Македонскиот филм „Нема да ви се верува што се случи претходно“, дебитантско долгометражно остварување на режисерот Срѓан Јаниќијевиќ, ќе ја има својата светска премиера во официјалната конкуренција на Меѓународниот филмски фестивал во Олденбург, Германија.
Од фестивалот официјално потврдија дека филмот, кој меѓународно ќе биде претставен под насловот „You Won’t Believe What Happened Before“, е избран во официјалната натпреварувачка програма и ќе конкурира за фестивалските награди.
Фестивалот ќе се одржи од 16 до 20 септември 2026 година и повеќе од три децении важи за една од најзначајните европски платформи за независна кинематографија. Во меѓународните филмски кругови е познат како „Европскиот Санденс“, додека The Hollywood Reporter го опишува како водечки германски фестивал на независниот филм и едно од задолжителните места на европската фестивалска сцена.
„Нема да ви се верува што се случи претходно“ е политички трилер со елементи на црна комедија, кој ги истражува темите на вистината, слободата на новинарството и борбата за зачувување на личниот и професионалниот интегритет во општество каде што политиката, криминалот и медиумите се длабоко испреплетени.
Приказната следи двајца новинари вовлечени во свет исполнет со корупција, злоупотреба на моќта, политичка хипокризија и скандали, каде што секој обид да се открие вистината отвора нови морални дилеми и носи сериозни лични последици.
Идејата за филмот е на Срѓан Јаниќијевиќ, додека сценариото го потпишуваат Сашо Кокаланов и Дејан Дуковски. Главните улоги ги толкуваат Никола Ристановски и Дарја Ризова, а во актерската екипа се и Сашко Коцев, Сара Сандева и Оливер Митковски. Директор на фотографија е Дејан Димески.
Филмот е финансиран од Агенцијата за филм на Република Северна Македонија. Извршен продуцент е Сашо Пешев, а продукцијата ја реализираат „Ново македонско видео“ и „Њу момент“.
Според режисерот Јаниќијевиќ, едно од централните прашања што ги отвора филмот е колку е возможно човек да остане „чист“ во средина во која вистината постојано се приспособува на интересите на моќниците.
Сценаристот Сашо Кокаланов нагласува дека филмот не претендира да биде целосна слика на македонското новинарство, туку преку конкретна приказна отвора пошироки прашања за односот меѓу медиумите, политиката и општеството.
Изборот во официјалната конкуренција на Олденбург претставува значаен меѓународен почеток за филмот, кој своето фестивалско патување го започнува на манифестација препознатлива по поддршката на бескомпромисни авторски гласови, независни продукции и дебитантски остварувања.




Главната фестивалска награда, German Independence Award – Best Film, се доделува на најдоброто независно долгометражно остварување, а фестивалот традиционално доделува признанија и за режисерска храброст, оригиналност, дебитантски филм и актерски достигнувања.









