Во свет кој постојано нè тера да брзаме, каде фитнесот често се сведува на исцрпувачки повторувања, броење калории и површна естетика, се појавува потребата од простор кој нуди нешто сосема поинакво — свесност, баланс и длабока трансформација. Токму такво катче е WE RE:FORM, интимно реформер пилатес студио кое за многу кратко време стана синоним за грижа на едно повисоко ниво.
Зад оваа приказна стои Бојан Павлов, сертифициран инструктор кој својата страст кон аутдоор спортовите и функционалниот фитнес ја преточува во метод на прецизност и контрола. За Бојан, реформер пилатесот не е само моментален социјален тренд, туку долгорочна филозофија на движењето. Во простор каде секој детаљ — од осветлувањето и мирисот, па сè до ограничениот број на вежбачи — е внимателно одбран со цел да се создаде ментално растоварување, тој и неговиот тим градат заедница која одново учи да му верува на сопственото тело.
Во ова интервју, разговараме со Бојан за неговиот личен пат, за рушењето на митовите дека пилатесот е „лесна и само женска дисциплина“, за терапевтската моќ на реформерот во ера на дигитален стрес и за визијата со која WE RE:FORM го редефинира начинот на кој вежбаме и живееме.
Како вашето лично искуство со пилатесот влијаеше врз одлуката да го создадете We Reform како простор кој не е само студио за вежбање, туку и место за свесна трансформација на телото и умот?
Доаѓам од свет на аутдоор спортови и функционален фитнес, каде телото е постојано под оптоварување. Кога за првпат почнав да работам на реформер, увидов нешто што другите методи не ми го дале – прецизност во движењето, подобра контрола на телото и значително подобрени перформанси во сè останато што го правам. Тоа не беше само уште еден тренинг, туку начин да го разберам сопственото тело на подлабоко ниво. Почувствував промена не само физички, туку и во начинот на кој размислувам за движењето, за здравјето, за тоа што значи навистина да функционираш добро. Токму тоа искуство ме мотивираше да создадам простор каде и другите ќе можат да го почувствуваат истото. WE RE:FORM не е замислен како класично студио каде доаѓаш, се испотиш и заминуваш. Сакавме да изградиме место каде луѓето свесно работат на себе – на своето тело, на својот ум, на својата секојдневна рутина. И сакавме тоа да биде достапно за сите, не само за оние кои веќе го познаваат пилатесот.


Реформер пилатесот во последните години станува сè поприсутен кај нас, но често погрешно се перцепира како тренд. Што, според вас, го прави оваа метода долгорочно релевантна и суштински различна од класичните фитнес програми?
Разбирам зошто некој однадвор може да го перцепира како тренд – последниве години реформерот стана многу повидлив, особено на социјалните мрежи. Но реалноста е дека оваа метода постои со децении и континуирано расте, а тоа не се случува со трендови. Трендовите исчезнуваат кога ќе помине возбудата. Реформерот останува затоа што дава реални, долгорочни резултати.
Суштинската разлика е во пристапот. Класичните фитнес програми најчесто се градени околу интензитет, повторувања и видливи естетски промени. Реформерот работи на друго ниво – ги активира длабоките стабилизатори, ја подобрува мобилноста, го коригира држењето и те учи да се движиш прецизно и контролирано. Резултатите не се само визуелни, туку функционални – ги чувствуваш кога одиш, кога седиш, кога правиш било каква друга физичка активност.
Јас лично тоа го доживеав на сопствено тело. Како некој кој години наназад е активен во аутдоор спортови и функционален фитнес, реформерот ми покажа колку работи ми недостасувале – контрола, баланс, свесност за движењето. Не го заменив она што го правев претходно, но реформерот го направи сè останато подобро. Затоа не зборувам за тренд, туку за метода која има суштинска вредност и која останува релевантна без разлика колку се менуваат фитнес трендовите околу неа.


Како сертифициран инструктор, на кој начин ја балансирате техничката прецизност на методата со индивидуалните физички и емоционални потреби на секој клиент?
Техничката прецизност е темелот на сè што работиме – без неа, движењата го губат својот ефект и смисла. Реформер пилатесот е метода која бара точност, правилна активација и контрола во секој момент. Тоа никогаш не го компромитирам.
Но прецизноста не значи дека секој клиент мора да изгледа исто додека вежба. Секое тело е различно – со различна историја, различни ограничувања, различни цели. Некој доаѓа со хронична болка во грбот, некој е активен спортист кој сака да ги подобри перформансите, некој за првпат во живот влегува во студио. Мојата задача е да ги препознаам тие разлики и да ја прилагодам секоја вежба така што техничкиот принцип останува ист, но изведбата одговара на човекот пред мене.
Затоа работиме во мали групи од максимум пет лица. Тоа ми дава можност навистина да го видам секој клиент, да корегирам во моментот, да понудам модификација или поголем предизвик – зависно од тоа што му треба. Не е доволно само да покажеш вежба и да бројиш повторувања. Треба да слушаш, да набљудуваш и да реагираш.
А емоционалниот дел е подеднакво важен. Луѓето доаѓаат со различно расположение, различно ниво на енергија, понекогаш и со несигурност дали воопшто можат да го направат она што се бара од нив. Мојата улога е да создадам средина во која се чувствуваат безбедно и поддржано, за да можат целосно да се посветат на тренингот. Кога клиентот има доверба во инструкторот и во процесот, тогаш доаѓаат и резултатите.
Во време кога луѓето сè повеќе живеат под стрес и во дисконекција со сопственото тело, дали сметате дека пилатесот денес има и терапевтска, а не само естетска улога?
Дефинитивно. И мислам дека токму тука лежи една од најголемите вредности на реформер пилатесот која често се превидува.
Повеќето луѓе кога ќе помислат на тренинг, првата асоцијација им е естетиката – да изгледаш подобро, да ослабиш, да се затегнеш. И да, реформерот го дава тоа. Но она што се случува во текот на еден час оди многу подлабоко од визуелната промена.
Живееме во време кога луѓето поминуваат часови седејќи, свиткани над екран, носејќи стрес во телото без воопшто да бидат свесни за тоа. Грбот е стегнат, дишењето е плитко, телото е во постојана тензија. Реформерот те враќа назад во сопственото тело. Те принудува да забавиш, да дишеш правилно, да го контролираш секое движење. Тоа бара присутност – не можеш да размислуваш за
десет други работи додека вежбаш на реформер. И токму таа присутност е терапевтска.
Кај нас клиентите после час редовно кажуваат дека се чувствуваат поинаку – не само физички, туку ментално. Полесно, посмирено, порасчистено. Тоа не е случајност. Кога му даваш на телото контролирано, свесно движење, го ослободуваш и умот. Не тврдам дека пилатесот заменува терапија или медицински третман, но тврдам дека свесното движење има огромно влијание врз целокупната состојба на човекот – и физичка и ментална. Во денешно време, тоа е можеби поважно од кога и да е.
We Reform нуди и индивидуални и групни тренинзи. Како се менува динамиката, мотивацијата и самиот пристап кога работите еден на еден, во споредба со енергијата што ја создава групата?
Двата формати имаат своја вредност и затоа од самиот почеток одлучивме да ги нудиме и двата.
Индивидуалниот тренинг е целосно посветен на еден клиент. Тука имам можност да навлезам во детали кои во група едноставно не се возможни – да работам на специфични слабости, да го прилагодам темпото во целост, да посветам повеќе време на одредена вежба ако е потребно. За луѓе кои имаат конкретни цели, се враќаат од повреда или сакаат побрз напредок, персоналниот тренинг е идеален. Пристапот е целосно прилагоден и фокусот е неподелен.
Групните тренинзи носат сосема поинаква енергија. Кога во просторот имаш пет лица кои работат заедно, се создава динамика која те движи напред – некој вид на тивка, заедничка мотивација. Не се натпреваруваш со другите, но нивната посветеност те поттикнува да дадеш повеќе од себе. Со време, тие луѓе почнуваат да се препознаваат, да се поздравуваат, да доаѓаат на исти термини. Се создава заедница, а тоа беше една од основните идеи зад WE RE:FORM уште од самиот почеток.
Како инструктор, мојот пристап се прилагодува на форматот. Во персонален тренинг сум поаналитичен, подетален. Во група сум поенергичен, повеќе насочувам, но секогаш внимавам на секој поединец – затоа и групите се ограничени на максимум пет лица. Тоа е доволно за да се создаде групна енергија, а доволно мало за никој да не се изгуби.
Колку е важно просторот во кој се вежба да има сопствена естетика и атмосфера, и дали внимателно дизајнираниот амбиент може да влијае врз дисциплината и целокупното искуство на клиентите?
Повеќе отколку што повеќето луѓе претпоставуваат. Просторот не е само позадина за тренинг – тој е дел од целото искуство.
Кога некој влегува во студио кое е промислено, чисто, со смирена атмосфера и јасна естетика, нешто во него се менува уште пред да почне тренингот. Се спушта темпото, вниманието се насочува навнатре, се создава ментален простор за фокус. Тоа не е случајно и не е луксуз – тоа е намерно дизајнирано искуство. Кај нас секој детаљ е избран со цел: осветлувањето, бојата на ѕидовите, чистотата на просторот, музиката, дури и мирисот. Сè заедно создава амбиент кој ти кажува – ова е твоето време, биди тука целосно.
Од друга страна, ако просторот е хаотичен, прегласен или безличен, многу потешко е да се постигне таа длабочина на фокус што реформер пилатесот ја бара. Ова е метода која се базира на прецизност и контрола – и средината мора да го поддржува тоа.
А има и еден друг аспект кој е поврзан со дисциплината. Кога луѓето сакаат да бидат во одреден простор, кога им е пријатно, кога чувствуваат дека тоа место е создадено за нив – тие се враќаат. Не само поради тренингот, туку поради целото искуство. Тоа директно влијае на редовноста, а редовноста е основата на секој резултат. Можеш да имаш најдобра метода на свет, но ако клиентот не се враќа доволно често, резултатите нема да дојдат. Просторот е тивок, но моќен фактор во тоа колку некој ќе остане посветен.
Во вашата работа, што е најчестата заблуда што луѓето ја имаат за сопственото тело и како пилатесот им помага повторно да изградат доверба во него?
Најчестата заблуда е дека нивното тело не може. Не може да биде флексибилно, не може да биде силно, не може да се промени. Луѓето доаѓаат со години натрупани ограничувачки верувања за себе – „јас сум крут”, „јас немам координација”, „ова не е за мене”, „јас сум престар за вакво нешто”. И тоа е разбирливо, бидејќи повеќето никогаш не биле во средина која им дала можност да го откријат спротивното.
Втората голема заблуда, која е директно поврзана со нас, е дека реформер пилатесот е лесен, дека е само истегнување и дека не е за сериозен тренинг. Особено кај мажите постои отпор – мислат дека ова не е за нив. А потоа дојдат на еден час и сфатат дека не можат да ја контролираат ниту основната вежба онолку колку што мислеле дека можат. На реформерот се работи сила, стабилност, издржливост и контрола – и тоа на начин кој е многу поинтензивен отколку што изгледа однадвор.
Кај нас вежбаат спортисти, пензионери, луѓе кои никогаш не тренирале, мажи и жени подеднакво. И кај сите нив гледам ист момент – моментот кога ќе направат нешто за кое мислеле дека не можат. Тој момент е пресвртница. Не затоа што
вежбата сама по себе е толку значајна, туку затоа што го менува односот на човекот кон сопственото тело. Од „не можам” преминува во „можам повеќе отколку што мислев”.
Пилатесот гради доверба постепено. Не преку екстремни предизвици, туку преку контролиран напредок. Секој час си малку подобар од претходниот, секој час телото ти покажува нешто ново. И со време, таа доверба се пренесува и надвор од студиото – во начинот на кој се движиш, стоиш и се чувствуваш во сопствената кожа.
Ако треба со една филозофска мисла да ја опишете суштината на реформер пилатесот и визијата зад We Reform, како би звучела таа?
Не го менуваме телото – му помагаме да се врати кон она што веќе знае да го прави. Секое тело носи потенцијал кој чека да биде пробуден. Нашата работа е да создадеме простор, внимание и движење кое тоа ќе го овозможи. WE RE:FORM значи ре-формирање – не создавање нешто ново, туку враќање кон суштината, свесно, контролирано, секој ден по малку. Промената не се случува преку ноќ, но секој час на реформерот е чекор кон подобра верзија на себе. А кога тоа го правиш во заедница на луѓе кои го делат истиот пат – тогаш тоа престанува да биде тренинг и станува начин на живеење.





