијата, концентрацијата и способноста за донесување правилни одлуки во тешки услови?
Тоа што сум нутриционистка е огромна предност при авантурите во природа, особено кога се попредизвикувачки. Во текот на сите десет дена од патувањето буквално живеевме со она што го носевме во ранците. Храната ја планиравме за по два дена однапред, на самото место, во маркет, а потоа се пакувавме на паркинг. Имавме среќа што ноќевавме во планинарски домови, па понекогаш и таму имавме можност за оброк.
Главниот фокус беше преку добро испланирани оброци да одржуваме стабилно ниво на шеќер во крвта и да имаме доволно енергија. Оброците требаше да содржат избалансиран однос на макронутриенти за да ги издржиме напорите во текот на сите тие денови. Истовремено, храната требаше да зафаќа малку простор во ранецот, да не биде лесно расиплива и да биде едноставна за подготовка, бидејќи немавме услови за готвење.
Од оваа гледна точка, мислам дека можев и подобро да испланирам, но сепак сум задоволна, бидејќи ова ми беше прво искуство од ваков тип. Следниот пат сигурно подобро ќе знам што да спакувам.
Планината бара храброст, но и зрелост да се препознаат сопствените граници. Како ја воспоставувате рамнотежата меѓу желбата да се стигне до врвот и одговорноста навреме да се забави или да се отстапи?
На патувањето имаше момент што бараше токму таква зрелост и внимателна процена. Бевме осуммина, сосема различни меѓу себе, со различни ставови за многу нешта. Сепак, одлично функциониравме како група и тие осум различни перспективи ги користевме како предност.
Кај мене лично зрелоста доаѓа од мајчинството. Ако сметам дека ризикот не е доволно добро проценет, не го преземам. Водечката мисла во таквите моменти ми е дека имам две деца што ми се најважни во животот и со нетрпение ме чекаат дома.
По четири освоени врва, што останува подолго во човекот, чувството на успех по достигнувањето на целта или личната преобразба што се случува по патот?
По десет дена поминати со истите луѓе, по дваесет и четири часа на ден, мислам дека најдолго ќе останат пријателството и спомените од заедничките моменти на ова патешествие. Верувам дека со години ќе се навраќаме на нив и ќе се смееме.
Врвовите се целта. Го носат чувството на успех и нудат фантастични глетки што се паметат засекогаш, но вистинската забава е самиот пат.




