Во време кога фестивалите сè почесто се натпреваруваат со големината на продукцијата, „Галика“ тргнува по поинаков пат – оној што вредноста ја бара во внимателно избраниот простор, квалитетната музика и чувството на заедништво.
На 1 август, ранчот за коњи Шерпа во Галичник ќе биде домаќин на првото издание на овој еднодневен фестивал на отворено, зад кој стои македонската издавачка куќа Bare Minimum. Нивната визија е многу поширока од организација на музички настан – тие сакаат да создадат долгорочна платформа што ќе ги поврзе современата електронска сцена, природата и локалниот културен идентитет, истовремено отворајќи простор за новата генерација домашни артисти да стане видлива и надвор од границите на регионот.



Токму затоа, изборот на Галичник не е случаен. Со својата препознатлива архитектура, богатото културно наследство и пејзажите на Националниот парк Маврово, ова место одамна претставува симбол на традицијата. „Галика“ ја надградува таа приказна, создавајќи современ културен контекст во кој природата не е само сценографија, туку активен дел од целокупното искуство.
Првото издание го предводи BASHKKA, едно од највлијателните имиња на актуелната европска електронска сцена. Родена во Минхен, а порасната во Њујорк, таа е препознатлива по својот неконвенционален музички израз и настапите во култни клубови и фестивали како Panorama Bar, Fabric, Glastonbury, Dekmantel и Nuits Sonores. Нејзиното присуство на програмата претставува јасна определба фестивалот уште од самиот почеток да постави високи уметнички критериуми.


Покрај неа, настапуваат Aceedo & Sasho Uzun, Emi Ermilova, MADAMI (live), Mongo & Omaru и Soul Case – артисти што ја претставуваат современата регионална сцена преку различни музички сензибилитети, но со заедничка посветеност кон автентичниот звук.
Во таа насока е и техничката продукција. Фестивалот ќе користи премиум d&b audiotechnik систем, обезбеден од Phonolux, со што квалитетот на звукот станува еднакво важен дел од концептот како и самата музичка програма.

„Галика“ не се обидува да биде најголемиот фестивал во регионот. Нејзината амбиција е да стане препознатливо место на кое луѓето доаѓаат поради внимателно курираното музичко искуство, извонредната природна околина и чувството дека културата најсилно се доживува тогаш кога е во вистински дијалог со просторот во кој се создава. Доколку оваа визија продолжи да се развива, Галичник би можел да добие нов културен белег – фестивал кој ќе го позиционира не само како чувар на традицијата, туку и како место каде современата музика добива сосема ново значење.




