Скопје во септември ќе добие нов фестивал посветен на современата електронска музика. Првото издание на „Кора“ ќе се одржи на 18 и 19 септември во Кучково, а во продолжение ви го пренесуваме соопштението од организаторите:
-На 18 и 19 септември, во зеленото опкружување на Кучково, на само 30 минути од Скопје, ќе се одржи првото издание на фестивалот за електронска музика „Кора“, во организација на екипата зад скопскиот клуб „Минус Еден“.
Во текот на два дена, под отворено небо, за првпат во Скопје се организира ваков настан кој ќе собере околу 30 локални, регионални и интернационални артисти. Фестивалот е замислен како отворен простор за современата електронска сцена, без строги жанровски рамки, со фокус на внимателна селекција, моќен звук и различни пристапи кон современа електронска музика.
Програмата се движи од сурово и хипнотичко техно, преку електро и необични синт линии, до прекршени ритми, експериментални форми и слоевити музички текстури.
Меѓу интернационалните имиња што ќе настапат на „Кора“ се Matrixxman, Legowelt, Object Blue, InterstellarFunk и Adriana Lopez. Регионалната сцена ја претставуваат Невена Јеремиќ, Little Lu, Sev-Dah и UnDoo, додека од домашната сцена настапуваат Stojche Cvetanovski, Herzel Live, Андреј Мицајков, Душко Јаневски, Васо, Nashasya Kish, DJ Chvare, Diah, Бодан Јамакоски, L.O.V.D., Double G, Ivana Dragsiq, DJUX, Daphunk, Iman Yam, Dejan Dex, Chrisot, MartinaPeneva, Martin Vojdanovski, Tomi Bojadzi, Shef Shef и Egorius.
Огромна благодарност до Општина Ѓорче Петров за поддршката и овозможувањето на реализацијата на фестивалот. Два дена танцување, дружење и слушање добра музика под отворено небо.
Се гледаме на „Кора“.




